Ова е нешто за коа сум пишувал, пишувам и ќе пишувам во годините кои следат. За најголемата измама која му се случи на македонскиот народ, на која многумина потклекнаа, а гледам и во не така мал број, се уште ги држи.
За оној селскиот Пинокио, со семето, племето, загубен во времето, што ја бараше жицата… Ве направи сите мајмуни, и се уште ви се смее. А дел од вас народе мој, се уште го браните и поддржувате. Ќе не внесел во Европа!
Дали се сеќавате што ви се ветуваше? Дека идентитетот е бетон. Дека за етничката припадност и јазикот не се преговара, дека за име за надворешна употреба. Ништо од тоа! Кога го даде името, се вадеше дека мора за севкупна употреба, но дека јазикот и идентитетот се бетон! Кога почнаа да ни даваат изводи со коси црти, и кога сите помали заедници, иако се од државата Македонија (макар била „северна“) почнаа да ги пишуваат како Албанци, Турци, Срби, а нас ///// или граѓани на РС Македонија, претпоставувам дека нешто ви се разјасни.
На референдумот кој пропадна ви се продаваше ЕУ, со се НАТО. Добивме само НАТО. Се уште тврдам дека во брзо време ЕУ ќе нема. Не пред 2035 и не без пакет со цел Западен Балкан, на куп, топтан.
Ви велеа дека ќе имаме слободен европски пазар, бесплатно здравство, инвестиции, инфраструктура, либерализација во сите сфери. Што добивме? Ќе немаме струја, ќе немаме парно, цените експлодираа, а платите иако во многу дејности покачени, не вредат ништо. Здравството е полумртво. Клинички центар нов нема. Болницата во Штип ја нема. Брзата помош сакаат да биде приватна. Кадрите си одат турбо, дупло повеќе него претходно. Битно се градеа бараки од лесно запаливи материјали и луѓе изгинаа. Да не зборуваме пак, како се справија со Корона пандемијата.
Инфраструктура нема нова, само гребење асфалт. Нови делници нема. Цели 6 години на власт, прават 2 километри до Косово, и не се ни до пола. На патиштата кои се изградија во време на ВМРО, направија само патарини, а не знаат ни да ги одржуваат и исчистат од одрони и земја. Железницата целосно умре. Возови нема, патници нема, а место цел развој да биде по текот на железничките коридори, таму целосно мртвило. Затоа добивме превозници со фалц документи, со фалц мотори па ни гинеа и гореа живи луѓе. Одговорност нема!
Културата ми е врв. Кажете ми, дали еден објект се изгради и изреновира или осовремени, овие 6 години? Се сменија вкупно 5 министри. Кој посака, стана министер. Секој тераше сопствена политика. Вистина е, платите се качија. И тоа здраво за некои. Се омрсија за два животи. Некои јадат горчлив леб, па им се префрла за искреноста, за тоа што добро мислат, што сакаат напредок и одговорност. За нив нема ништо. За нив има закани и јавно оцрнување и понижување. За многумина кои добија нереални плати, и со прст да не мрднат, санкција и одговорност, нема. Битно е да молчат и да не коментираат ништо. Властодршците не сфаќаат дека токму тие ќе им го заријат ножот в грб еден ден, а не овие бучните на кои сега се силат. Ама, времето ќе покаже кој бил во право и кој мислел добро. Битно, еден објект не се изгради, еден музеј не се направи и осовремени, само се отвораа нови институции, и се прима се можно. Парите се потрошија, пари веќе нема. А нема ни за струја, ќе нема ни парно. Националните институции ќе осамнат во мрак. Што убаво така, европски! Баш, нели? Со нови имиња, „посеверџанети“, иако никој не’ не притискаше тоа одма да го сториме! Тогаш, никој не се бунеше. Само мала група. Ама плати добија, дури и за неработење. Сега седете во темница, на ладно, „посеверџанети“, прогресивна моја уметничка фело!
Каде да одам следно? Образование? Родител еден, родител два? ЛГБТ книги за деца? Место македонски, мајчин јазик? Еден час помалку неделно од тој мајчиниот? Ако убаво ви прават, европски, прогресивно!
Еве после не цела година, од големите промени на локално ниво. Јавно ви се обзнанија долговите кои претходниците ги оставија, иако Влада им ги порамнуваше долговите, направија нови. Илјадниците договорци кои земале кеш без да се појават. Нелогични проекти, супер скапи набавки. И кап се осмелувате дел од вас, да ги напаѓате оние кои штотуку го започнуваат мандатот,а во време на криза парите им ги голтаат сметките, плус имате Влада која ја опструира локалната власт.
На моменти имам впечаток дека на се’ се гледа низ призма на личниот интерес, без трошка совест за државата. Многу повеќе се грижи за оваа држава секој оној кој се иселил од неа, од колку вие кои сте тука. Класичен клиентелизам на онаа лажна средна класа и новопечените властодржци, и толчење на обичниот народ. А тие младите? Не ве рецкаат. Не ве фермаат или работат од дома, или бегаат на запад. А тие и многу брзо ќе ви ја скројат капата, на сите хиени кои го лажете и крадете народот. Не може уште долго да играте на картата гласови од пензионери и социјални случаи.
Што да се каже за другите сфери и дејности? Пари нема, резултати нема, развој нема, енергенси нема, инфлација има, ама затоа надежта последна умира.
Најинтересни ми се аналитичари и колумнисти пензионери кои се пенават за ЕУ и спремни се да направат се за таа агенда. Драги мои, извинете, ама ЕУ во Македонија нема да доживеете. И ја сакам побрзо, и по квалитетно, и еднаквост со Западот, но со неспособни, криминализирани и корумпирани елити, напред нема! Од ден во ден само не дозакопуваат,и креираат проблем кој со години нема да се реши,а долговите уште долго ќе ги плаќаме.
А до тогаш!? До тогаш ќе штедиме струја, ќе се капиме помалку, ќе се облекуваме потолку, без греење… така ни рекоа од Владата!
Не стигна клетвата од народот за „Северна“!
Александар Ристевски