петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Стоп за стигматизацијата на пациентите – зависници од опојни дроги

Стоп за стигматизацијата на пациентите – зависници од опојни дроги

Зависностите од опојни дроги се глобален проблем со кој се соочуваат многу држави во светот меѓу кои е и Македонија. Успешноста на решавањето на овој проблем се состои во добрата организација на превенцијата, третманот, рехабилитацијата и социјализацијата на оваа категорија пациенти. Сакам да потенцирам дека се работи за пациенти, кои се исти како и сите други пациенти, кои имаат одредено нарушување на здравствената состојба и кои имаат потреба од стручна помош и внимание.

Деновиве во јавноста се актуелизира проблемот со зависниците од опојни дроги кои се третираат во Центарот за зависности лоциран во скопската населба Кисела Вода. Бидејќи Центарот не располага со доволен кадровски и просторен капацитет, Министерството за здравство после реакција на граѓаните и јавноста предлага дисперзија на овие пациенти по здравствените установи на територија на Град Скопје, со предлог, секој пациент да се третира во општината во која живее.

Ова не е нов предлог, ваквото решение на овој проблем датира од пред неколку години, меѓутоа и тогаш заради погрешна интерпретација на околностите и стручните мислења тој во целост не се затвори. Имено, тогаш се отворија Центарот во болницата „8 септември“, се воведе третман на овие пациенти со Бупренорфин на Универзитетската клиника за токсикологија, институции кои успешно функционираат во делот згрижување, третман и рехабилитација иако згрижуваат значајна бројка на пациенти-зависници од опојни дроги.

Мислам дека, проблемот во старт погрешно се поставува и со тоа се потценува стручната јавност и граѓаните. Според мене за да се ублажи овој проблем треба да се превземат активности кои ќе одат во правец на адекватно институционално решение кое претходно ќе им биде објаснето на пациентите и на граѓаните.

Прво, Мистерството за здравство да ја активира Комисијата за опојни дроги во која членуваат стручни лица од повеќе области ( здравство, фармација, социјална заштита, безбедност). Комисијата нека го дискутира проблемот и нека даде предлози за негово решение. За проблемот не можат да одлучуват само градоначалниците на општините.

Второ, додека во локалните здравствени институции каде се планира дисперзијата, не се создадат стандардизирани просторни и работни услови, не може пациентите само да се префрлат во неадекватни простории во кои нема основни услови за работа со овој тип на пациенти и со тоа проблемот уште повеќе да се искомплицира.

Трето, треба да се направи итна едукација на кадри ( доктори, медицински сестри и болничари) кои ќе бидат високо обучени и оспособени за работа со овој тип на пациенти.

Дури тогаш можеме да зборуваме за дисперзија, која секако треба строго да се придржува до територијалноста.

Како доктор кој повеќе од 30 години работи во установа кој покрај другото згрижува и пациенти со зависности со овој текст сакам да го дадам мојот скромен придонес во сугестиите за решавање на овој проблем кој ја загрижува јавноста и предизвикува низа недорабирања и погрешни интерпретации во поглед на пациентите зависници од опојни дроги.

Проф. Д-р Андон Чибишев за КУРИР