петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

РЕ – ФОРМА

РЕ – ФОРМА

Илузија, според Вујаклија, преставува измама во која предметот се перцепира различно отколку што е во реалноста, токму такви се и нашите тридецениски ре (префикс кој означува назад, против, повторно) – форма (облик, изглед, надворешна страна).  Секако, научно гледано, а тоа психолозите посебно добро го познаваат, постојат перцептивни и когнитивни илузии при што особено овие вторите се засновани врз потребата на мозокот да препознава едноставни познати нешта.

Во оваа колумна ние постапуваме во духот на етимолошкото значење на зборот ре-форма, спротивно од битието, суштественото. Во духот на Музил „Погледнато формално, се е нормално…Погледнато нормално, се е формално“. Односно, би сакал да ви предочам дека создавањето илузија на едноставни нешта кои како навика сакаме да ги перцепираме претставуваат совршена „почва“ за создавање на обрната слика на вистинските нешта.

Пример: реформите во т.н. безбедносен сектор, од УДБА преку СДБ и УБК до АНБ и ПОДУ-АР (колку смешен акроним за една разузнавачка служба). Постојано се менуваше формата без суштествена промена на нивната ангажираност и пред се методологија на работа соодветна на времето и современите ризици и закани врз безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните. Се сеќавате ли на оној „Реј бан“ министер кој направи суштествени реформи во МВР од Милиција во Полиција и воведување на коњица, или пак на „Слаткарот“ кој ги замени шапките со безбол капчиња, е тоа беа реформи – суштествени нели. Се во стилот на сликарската техника “Trompe Loeil” (излажи го окото). Развивајќи ја ре-формата до совршенство успевме да создадеме неколку форми на една ствар, па денес имаме Полиција за ЈРМ, гранична, сообраќајна, шумска, судска, финансиска, затворска, простете доколку некоја пропуштив. Резултатите на овие силни полиции се видливи или поразителни со на пример 10% успешност во откривање на сторени кривични дела, а да не зборуваме за превенирани извршувања на истите. Односно, истото се случуваше и во останатите простори од нашето општествено живеење.

Со „многу труд и напор“ успеавме да ја мултиплицираме државната администрација создавајќи над 1500, разно-разни, државни институции. Да, да, добро прочитавте 1500 (илјада и петстотини) државни институции. Никој не веруваше но, Ние „успеавме“, да ја создадовме нашата „Химера“. Можете ли да предпоставите колку логистика е потребно (секако и пари) за да го одржиме во живот нашиот „октопод“, плод на нашите Ре-Форми.

Денес се актуелни дискусиите за Ре-Форма на изборниот систем, кои, за волја на вистината, се случуваат „во очи“ на секои  избори, повторно сите зборуваат за формата. Што секако е многу логично, во тридеценискиот период не успеавме да создадеме класи, но затоа пак создадовме касти  (судска, бирократска и  политичка). Кастите, по правило, се насочени кон промена на формата, заради своето суштествено опстојување. Еве или, согласно новиот македонски политички вокабулар, ајде ре-формата нека биде во намалување на бројот на пратеници нека бидат 72, или од секоја ИЕ по 12 „величествени“ кои на своите плеќи би носеле 15-20 илјади гласови. Знам дека за реализација на овој предлог се потребни Уставни измени и свесен сум дека нема да се најдат доволен број или поточно ниту еден од „парламентарното мнозинство за да ја „протнат“ оваа иницијатива, па ако се против сопствената татковина Македонија и сопствениот Македонски народ сигурно не се против самите себеси што го покажаа на дело. Со истиот буџет на 72 пратениции ќе им ја зголемиме платата па, се надевам, ќе престанат да го зголемуваат својот приход со разни итроштини.

Но, доколку зборуваме за суштествени реформи, треба да се насочиме кон исполнување на основниот постулат на демократијата- „Демократијата е управување на народот, од народот и за народот” – Абрахам Линколн. Па во контекст на она „од народот“, предлагам да се воведе електронско гласање што е пак во контекст на дигитализацијата на општеството како еден сегмент.  Секако дека за ова имам неколку цврсти оправдувања, покрај осовременувањето на државата Македонија и нацијата:

Прво системот ќе се користи повеќе пати и ќе биде поевтино од печатење на избирачки ливчиња, бидејќи просечно приближно 40% од ливчињата се фрлаат неискористени;

Второ, ова е и во духот за заштита на природата, за да не рециклираме што пак е наша вродена навика;

Трето,  ќе се надминат аномалиите и притисоците врз избирачите-граѓаните, нема да биде возможно да се организира т.н. „бугарски воз“, тајноста на гласањето ќе биде 100% заштитена.

Четврто, бројот на лица вклучени во изборниот процес ќе се намали како и нивното оптоварување, обврска и одговорност, посебно при пребројувањето на ливчињата;

Петто, и секако најбитно, во 19.05 часот ќе имаме конечни резултати без можност за дополнителни манипулации или т.н. „изборен –постизборен инжинеринг“.

Дополнително што дијаспората ќе го зголеми учеството во изборите, можност преку својата ИП адреса да гласаат од дома. Ова како мој предлог за Ре-Форма на избирачкиот процес, кој се сомневам дека ќе се земе за разгледување.

Но, да се вратиме кон неуспешните експерименти наречени  Ре-Форма, прашањето кое се наметнува и не е хипотетичко е: „Зошто се формални, без суштествени промени“?

Едноставно, во „светот на возрасните“ секоја организација, партија, народ, држава го темели својот опстанок и особено иднина врз она што со векови се таложело во „ќупот на мудроста“ или т.н. емпирија, колективно искуство на една нација, народ, држава, втемелено на датуми и важни случувања, без разлика на позитивните или негативните улоги на поединци, а што во цивилизираниот свет се прифаќа како белег на едно историско време и собитија. Впрочем, зошто ни се важни Алексндар, Св.Климент, Самоил, Карпош, Гологанов, Гоце, Даме, Питу, Сандански, Александров, Ченто, Илинден, АСНОМ, 2-ри август, 8-ми септември, преродбениците, илинденците, партизаните, владите, институционалната меморија, итн? Затоа што Тие го полнеле и го полнат  нашиот „ќуп на мудроста“. Но, некој тоа никако да го разбере, се во стилот на балканските итромани, неразумни егоисти и егоцентрици, според кои светот започнува од нив, никаков континуитет, со презир се гледа кон „ќупот на мудроста“ и постојано се бара туѓата мудрост и искуство, а врз сопствената се плука, омаловажува и отфрла како крајно непотребна.

Затоа, не е чудо што наликуваме на оној „пијан автобус“ на академик Старделов:  „Нашата политичка историја прилега на некој стар балкански пијан автобус што брза и кружи низ Македонија во балканската темна ноќ како некое сениште, а во него, на некои постојки, едни се качуваат, други се симнуваат, едни се уфрлуваат, а други се исфрлуваат.“

Вонреден професор д-р Оливер Андонов