Факт е дека психопатите и социопатите постојат, а во македонското општество уште од памтивек. Сетете се само на она старото за комитата, јатакот и предавниците. Колку на колку беа? Епа, првоспоменатите се она третото…
Според науката, овие чеда со сериозна фалинка наводно да ти биле шармантни, манипулативни, бесчувствителни и агресивни. Дали описот ве потсетува на едни опортунистички ликови од македонската политичка сцена? Ко насликани, нели. Сурија која направи стотици забеганости, ама и покрај се’ многумина сериозно не им замераат за дејанијата? Оти, па на будалата не можеш да му се лутиш, нели? Да, веднаш се сетивте на едни фацки? Разбирливо…
Уште подобро, за да описот биде бааги подетален, она што им е заедничко на двете крајно забегани категории е недостиг на емпатија, непочитување на правила (почесто и закони) и самобендисано однесување без чувство на вина. Вина? Ова, повторно го вели науката.
Аха, без одговорност во нив??!?! И тука, првото на што ви текнува е на една крајно негативна плејада владини ликови, кои за да ги наброме, искрено, ни требат мноооогу страници. Тоа е за формат на Толстој, цела банда се…
И што велат психолозите? Епа, иако немаат емпатија, наводно, често се многу шармантни луѓе и вешти манипулатори. Кх, кх, кх, веројатно, нудат оставки, а другарчето не ги прифаќа и чека резултати од истраги, а?
Уште пострашно, тешки фолиранти се глумциве. Социопатите и психопатите, замисли, учат да ги имитираат чувствата на „нормалните“ луѓе (читај „на Македонците“), и покрај нивната неспособност да ги почувствуваат. Затоа, веројатно и не им ни стои кога глуматараат дека жалат за загинатите во пожарот во Тетово, кога демек нудат оставки, или кога така фејк жалат за починатите од ковид-19. А насмевката под мустаќ, вришти ли пишти…
Велат, дека некои психопати се толку добри во манипулирањето што нивната околина никогаш не се ни сомнева во нивната вистинска природа. Нашиве се демистифицират кога ќе дојдат на власт. Башка, кога вршат кривично дело, вели теоријата, тие внимателно го планираат секој детаљ и често имаат резервен план. Е сега, за разлика од социопатите, психопатите да ти биле ладни, мирни и фокусирани. Од полициска перспектива, ова ги правело многу ефикасни криминалци. Во превод, очебијно, нашиве владејачи се комбинација на двете категории. Некој хибрид меѓу врхушката на СДССССССС и ДУИИИИИ, грифон ли, сфига, што ли е…
Ги дели и дијагнозата. Причината за психопатија се разликува од социопатијата. Претпоставка е дека психопатија е резултат на наследство, пуста генетика, а социопатија е резултат на надворешните фактори (читај меѓународна заедница).
Фер, ги препознавте ликовите, од авион се гледа кои се и што се. Епа, ајде на 17-ти да се раатисаме од декларираниве и докажани на дело политикантски психопати и социопати, а набргу по овој датум да направиме и повеќе ревизии. Не психијатриски, законски. Што на пописот, што на одговорност, што на име, што на укинат „фашизам“, што на тендери, што на бугарски злодоговори, што на криминални дејанија, што на историја, што на плантажи, што на образовни дигитализации, што на преспански капитулации. Ме интересира само како ќе ги налеат кутлешите на избрусените шахти…
Уште поважно, да не дозволиме нов, Дојрански договор, капитулација ли. Заевче и Стефан Јаневче, нешто многу се дујдисаа во „задње“ време, не ви се чини, а? Ај, да им ја растуриме дружбата, време е. Ама, крајно.
И да, секоја сличност со вистинските ликови и настани е тотално неслучајна…