Скопје е град кој во континуитет се развива и шири. За жал, промените кои се случуваат не ги прати паралелно во развојот и севкупниот транспорт. Ниту инфраструктурата, ниту превозните средства.
Толку што ме држи сеќавањето, од независност до сега ова се следните обнови на возниот парк: 50тина автобуси во 90тите, во два наврати во првиот мандат на Коце Трајановски, преку Владата, (100 украински, и 200 и нешто двокатни кинески и мали минибуси) и последните 33 во времето на Шилегов.
Тие првите(од 90тите) се речиси сите вон употреба, а и оние кои се од пред 10тина години, дел се вон стројот. И тоа е единствениот начин на организиран јавен сообраќај го градот. Нема други варијанти, опции, можности, алтернативи. Не се следи развојот на градот, новите населби со стотици и илјадници згради, туку едноставно само се продолжува некоја линија или се пушта почесто или поретко возило. Имам впечаток дека секоја следна структура која се занимава со оваа проблематика, прави само некаков континуитет на тоа што веќе било, но и дека никој од нив никогаш не користел јавен градски превоз. Има цели делови од градот за кои треба неретко и три автобуси да користите, или возењето да ви трае во гужвата и по час и половина, додека одредени трансферзали како Аеродром и Карпош имате еден куп автобуси и тоа на неколку минути. Не случајно овие два дела од Скопје се и најразвиени, најпосакувани, а и цената на квадратот е највисока.
Дури и концептот на Шилегов за бас рапид транзит (БРТ) беше токму меѓу Аеродром и Карпош, што според мене е утка невидена. Зошто? Го оправаш превозот, таму каде што немаш проблем, а ќе потрошиш со се дополнителните трошоци, 100 милиони евра. Плус ќе ја отстраниш целата вегетација по пат, ќе го успориш остатокот на сообраќајот, линијата ќе ти оди врз главната цевка за водоснабдување на Скопје, и народот ќе река автобус на сред булевар на есен и в зима кога врне и кога дуваат огромни и силни ветрови. Остатокот од Скопје требало да ги носи луѓето до овие линии, значи повторно форсирање и давање приоритет на Карпош и Аеродром.
Мојот предлог е сосема по различен. Скопје има проблем со транспорт на луѓето од предградието. Онаа работничка класа, која во изминатите 50тина години градеше куќи во селските и приградските средини, онаа класа која ден денес се бори за канализација, за асфалтирање на уличките, и за превоз! Тие се тие кои одат на работа со автобус. Тие се тие кои работат во смени. Тие се тие кои менуваат по неколку автобуси, чекаат по пола сат/сат, се возат со крнтии…
Дали оние кои живеат во центарот на градот се свесни колку луѓе живеат во Драчево, околината на Драчево и натаму, во општина Гази Баба во делот после Маџари кон Ергеле, Трубарево, Јурумлери, Гоце Делчев, Петровец, во општина Илинден и комплет сите нејзини населени места, во продолжение на ГеГе и Даме Груев итн.
Скопје мора да ја користи пругата, Железничката станица во центарот на Скопје, и приградските станици, и да креира неколку нови. Мене ми е небулозно да во центар на град имаш 8 9 перони, станица која лебди во воздух и оди во два правци, да не биде искористена за забрзување и олеснување, пред се на приградскиот јавен превоз. Самата Железничка е во строгиот центар на Скопје. Огромен дел од објектот и инфраструктурата и не се користи. Замислете, место да патување 40-50 минути, па и повеќе, до Драчево, да со две три застанувања, стигнете за 15 минути. Истото е и до Трубарево и Јурумлери, истото е и до Даме Груев или Ѓорче, преку Железара и Скопје Север. Државата и Градот можат од постоечките линии да направат продолжетоци и до некоја друга населба, а нема да чини многу градски воз да има и до самиот Аеродром Петровец. Да не му се случува на народот да го чекаат ноќа аеродромските таксисти кои ти велат дека до Скопје е фиксно 1500 денари, ама доколку по пат одите двајца па едниот е во Железара, а другиот во Карпош, е тогаш е 2000 денари. Превоз до Скопје, по скап од авионскиот билет.
За почеток доволно е да се репарираат и пренаменат стари вагони, а во периодот кој следи или да се купат нови или од некој поголем град кој менува гарнитури да ни се отстапат. Ова е наједноставно и најекономично решение. Плус ќе овозможи многумина од предградијата да се откажат од користење коли, туку брзо и безбедно да стигнат до центарот на Скопје, а кола да користат само до локалната железничка станица.
Скопје мора да направи план за брз и функционален превоз. Населбите кои гравитираат околу Водно (Нерези, Козле, Трнодол, Жданец, Водно, Пржино, Црниче, но и Сопиште и делот зад планината Водно) треба да имаат мали минибусеви, место актуелните, а да ги има почесто, па макар биле предни линии, кои населението ќе го спуштат само да главните сообраќајници, или зграда на општина или здравствен дом. По новите сообраќајници кои се пробиваат мора да има нови линии, и се надевам дека за некоја година, или како подземната зар Рамстор и Музеј на Град Скопје, под објектите на Лимак, ќе направи градскиот превоз да не зависи од тоа дали ќе има некаков штрајк или митинг во центарот на градот.
Градот мора да најде начин во брзо време да ги исклучи од сообраќај старите автобуси, пред се „приватњаците“. Или да купат нови, или да им се заблагодари за соработката до сега и толку. Не личи луѓе да се возат во такви возила. Кој се качил на 9ка, 19ка или 20ка, знае што зборувам.
Градот и државата мора да најде начин да се обезбедат нови возила, чии трошоци ќе бидат економични, со затемнети стакла ради високите температури во лето, и климатизирани.
За крај за концептот за бесплатен превоз. Се служувам дека тоа треба да се направи, затоа што не оди некој да плаќа постојано, друг никогаш. Затоа и имаш ситуации каде во системот на ЈСП на линија 9ка имаш во возилото 10-15 души, а во реалноста 100.
По мене најразумно е да Скопје има солидарен превоз. Сите кои живеат на територија на Град Скопје и општините кои гравитираат кон него (Арачиново, Чучер Сандево, Илинден, Сопиште, Петровец, Зелениково, Студеничани), а се во редовен работен однос, сметководствено да плаќаат по симболични 5 евра за организиран јавен превоз. Тогаш сите ќе знаат дека истиот им следува, ќе можат неограничено да се возат и прекачуваат на која сакаат линија, а дали ќе ја користат поволноста, останува до нив. Лично мислам дека никој, дури и оној со најниски примања нема да се побуни за 5 евра (знаејќи дека сега дава 25 евра за слободна) ниту пак оние со плата од 1000-2000 евра знаејќи дека Скопје ќе може да биде функционален град со брз и ефикасен превоз.
На Скопје му треба целосна промена и реорганизација на јавниот превоз, стратегија за барем 20 години напред, која ќе го следи развојот на градот, поврзаноста со училишта, индустриски зони, здравствени установи, седишта на општини и други институции. Се надевам дека некој ќе седне и посериозно ќе се позанимава со овие теми и предлози кои ги отворив.
П.С. За велосипедските патеки, такси превозот и сите други форми на транспорт, во некоја следна прилика.
Александар Ристевски