понеделник, 26. февруари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Странец во сопствената земја?! УАААА, шнајдери!

Странец во сопствената земја?! УАААА, шнајдери!

Која е целта на пописната пропаганда? Дали ниетот е инстант-влез во групата: Додо, Тасманиски тигар, Маи, Ацтеки, снежен леопард, Македонец, панда? Едни изумрени, други на заминување… Или, можеби, некој сака да не направи странци во сопствената земја? Ступиден обид, затоа што Македонија и Македонците се многу поголема прикаска, не само од безобразниот попис…

Затоа што, знаете ли како би гласела најкратката, најреална и најсодржајна колумна или какво и да е писание? Не?

Вака: МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА, се’ друго е минливо. Точка.

Нека пукнат од мака, но ова е факт, докажан. Историски, емпириски, секако… Арно ама, додека некој мозочно „миен“ и премиен ја сфати суштината на пишаното, воопшто не е на одмет да се занимаваме и со другите, споредни северџански нус-ефекти и белји. А бедниот обид на актуелниот естаблишмент се базира на едно толку просто и антиџвакачко дејаније. Се вика пропаганда. Тие нудат, а ти ненаситно голташ. Без џвакање. А потоа се чудиш што те боли мешето. Класика…

Е, сега, во моментот, обидот е содржан во еден нахален експеримент кој гласи: Како да создадеш странец/апатрид во сопствената земја? Вториот дел вели:  И да го натераш да ја напушти, затоа што тој истиот некому многу му пречи…

Ајде, од почеток.

Насила и без одобрение на народот ни сменија име и Устав на државата. Светски преседан кој сефте се случи токму овде, во Македонија. Арамот е наш, дефинитивно. Арно ама, видоа дека тоа не минува и дека дури и идолопоклониците на владејачката каста се спрдаат со идиотското име, па решија да не дициплинираат на друг начин. Двојазичност? Статива. Затвораа патриоти. Бадијала. Удрија по историја, светците и револуционерите. Ефект, нула. Па побараа друг, демек посериозен континуитет со посилен импакт на антимакедонштина…

Глуп, евтин, безобразен и многу проѕирен, ама пробаа. Се вика попис. Го „тинкаа“ цели шест месеци, небаре на абакус не броеја, и? Ама не избројавте, рече Македонецот, заедно  со Србинот, Влавот, Бошњакот, Ромот, Турчинот, Египјанинот. Замисли, истото го срочи дури и Бугаринот, добро, од други причини, де…

ОК. Ајде, што не „пиши-бриши“ срозавте на национално ниво, ама мораше ли и на верско?! Апостолот на Заев е рекордер во брзина на претопување верници. Таков апостол ни во Библијата не постоел. Да, оти агендата е таа, православците пречат во новата мултиполарна светска констелација, јасно. Рече телалот Карл Билд и набилда омраза…

И, сега? Сконтавте дека не ви пали, затоа што по толку маки сфативте, конечно, дека скептицизмот на ова тло е на опасно високо ниво. Буквално, тука чади и „вришти“ од скептицизам. Не разбравте? Штета, оти овде во Македонија никој ништо никому не верува, најмалку на власта наместена за да тера туѓи агенди. Македонските граѓани одамна, векови наназад, се паталци, не гаталци, драги мои манипулатори. Пак, статива…

И затоа, можете во „пописот“ да му напишете на апостолот на Заев, Симовски, дека сме и десет души Македонци, не се сомневаме дека тој со голем елан тоа ќе го прочита, воопшто. Пишете му и дека има дури дванаесет православци во Македонија, не е проблем. Можете, за шега на негова сметка, да му стокмите и дека имаме 12 милијарди граѓани со високо образование, и тоа тој беспоговорно и без размислување исто така ќе го прочита, задача си е задача, но ве молиме, не ни навредувајте интелигенција, не барајте да се согласиме со наведените глупоштии.

Неолибералниот рецепт е јасен: Како да создадеш странец во сопствената земја? Лесно, ќе го натераш да се почувствува дека не е на неа, на земјата на неговите прадедовци и дедовци и тој со наведната глава ќе си замине, без грижа на совеста. Бидејќи таква земја, татковина, не постои. И така, тажно соочен со небивањето свој на своето, тој, ние, МАКЕДОНЦИТЕ, ќе си заминеме, така лесно?!?! Ајт, сиктер таму. Пак статива, оти има разлика.

Да, разликата е што ние пустите имаме историја, имаме и дедовци, арслани, дефинитивно, но не и ТАТКОВЦИ, такви има само вашиот Заев. Ние имаме само по еден, ама вреден татко, башка МАКЕДОНЕЦ.

Не било, нит ќе биде вашево, утка. Да, маката натерала многу македонски души, но нема да не’ натерате сите да фатиме усвета преку големата бара, има овде уште многу потврдоглави, понепливачи, потврдокорни МАКЕДОНЦИ кои толку многу си ја сакаат МАКЕДОНИЈА и си сакаме нашите деца, внуци и прапрапраправнуци да живеат во неа, како свои на своето. Оти друга и немаме.

И, јок, не си одиме. Дајте друго дете, Заев, Ковачевски ли, менувајте ни историја, име, проценти, се’ ви е бадијала.

Колку сме, толку сме, доста (токму) сме, рече великанот на зборот Гане Тодоровски. Ура Гане, УРАГАНЕ, досрочи шегувајќи се на сопствена сметка големиот Македонец. УРА за сите кои оставиле или остаават печат во и за МАКЕДОНИЈА.

А, за вас од власта? Епа, за вас, имаме едно големо УААААААААААААААААААААААААААААААААА, пописни шнајдери!