четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Реформи, еволуција и обединување

Реформи, еволуција и обединување

Секоја генерација има своја борба, секоја генерација има свое време, времето носи различни предизвици а со тоа и различен начин на делување, покрај товарот секоја генерација носи и одговорност кон делото за кое се обврзала дека ќе ја продолжила борбата.

Денеска често ќе чуете дека ВМРО е врежана во македонскиот код, но тоа почесно место Организацијата го добила заради способноста својата борба и начин на делување го менува и прилагодува согласно приликите. Благодарение на тоа Организацијата опстојала над 120 години, но уште поважно од нејзиното опстојување е опстанокот на идејата која е жива до ден денешен. Доколку ВМРО не еволуирала согласно приликите денеска таа ќе беше само еден мал дел од историските учебници и немаше да го има тоа посебно место кај секој од нас.

Во моменти кога на власт имаме луѓе на кои единствен приоритет им е политички прогон на неистомислениците, а благосостојбата на граѓаните и државните интереси им се во втор план, повторно ВМРО ДПМНЕ е таа која, тргнувајќи од себе, правејќи промени во сопствените редови, ќе доведе до промени и во државата.

На луѓето кои ги следат политичките текови и знаат да ги препознаат политичките пораки веќе им е јасно дека во Валандово на 16. Конгрес се најави ново време и енергија во ВМРО ДПМНЕ. Време на обединување и помирување, време на политички натпревар, консолидација и политичка борба за економски напредок на државата.

ВМРО ДПМНЕ и понатаму останува на своите корени како партија која го урна едноумието и го навести плурализмот и демократијата во Македонија. Токму заради овој принцип, се започна со процес за измена на Статутот на ВМРО ДПМНЕ кој треба да резултира со зацврстување на партиските органи, нивна поголема независност и дополнителна демократизација на партијата. Во истиот процес секој член ќе може да каже како ја гледа партијата во идниот период и како треба да делува партијата во иднина.

Моментално имаме Влада која само декларативно и популистички се залага за евроатлантските интеграции на Македонија, истовремено се зголемуваат даноците, драстично опаѓа бруто домашниот производ, странските инвестиции се само спомени од блиското минато, луѓе се бркаат од работа, секојдневно се доведува во прашање безбедноста на граѓаните. Одговорот на сето ова, поточно дефокусот, власта го пронајде во прогонот на сите кои не размислуваат исто како нејзе и сите кои размислуваат патриотски за својата држава. Економското тонење на државата не асоцира на инеграции и „живот“, тоа е уништување на достоинството на граѓаните кои така скршени би требало да прифатат се што Владата ќе им наметне.

Сите внатрепартиски дискусии и иницијативи за функционирањето на ВМРО ДПМНЕ треба да не направат помоќни и пообединети. Кога државата се наоѓа во ваква опасност одговорот е ВМРО ДПМНЕ, за одговорот да биде соодветен потребно е обединување и вклучување на сите капацитети, тргање настрана на суетите, недоразбирањата, подметнувањата. Потребна е многу работа и соработка.

СПОСОБНОСТА ЗА ЕВОЛУИРАЊЕ

На почетокот спомнав за способноста на ВМРО да еволуира, текот на нејзината еволуција, во една реченица, би бил следниот: Организацијата започнала како тајна револуционерна, дел од нејзините тела подоцна започнале да делуваат и класично политички, преминала во терористичка организација, до пред 27 години ВМРО беше илегална опозиција во државата со свои јасни политички ставови и програма, за на крај истата да еволуира во легална политичка партија која го навести плурализмот и демократијата во Македонија. Некој ќе каже дека ова е „само“ историја, но на секој мудар политичар сето ова ќе му ја даде јасната слика како треба да делува во иднина, потребна е еволуција и промена на политиките за да можеме да ја продолжиме борбата за нашата држава и граѓаните согласно новонастанатите прилики.

ВМРО ДПМНЕ и како политичка партија досега имаше неколку крупни промени во својата политика, затоа и прерасна во најголема политичка партија во Македонија. Доколку не ги спроведеше тие промени таа ќе се претвореше во некоја маргинална радикална партија која нема никакво влијание во политиката и повремено излага со некакви соопштенија или свои ставови по одредени прашања. Тогаш ќе беше народната „кучињата лаат карванот си врви“, ќе зборувавме напразно додека се распродаваат националните интереси. Способноста за промени ја прави една политичка партија голема и моќна, се докажа дека ВМРО ДПМНЕ ја има таа способност.