вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Тачевиот реквием за шарената „револуција“

Тачевиот реквием за шарената „револуција“

Во исто време кога Макрон ја изнесе идејата дека во ЕУ немало место за нови членки, туку за некаква си утешна подружница на земји од соседството, а Германецот Шолц „со две раце“ ја прифати дозакопувајќи ги надежите на Бујар и Слaвјанка за каков и да е датум во јуни, лидерот им Таче во Брвеница и’ тури пепел на шарената „револуција“.

Ок, направијата од самиот старт немаше абер од каква и да е револуција, за да испадне дека била шарена дееволуција која од учесниците направи мајмуни, а од нашата држава класичен протекторат. Сепак, на незадоволство и на двајцата последни „шарени“ слепци кои се’ уште веруваа во неа и во идиотштината „нема правда, нема мир“, престолонаследникот Таче го отсвире и последниот реквием на истата таа глупандерска направија, финалното, посмртно музичко дело за покој на душата на агресивно-антимакедонско-суртучкото движење. Ок, да имаше душа де, оти таму по „душа“ за учество се плаќаше по „дваевче“…

Со подигањето на споменикот за македонскиот херој и бранител кој загина во Диво насеље, цели 7 години по неговото убиство од терористите, Ковачевски призна дека неговиот монарх и идол Заев лажел, исто како и целата новинарска болумента и „аналитичари“ околу нив, фацки кои и онака шарената глупоштија ја држеа и „фураа“ на пет забегани, некрофилски столба. Кои беа тие?

Петте столба, на кои се базираше и егзистираше шарената дееволуција беа Малата Тамара, Мартин Нешковски, Младенов, Смиљковско езеро и Диво насеље. Сите измислици, извитоперени смртни случаи врз кои забеганите шареноглави садисти градеа кариера. Ова се петте случаи во кои зборуваме за 16 судбини, исто толку починати и многу семејства, блиски, пријатели и познаници кои до конечното прикажување на вистината и лагата на комуњарските мизантропи, мораа да го трпат црвот на сомнежот кој Заевци им го наметнаа со своите лаги. Многу непроспиени ноќи, гнев, бес, сржба, не дај Боже да дознеме као навистина им било. Проколнати судбини на семејства од кои шареноглавците ја црпеа енергијата за создавање на имагинарниот режим, погонско гориво за шарената деструкција. Лага, некрофилска, тотално забегана и добро уновчена.

Полека, но сигурно, лагите паѓаа во вода. Најпрво со целосната снимка за Нешковски, вистината за Младенов, повторените пресуди за терористите и децоубијци од Смиљковско, забеганоста на мајката на Тамара и прекинот на гонењето на измислените виновници, а крајот и реквиемот го отсвире лично Ковачевски во Брвеница. Го кажа сето она што и Заев го знаеше, ама не смееше да го соопшти затоа што ќе ја убиеше прикаската која требаше да резултира со промена на името, уставот и двојазичноста. Официјален крај на извитоперената шарена „револуција“. Со штембил на Ковачевски.

Арноа ама, „шу прајме“ сега со меѓународната истрага за Диво насеље која лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, ја договори со Зоран Заев кога му ја спаси владата од траскање на земја? Пак ли „доблесниот“ Ковачевски, повторно заради Македонија, сега излезе од коалицискиот договор?

Туку, и ова не ми оди на арно, надалеку мириса дека некој некому „пушта вода“. Ви се верува во наглото будење на скрупулите на Таче?

Јок. Мене, едноставно, не ми минува лесно дека некој кој така длабоко и од срце му се поклони на Заев и некој кој никогаш (до пред 4 месеци де) не ни сонувал дека ќе биде премиер, сега најде толку доблест во себе и ги призна грешките на истиот оној кој го направи она што тој денеска е.

За да биде уште почудно, истиот тој ден кога Таче така инстант се поамакедончи, а сервилниот Бујар доби наплив на храброст и го искара Брисел,  Вселенската патријаршија ја прими ОА во „канонско единство“, не спомнувајќи ниту МПЦ ни Македонија, уште помалку Македонци… ОА како компензација за лагите за ЕУ или, можеби, Тачевиот реквием е дел од некоја поголема, антимакедонска симфонија?

Да, за жал, скептицизмот е резултат  на горкото, вековно искуство на Македонецот, кој по се’ што му се случило во историјата, развил природен Павлов рефлекс со кој така Хомеровски навикнал да не им верува на Данајците ниту дарови кога му носат. Сега што е на ред – следуваат ли Бугари во Устав и ретуширање на историјата?

Дај Боже да грешам, но по се’ она добро што некогаш  ни се случило,  во поновата или подамнешната историја, секогаш по правило следувало нешто грдо. И за Македонецот и за Македонија. Дали и последните благопријатни за нас дејанија се само обланда во која се крие ново разочарување и загуба на нова национална светија???  Или ова  е саде бедна компензација за иссилената прикаска за ЕУ, а не добиваме ни преговори? Песимизам, нова теорија на заговор? Пак ќе кажам, дај Боже да грешам.

Времето ќе каже. Тоа, никогаш не лаже…