сабота, 13. јануари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Украдена слобода

Украдена слобода

Поздрав, народе македонски! Како сте? Како и вообичаено во последно време, политичарите ги оставам за на крај. На крајот на краиштата се’ во едно општество се сведува на народот, а не на оние кои треба да се во служба на народот, а не се!

За почеток на сите православни христијани сакам да им го честитам Христовото воскресение, Велигден. Денот кога ја победи смртта, за да ги искупи нашите гревови. Би сакал да ги поздравам сите оние кои блуеја со најниски гадости во време на пост, сите оние кои искажаа еден куп навреди и деградирање, гнасејќи се од светата причест. Само на дело прикажаа што мислат и каков став имаат од религијата од која повеќето произлегле. Не ми е јасна омразата, но се надевам дека ќе го најдат својот душевен мир еден ден. Им посакувам да се смират самите со себе.

Случувањата поврзани со Коронавирусот потврдија многу нешта, пред се за нас како индивидуи. Потврдија дека немаме пред се лична свест, но и потврди дека сме дисфункционална држава, која сите оние механизми и институции кои се креирале во минатото паднале на колена.

Смешно изгледа собирањето на оние 8 гревови кои се претставуваат за независни пратеници, и бараат да се состанел пак Парламентот. Океј, врз основа на кој закон? Како? Но, ништо тука не ме изненадува. Ова е силувана држава, со сто пати прекршени закони и устав. И сето тоа во име на некаква демократија, во име на некакви западни вредности, во име на некаква иднина. Јас иднина не гледам со овој памет и со вакви постапки! Самата „Европа“ успева преку тукашните ликови и политики кои ги води и промовира, дури и од најголемите свои поборници и поддржувачи, да направи евроскептици. Жално! Така е кога дозволуваат мислењето за ставовите на народот да им го креира мала група гребатори која живее од проекти, воглавно фиктивни и лоши. Ама, тоа е! Еве, не поздрави источниот сосед, вели ако сакаме преговори нема македонска нација и нема македонски јазик. Фала ви „браќа“! Ако тоа планирате да ви биде државна политика, ептен сте „браќа“.

Се прашувам, дали Владата, ваква каква што е, конфузна, нелегитимна, популистичка и репресивна, со мерките кои ги воведува, дали воопшто размислува на неколку нешта, покрај финансиските импликации?!

Дали размислува на болестите од немањето физички активност, на нарушените семејни односи, зголемувањето на алкохолизмот, семејното насилство, психичките нарушувања, отуѓеноста и еден куп попратни нешта кои сум сигурен дека испливаат овие месец и кусур?! Некаквите анализи, па ценкање со одредени таргет групи, па одлуки кои се менуваат  на секои неколку сати, докажуваат и покажуваат дека не сме држава. Факт е дека од кога Филипче е министер, во изминатите две и пол години, од кога го наследи Таравари, единствен „блескав“ период му е сега, кога по три пати дневно смирено и објаснува на рајата како тој се справува со состојбата. Му благодариме, но од неговата смиреност не гледаме ништо практично, опипливо. Маски, визири и заштитна опрема за медицинскиот персонал му обезбедува невладина организација составена од млади лекари која собира донации. Во ваква кризна состојба само се потврди дека секој тера на своја рака, секој креира свои политики и дека повторно главната борба е за гола власт, за фотеља, за трошење државни пари.

Да ги затвориш луѓето дома, со репресија и закани од казни и кривични дела, место да воведеш ред, стандарди, критериуми и превентива, говори за немање лидерски, но и организационен капацитет.

  1. Замислете, не може да одиш во шума или на планина!? Па луѓе, во време кога фаќаме мувла дома, барем да може како можеме на воздух да излеземе. Опа притисок, опа на Водно може! А на Шара? Маврово? Битолчани на Пелистер, не може ли?!
  2. Следното, затворени сите забари. Луѓе, не може да одиш на забар. Дебилизам. Можело само во Ѓорче, Бит Пазар и Јане Сандански. Вака, кај забар кој работи државно за фикс плата, јас не одам! Место да воспоставите стандарди, да наложите визири, можеби и поскапа цена, раздвоени термини, по високо ниво на безбедност, вие ги затворивте забарите. Идиотизам невиден.
  3. Да имаш куче си во предност, за разлика од тоа да имаш дома бебе, болен или постар. Репресија невидена. Пак ќе речам, место ред, ќе ги изразболите уште толку луѓето.
  4. Хајката која се водеше против православните христијани, целата пропаганда и сатанизирање, и на политичарите и на одредени и медиуми, ќе им се акне од глава. Многу ниско, многу приземно. Да видиме дали ќе се осмелите така да се однесувате за Рамазан. А па ќе речам, исто како и за Велигден, со добро направен план, со редари, со заштита и критериуми, на намазот и ифтар и се може да се направи и спроведе.

Кампањата која се водеше за правење култ на личноста на еден од најслабите министри за здравство во време на паника, очигледно вроди со плод. Филипче ги има општите народни симпатии. Ќе видиме уште колку. Јас сум секогаш поборник за слушање за најстручните, најкомпетентните, нај докажаните, а и не љубам некој да ми кажува како да мислам и да ми наметнува догми во кои не смеам, и не треба да се сомневам.

Токму за тоа велам дека треба што повеќе да се прифаќаат предлозите на професорот д-р Вело Марковски, но и да се прифатат одредени позитивни мерки на опозицијата, затоа што оваа власт е со завршен и истечен мандат, а во моментот кога сево ова ќе помине следуваат избори. Се негативно што се прави, сигурен сум дека нема да остане незабележано.

Наместо #слушајгоВенко, јас велам #слушајгоВело

 

Александар Ристевски