Ќе ја рушеле Универзална сала. На нејзино место ќе имало парк со летна сцена. Изјава на Градоначалникот на Скопје, Шилегов. Каде е тука проблемот?! Проблем не би имало доколку всушност се знае каде се тера. Ајде малку фактографија и хронологија на нештата.
Факт е дека Универзална сала е стар, дотраен и ислужен објект од монтажен карактер. Исто така е факт дека е на прометно место близу до строгиот центар, без соодветна пропратна инфраструктура. Ги читав претседателот на асоцијацијата на архитекти Пановски, кој зборуваше дека Универзална треба да добие целосно нов објект, на нова локација, по пристапна, со нов архитектонски израз, паркинг и се останато и предложи тоа да биде на Илинденска, или на просторот на Паркови и зеленило каде што е сега Трибека, или потаму кај Бензинската на Макпетрол, кај стадионот на ФК Алумина. Самиот предлог и не е така лош. По прометно место, растеретување на Партизанска и Дебар Маало и Буњаковец, по брз влез и излез од градот за изведувачи и сценска опрема… позитивни нешто би имало еден куп.
Каде се негативните? Прво, Градоначалникот вети во својата програма дека нема да се гради ни новиот проект „Јајце“ кој при крајот на мандатот Коце Трајановски оцени дека е прескап и дисфункционален за во тој простор, ниту пак го прифати проектот за реконструкција кој му беше оставен каде објектот ќе се среди и прошири. Тврдеше дека ќе го врати сјајот и убавината на објектот, како симбол на градот. Оваа донација за Скопје од Бугарија повеќе од 40 години беше главната сцена за сите големи концерти и настани на Евросонг, Скопски Фестивал, Златно славејче, Златна Бубамара, Скопски Џез Фестивал и што ли уште не!
Кому Градоначалникот ветил рушење и правење парк? Патем, како рушиш пред да создадеш ново? Секаде низ Европа се рушат и сали, и стадиони, и згради. Во прво се гради нивна замена или пак градбата трае паралелно. Кога немате фиксна локација, кога немате проект и финансиска конструкција за нов објект, одбран изглед, капацитет, пропратни простории и се останато, да рушите објект, макар и кој е вон функција 5 години, е недозволиво.
Доколку сакате било што да правите со и околу Универзална, ќе отворите јавна расправа, не само на градските советници, туку ќе направите јавен повик, на кој ќе се разговара, понудат идеи и решенија, ќе се одлучи што се очекува од новиот објект, ќе му се впише маркица, ќе се објави и распише конкурс, избере решение, обезбеди буџет, распише тендер, издаде одобрение за градба, е тогаш слободно средувајте го просторот на денешна Универзална.
А ако веќе се одлучи да се оди на нова локација, и просторот да биде отворена површина со летна сцена, тогаш барем искористете го простор за минимум два ката подземен паркинг. Грев е да во толку густо населен дел од градот да нема простор за барем 200 автомобили. Два или три ката подземна гаража, горе плоштад со летна сцена, многу вегетација, фонтана и може мал објект во некој кош од некои 200 квадрати за Градска уметничка галерија како изложбен простор. Еве можност таа локација за биде свртилиште на уметниците и уметничката публика.
Кога се влегува во последна година од мандат се работат проектите кои се ги започнале или она кое е ветено во програмата. На пример, до каде е подземниот тунел од Влада со Пластичарска, под Кале?
Вакви егзибиции, промени на концепти и стратегии делуваат несериозно. Избрзани решенија без конкретен детален план и идеја што понатаму, не личат на ништо. Градоначалникот треба да одговори на сите претходно поставени прашања и да излезе до временска рамка, буџет и детален план. Вака, не оди!
Александар Ристевски