Понеделничка траги-пародија со Венко, Денко и Кастратенко. Да, нема – нема, па ќе ве потсетат кои се, што се и зошто не се со сите. Ова е една од ретките позитивни особини на забеганите северџанчиња, самобендисана владејачка каста која не може да издржи ни два дена без да направи некоја тешка глупост, скандал, криминал или идиотштина.
Понекогаш тоа е пожар во кој горат живи луѓе поради нечии бизнис интереси, друг пат економија на колена поради нечија неспособност, трет пат корона шампиони по смртност заради партијска недоветност, па промена на име поради насушна потреба некој да владее, па на устав за да потврдат дека се сервилни потпикувачи, промена на историја за таа пуста фотелја и така редум…
Уште една лоша навика им остана на другарчињата кои играат „ALL IN“, киднапирање пратеници за политички опстанок. Она, кога Кастриот стана Кастратенко, лош актер кому требаше да му дадат „Златна малинка“ – награда за најлоша глума. Така, од време на време Заевци ќе си киднапираат по некој пратеник, па пустите киднапирани ќе се вадат ли вадат идентично како во монтипајтоновата епизода со поменот за мафијашот тепач кога тепаните од маало сведочеа: „Супер човек беше, абе добричина. Од време на време ќе ми ја удреше главата од ѕид, па пукаше во нас, друг пат не гореше, некогаш и не сечеше кога не беше расположен, ама супер си беше, прекрасен чоовек…“
Шегата на страна, затоа што ѓаволот одамна ја однесе од и во Македонија, но аздисот со 13-то ноемвриските награди за Венко и Денко само покажа колку чедата комуњарски се саможиви и колку милуваат да покажуват мускули, дури и на заминување. Што беше ова „јачање“? Толку многу во стил на Заев, нели. Доживеав дебакл на избори, загубив ко Грчка на времето, но не загубив смисол за резил, нели? Да, ова беше само уште едно „ЕВЕ ВИ ГО НА!“ од мутринскиот простак кој обожуваа да покажува полови органи во јавност, човече кое нон-стоп заборава дека не е на пазар во Горни Милановац и дека не продава чушки, туку дека води држава. Северните соседи на насила северизираната Македонија би рекле: „Преварант гардеробу мења, али ќуд никада…“ Башка, ова е „наградна“ и надградна подготовка на другарчето му Венко кој ќе го замени на лидерскиот трон во СДСССССС. Кладба?
И така, додека Тричко, Црничанец, Џабир, Најче, Јоци и Амон Мрак чекаат награда, а ние си чекаме власта демократски да се смени, Зочето по навика вели „мало сутра“ и си киднапира пратеници, небаре игра камај, криенка или продава скапани чушки во средина на вреќата. Работава се повеќе и повеќе е врвка, која ни се замотува околу вратот. Епа, ајде да прекинеме наградувања за изгорени четиринаесет живи душички и за човечка карикатура која не брука со изјави дека Мисирков бил Бугарин и дека сме краделе историја. Пофер ќе беше на сиромавиот кабел и на вонпарламентарниот Каракачанов да им ги доделеа… И да, се додека ние се однесуваме као да сме гости во сопствената татковина, североидните дилајли ќе се „понашаат“ како да се во на Мирчо Бишкарнико…