сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Тие се ПОСЕБНИ, а другите имаат чудни ПОТРЕБИ

Тие се ПОСЕБНИ, а другите имаат чудни ПОТРЕБИ

Децата со посебни потреби имаат скромни желби. Бараат само љубов и прифаќање од околината. За жал, во Македонија сфаќаат дека овие желби тешко се остваруваат.

Кога од Дедо Мраз сакавме да нарачаме најскапи играчки, многу на број, родителите ни објаснуваа дека таа желба не може да ни се исполни бидејќи тој треба да купи и за другите деца. Вистината беше дека тие немаат пари да ни го овозможат сето тоа што го пишувавме во писмата.

Но родителите на овие деца, посебните деца на посебните родители, секој ден треба да смислуваат нови изговори. Да ја голтаат грутката која боли поради неправдите, да го правдаат тоа за кое оправдување нема, да трагаат да обезбедат нешто кое ниту со пари се купува, ниту некаде може да се најде. Трнлив им е патот, секој ден минуваат низ истите пречки, а и тие, како и нивните деца, имаат скромни желби. Имаат замислено пат на кој соседите, роднините, соучениците им ставаат трње секој ден.

Дијагнозите со кои се соочени своевремено им се чинеле како најголема болка со која мораат да живеат. Но ако таа болка е рана, секој ден околината им става сол на раната, за да боли и пече уште повеќе.

Тие се посебни, а дел од луѓето имаат чудни потреби. Сакав да кажам луди, ненормални потреби, но ајде да ги наречеме чудни.

Луѓето имаат потреба да осудуваат, да гледаат со чуден поглед, да нафрлат некој недоличен коментар, да го дистанцираат своето дете од овие деца, да се повлекуваат и самите.

До тие кои ги игнорираат овие дечиња:Не грижете се, не се заразни нивните болести, но пеколна е вашата неинформираност, суета, себичност и злоба.

Детето е одраз на родителите. Посебните деца од своите родители ќе научат што значи да се биде храбар борец, посветена личност, добар човек…

Што ќе научат децата кои на игралиштата се влечени за рака за да не им се доближи тој “чудниот“, “збунетиот“, “досадниот“, “нападниот“?… Ќе научат да бидат себични, да не знаат што е љубов и емпатија, ќе научат да бидат добри само за мама и тато, но лоши луѓе за општеството.

Погледнете ги поубаво децата со посебни потреби. Ќе видите дека нивните насмевки се поискрени од другите насмевки, дека нивните очи зрачат топлина која не сте ја виделе кај никој друг, нивните прегратки се потопли од туѓите. Подајте им рака, а ако не сакате да им помогнете, барем не правете го спротивното. Патот по кој одат не е вашиот пат за да имате право да кажете дека ви пречат по било која основа.

Изминатиов период се запознав со Весна, Даниела и Дарко. Родители на деца со посебни потреби. Побарав од нив да направиме приказни за нивните животи и животите на нивните деца, со единствена цел – да ја подигнеме свесноста за оваа група.

Мислев дека ќе бараат измени во закон, мислев дека како нивни најголеми проблеми ќе наведуваат што се недостасува во нашата држава за овие деца да имаат нормално образование, заштита од институциите. Очекував овие проблеми да ги направиме аларм до институциите, да ги повикам да помогнат во секој сегмент и финансиски за да им олеснат на овие семејства.

Овие проблеми навистина постојат, но посебните родители не ги издвоија како најголема болка. Најмногу ги боли што нивните деца не се прифатени од околината. Ги болат неправдите кои ги трпат секој ден – во продавница, во маалските игралишта, во маркетите, во автобусите, на улица… Неправдите кои им се нанесуваат од другите деца и од другите родители. Зошто ова толку ги боли? Затоа што истите ги тераат да направат три чекори назад по едниот напред кои ги прават заедно со нивните деца.

Каков е тој разум на другите што има чудни потреби да ги отфрли различните? Мора да престане селекцијата на децата со кои ќе си игра вашето дете, според нивната здравствена состојба. Тие деца имаат посебни потреби, но не заборавајте дека се само деца кои ги имаат истите потреби како и вашето дете. За дијагнозата си примаат терапија. Но нема лекови што ја лекуваат болката која им ја нанесувате секој ден отфрлувајќи ги и неприфаќајќи ги.

Доста со тие предрасуди! Престанете да бидете трн на нивниот пат само затоа што на нив гледате како на трн во вашето око. Тоа се ДЕЦА. Деца како вашите деца. Деца кои имаат потреба од љубов и прифаќање.

За државата и нејзината негрижа кон овие деца ќе продолжам да раскажувам низ приказните на родителите. Го вклучивме алармот и исклучување нема.

Ќе го слушнеме нивниот крик за помош, сведочејќи на нивниот молк кој кажува многу повеќе. Многу судбини ќе бидат прераскажани како низ приказните кои можете да ги прочитате подолу:

Кристијан е дете со посебни потреби, а неговата мајка е херој: Била жртва на насилство, а секој ден води нова битка за своето дете

По објавата на КУРИР: Тагата стана среќа во приказната на мајката-херој Весна и нејзиниот син Кристијан – семејството добива социјален стан

Мајка на дете со пречки во развојот ги открива проблемите и бара помош: „Најтешко ми е што другите деца го избегнуваат син ми“

Секој ден е нова борба против неправдите: Марко има аутистичен спектар, еве кои се најголемите проблеми на овие деца и нивните родители

Ивана Ефремовски