вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

РСМ ни стана новото ФИРОМ (БЈРМ)

РСМ ни стана новото ФИРОМ (БЈРМ)

Имам впечаток дека не така мал број на луѓе, не си ја сакаат сопствената земја и народ, да не речам дури, ја мразат. Исто така, не е мал ни бројот на оние вазали и поданици, кои се толку сервилни и политички коректни, што се спремни да се самоукинат, за да некого „демек“, не навредат.

Јасно е ко бел ден, сменето е името на државата и секаде како држава фигурираме како Северна Македонија или Република Северна Македонија. И да, тоа е задолжително за претставување на официјално на државата, и на документи и официјални документи. Кој, Боже мој,  може да ви забрани да пишувате МАКЕДОНИЈА, да го ставате, споделувате секаде, на фејсбук, на социјални мрежи, во вербална комуникација… кој? Никој!

Оние сервилните, полтроните и лигушите кои би да удрат на „северџанење“ и да глумат политичка коректност, почнаа ко некои политичари со „нашата земја“, „оваа земја“, па суптилно со РС Македонија, С Македонија и слични варијации, за да на крајот дојдеме до генијалното РСМ.

Добро бе луѓе, до толку ли си ја мразите државата? До толку ли ви е срам да пишете Македонија? Ова важи и за новинарите и медиумите кои го пишуваат тоа одвратно РСМ. Срам да ви е!

За сите вас, колку да знаете, слободно за државата можете да пишувате МКД или МК. И официјално, според Преспански договор дозволено е МКД. Тоа ни е кратенката и кодот. Олабавете со РСМ. Испаѓа како да ви фали од ФИРОМ или БРЈМ.

Охрабрете се, ослободете се, не срамете се, кажете слободно Македонија! Не боли, убаво е! Отидете на стадион и викнете, јасно и гласно МАКЕДОНИЈА!

Ако поради некоја и нечија повисока политика некој наметнал употреба на сложена форма со географска одредница на државата, народот ништо ниту ветил, ниту се обврзал, ниту потпишал. Така да, слободно, не срамете се…МАКЕДОНИЈА!

 

Александар Ристевски