петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ШТО БИ РЕКЛА ВЛАСТА: НОВА ГОДИНА ДОАЃА ВО САБОТА НА ПОЛНОЌ?!?

ШТО БИ РЕКЛА ВЛАСТА: НОВА ГОДИНА ДОАЃА ВО САБОТА НА ПОЛНОЌ?!?

Само за ова власта не може да не’ излаже, иако не знае и не може да не лаже. Лажеа за се’ и сешто… Правеа трилер приказни и ширеа тензии кај народот, за после неуспехот да можат да го „продадат“ како голем успех. Лани ни велеа дека е можно струјата да поскапи за 20 проценти, па ова време излезе Бектеши со „триумфална“ изјава дека нема да поскапи толку, туку под 10 проценти. Цела 2022-ра ни најавуваа поскапувања или недостиг на струја, парно и прехранбени производи, за сега да не’ „тешат“ дека ќе имаме се’ и дека треба да се радуваме. „Радувај“ се, Македонијо, што имаш толку „способна„ власт која ти овозможува да живееш мизерно и да се радуваш што ќе имаш светло и леб. Зашто, може и бетер.

После пет и пол години власт и секоја година полна со секојдневни скандали, афери и криминали, бетер би било да останат и следната и да продолжат со истото темпо. Да продолжат со тендери во четири очи, со задолжувања за плати и пензии, со измами кон ранливите категории граѓани дека ќе им исплаќаат по 3.000, 1.500 и 750 денари, замислете цели 4 месеци, а нема ден да не ми се пожали некој од нив и да ми каже како центрите за социјална помош ќе останат со искршени врати од трескање на истите, а заради одбивањето на овие луѓе за оваа ветена мизерна помош.

Образованието ни го сведоа на привремени учебници, за кои во време на најголема криза потрошија половина милион евра. Оние вистинските, за кои ветуваа дека брзо ќе бидат готови, ги испечатија на крајот на првото полугодие и со безброј катастрофални грешки. Министерот Шаќири вели дека, ако се утврдат повеќе од 30 проценти грешки, ќе ги повлечат. Не треба учебниците да се повлечат. Треба овој неспособен министер да се повлече, а потоа и да одговара за ова. Да одговара, затоа што немаше свидетелства за крајот на учебната, а новата ја започна без учебници.

За здравството, ако земам да пишувам, ќе треба најмалку три тома на „Војна и мир„ да напишам. Буквално војна ни се случува, поради здравството. Луѓето со ретки болести плачат пред камери и порачуваат дека не се ставка во буџетот. Остана ли некој рамнодушен на солзите на младата Ивана од понеделникот?!? Мене душата се’уште ме пече, после средбата со родителите на 4-годишниот Ратко, на кои им требаат по 90.000 евра месечно, за да можат да го лекуваат од неговата ретка болест. Ги има уште многу, кои можеби и немаат време и можност, заради болеста, да излезат во јавност и да замолат за помош. Ги има и такви кои се борат со термини за итни операции, со недостаток на специјалисти во нивните градови, со неможност за добивање основна здравствена услуга. Во ова кризно време, како да немаат овие луѓе право и можност за апел. Во ова кризно време, оваа власт креираше најголем буџет за следната година, но во тој буџет ништо од ова не е предвидено за нашите пациенти. Ништо не е предвидено ни за нашите доктори и сестри. Секоја следна година само ги лажат за капитациониот бод и за повисоките плати. Само директорите на клиниките и болниците, со секоја чест на исклучоците, ги имаат и ги користат привилегиите за злоупотреба на платени дежурства. Сестрите со завршено високо образование се’уште чекаат на реажурирање на нивниот статус и исплата по истиот. Сите чекаат, а министерот Сали се ангажира за нов клинички, во време на најголемата финансиска криза, притоа плаќајќи милионски суми на евра, како казнени поени за неискористените, а добиени, средства за нов клинички уште пред пет години.

И за сево ова, власта има само едно и единствено оправдување, а тоа е кризата. Како власта да се радува на ваквата криза, не само за да има оправдувања за невложувањата во вистински мерки, туку и за да може од оваа криза да профитира. Имено, на сред енергетска криза ние го имаме 18-годишниот Заев-јуниор, како сопственик на фирма за продажба на струја, и неговиот чичко – како управител на истата. Се надевам дека Заев-сениор, односно Панче, го имаат предупредено да не продолжува со крадење на струја, зашто неговиот внук и син сега истата ја препродаваат.
Имаме реприза или римејк на бонбона-бизнисот на Шеќеринска, односно денес енергетската стратегија ни ја кројат Таче и Заев, па многу е јасно пропаѓањето на енергетските гиганти Осломеј, Неготино и РЕК Битола.

Заев беше едно време и главниот реформатор на правосудството. Од неговите „реформи“ стасавме до 4-процентна доверба. Наместо Заев тогаш, а Таче сега, да влезеа во директна борба со криминалот и корупцијата, тие влегоа во директно сојузништво. Русковска ја заменија со Абази, „тефтерчето“ – со партиски фото-албуми. Работата на судиите ја ставија во рацете на една приправничка и партиска активистка, па затоа на конкурсите за врвните судски институции ќе им конкурира по само еден кандидат или ќе се откажуваат пријавените. Им остана уште само Љубомир Јовевски да го убедат да се откаже од трката за уставен судија. За ова ги „просветли“ последниот американскиот укор, иако, да не беше нашата активна блокада, уште во септември месец ќе го имаа седнато до Кацарска.

А, Русковска, Кацарска, Јовевски, Заев, Пендаровски, за крајот на оваа предновогодишна колумна, сакам да ги потсетам на Јанкуловска, Ченто, Чавков и останатите – затворени, заради Македонија. И кај нив во сабота на полноќ доаѓа Нова Година. Нивните семејства и оваа ќе ја дочекаат без нив. Вие, со вашите, можеби ќе одите во некој хотел, за 20.000 евра по ноќевање, или можеби ќе сте дома и ќе јадете ајкули и делфини. Можеби и ќе објавите по некоја смислена фотографија со насмевки и сјај од новогодишен декор околу вас. Можеби и навистина да сте среќни?!? Или можеби добро сте научиле да ја глумите вашата „среќа“?!? Сепак, помислете на овие луѓе и размислете дали ова го заслужија?!? Дали можеше и може поинаку и дали, конечно, ако веќе јавно повикувате на обединување, истото не е најдобро да го започнеме со слобода за уставобранителите и политички прогонетите?!?

Прашање кое го оставам за крај: Дали вредеше до толку да ги жртвувате Македонија и Македонците, а сепак да немате конечен успех?

Мојот одговор е: Успехот е конечен и вистински, само ако со него сите се радуваат и само ако не е производ на уцени и политички прогон.

П. С. Нова година доаѓа за некој ден. За жал, не оставивте простор за никаква насмевка, надеж или честитка. Единствената моја желба за следната година е СЛОБОДА ЗА УСТАВОБРАНИТЕЛИТЕ И ПОЛИТИЧКИ ГОНЕТИТЕ И ПАД НА ОВАА НЕНАРОДНА ВЛАСТ! Само вака Македонија би можела да започне од почеток, но и да внимава на секој следен избор, чекор, постапка, порака и ветување. Народот е изморен веќе и очекува сериозни луѓе за сериозни времиња. Доста ни беа неспособни, лажно насмеани и криминалци.

Дафина Стојаноска – пратеничка