вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Со една радиодифузна такса ве купија!

Со една радиодифузна такса ве купија!

Не можам, а пред новогодишно да ги пецнам сите оние кои мислеа дека со доаѓање на оваа владејачка структура работите ќе одат на подобро.

Се жалеа од репресија, диктатура, дека не сме оделе напред, дека не сме се интегрирале, дека била државата заробена, дека сме изолирани, дека градот се уништил и унаказил, дека се креирала лажна историја и идеологија, но најбитно дека требало да не се плаќа радиодифузна такса, затоа што ради неа многумина имале блокирани сметки.

Па, еве да почнеме со сите „успеси“ на актуелните легенди, и да видиме што добивме како контра тежа:

  • Животниот стандард драстично е намален. И покрај покачувањето на минималната плата, и растот на просечните примања, парите денес имаат помала вредност. Битно нема радиодифузна такса!
  • Инфлацијата ги обезвредни парите. Кај народот повторно владее паника како во времето на раните 90ти. Битно нема радиодифузна такса!
  • Ни го сменија името на државата. Не си ја барајте никаде државата на М. Сега е на Н или на С. Битно нема радиодифузна такса!
  • Идентитетот кој нели, ни беше загарантиран, сега не деградира, и на секој чекор ни велат дека сме северномакедонци. Битно нема радиодифузна такса!
  • Грција со која потпишавме договор и ради која направивме милион отстапки секаде не нарекува ФИРОМ или Скопие (Скопија) и нема сменето еден знак. Ние сменивме се‘, и и табли, и документи, и институции, дури и таму каде стои„македонска/и“.Битно нема радиодифузна такса!
  • Во вашите лични документи веќе не сте Македонци, туку сте „граѓани на Република Северна Македонија“. Битно нема радиодифузна такса!
  • Сега можете да купувате алкохол кога сакате и каде сакате, а и пола ресторани се пушалници. Нема ни ред, ни закон. Битно нема радиодифузна такса!
  • ГТЦ не се реновираше и не се надгради. Сега е кочина во долгови, со пола затворени дуќани. Функционира само делумно приземјето и маркетите во подрумот. Тие кои го гушкаа, среќни се дека го „спасија“.Битно нема радиодифузна такса!
  • Војската не доби станови во касарната, таму сега градат приватњаци. Битно нема радиодифузна такса!
  • После 6 години ниту еден нов или веќе отпочнат патен правец не е завршен и отворен. Тури и таму каде што само се гребе и менува асфалт работат со години. Една автопатска делница готова ја наследија, ја отвараа со блех музика играјќи оро во тунелот! Битно нема радиодифузна такса!
  • Од агендата за држава во која секој ќе е еднаков, преку мултиетнички концепт, стигнаа до бинационална држава. Битно нема радиодифузна такса!
  • За судството и обвинителствата не треба да се зборува. После се она што се случуваше со Катица и екипата, и со неодамнешните избори кај обвинителите, и оние кои чекаат да се гласаат во судството преку Собранието, се ви е јасно. Битно нема радиодифузна такса!
  • За образованието што да се каже. Нема учебници, а и тие кои излегоа, ги гледате. Се укинаа предмети, сменија наставни програми, битно децата учат за ЛГБТ и Квир култура, и секако, разделени, секој на свој јазик. Битно нема радиодифузна такса!
  • Не дај Боже да имате проблем со здравје и да завршите во болница. Се ќе си набавите приватно. Условите, никакви. Ете, не било проблем само платите во здравството. Иако истите се кренати и покачени, нема ни ред, ни ништо. Битно нема радиодифузна такса!
  • Откога власта ги изгуби најголем дел од општините, истите почна да ги саботира. Намалени блок дотациите, зголемени трошоците, ретко се одобруваат вработувања за во школите и градинките. Логика: „Ако народот не не‘ гласал локално, ќе го казниме за да пати со другите!“ Битно нема радиодифузна такса!
  • Македонија е држава со само два затворени (покриени) базени. Еден мал во Скопје (Карпош) и еден во Куманово општински, кој не знам дали и како во моментов функционира. Битно нема радиодифузна такса!
  • Се поскапи струјата (која ја немаме и ја увезуваме), парното и гасот (кои ги немаме и ги увезуваме), поскапеа дрвата и пелетите иако се наши, па ти народе, снаоѓај се! Битно нема радиодифузна такса!

Ова е само дел од она што од прва ми текна за ова труло и дисфункционално општество. Општество на медиокритети, на ситни лоповчиња со фејк дипломи, без мерит систем, кои со роварење и сплетки се на врвот кој тие го проектирале.

Живеат во обланда и „фејк бабл“ на слава кои сами го искреирале, не сфаќајќи дека се што е на сила направено, дека се што е исфорсирано или исфингирано, нема рок на траење, дека ќе скапе многу брзо, а штетата ќе биде и за нив и за државата. Жално, навистина! Бар за дел од нив мислев дека се поумни. Или дека имаат образ и чест. Сум се излажал.

Народе, ве купија и подмитија со радиодифузната. Не плаќате 3 евра, ама во зедоа 30 подруги основи. Ве лажат дека ќе влезете во ЕУ во 2030та. Ете ги Бугарите се во ЕУ скоро 20 години, па пак се тиња!

Во ЕУ се влегува спремен. Со сменета свест, со вистински луѓе, за закон, критериуми, со функционално општество и систем, а не со дива лига, со насилници, медиокритети, морони, со шеми некакви, со кодошлаци, ујдурми и намештаљки. Така, само ќе си останеме Западен Балкан, засекогаш!

Треба менување на свеста, треба едукација, и треба комплетно овие раководни структури во целиот систем. Ова што го имаме сега, никаде не води. Јас имам визија за после 10-15 години. Искрено, веќе ми е сеедно дали ќе сме во ЕУ или не, ама сакам да имаме функционален систем, па да имаме макар и придружен статус, а секој да сака тука да дојде, а не да си оди. Сакам да бидеме повторно Македонија, без ниту еден сосед да чувствува фрустрација од нашето име и идентитет. Сакам како членка на НАТО да ја потврдиме нашата улога на стабилна и сериозна земја, која почитува сечие индивидуално човеково право. Да бидеме земја на среќни луѓе, со висок стандард и ред. Е тоа сакам!

 

Александар Ристевски