сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Уплавот на Таче и Алија

Уплавот на Таче и Алија

Иван Исцелител и Баба Дара триеле раце. Опозициската иницијатива за Референдум им навеала многу нови клиенти. Цела армија урочени им затропала на врата. Сите од владата, башка парламентарци, директори, новинари и останата северна банда…

Таче и Алија први со врски дошле на бајачки третман. Уплавот бил голем, ајваните се расплакувале веднаш штом ќе го чуеле зборот РЕФЕРЕНДУМ. Не можеле ни да спијат пустите владејачи, па и покрај северниот ветер, се буделе облеани во пот при помислата, стравот да ти бил огромен. Можноста од народно изјаснување ги вадело од ум, а кога некој ќе им спомнел и предвремени парламентарни избори топ-тан со него, се ничкосувале долу и заоѓале од плачки и кукање…

Прв со итна помош долетал Стево Стокиќ, кој им дал преЦедателска инфузија и ги кренал на нозе, а вистинскиот спас го нашле во бајачот Таљо, кој и онака се здосадувал и немал поим од претседателствување со Парламентот, па новото звање му дошло ко нарачано. Набрзина го преквалификувале со убрзан курс кај Баба Дара и си создале инстант Форина бајач, спремен да се соочи со урокот наречен народ и Референдум. И да го укине, без пардон, со некој ступиден „уставен“ изговор, ко и секогаш. Имале само еден проблем, Таљо премногу пцуел, дури и за бајач. Лоша, командантска навика…

Втора опција на урочената власт била Лошила Кацарска, која исто ко Таљо имала неверојатен успон во кариерата. Со командантот ги спојувал и Уставот, кој нон-стоп и по партиска по потреба си го кршеле, делкале, цепкале, кинеле. Не и’ било потребно ни вечерно школо за звањето. Логиката била, ако можела без проблем да осуди толку невин народ и да го прати во зандана, чуму да не може да биде и вештица, одлично и прилегало. Ги имала сите квалификативи и предуслови.

Го вклучиле и црпнатиот лидер во сенка, муртинец кој да ти бил и далечен изданок на Баба Ванѓа, па Црпко „ко од пушка“ прорекол дека муабетот и иницијативата немаат поента , оти 75 насто од народот и онака бил против Референдумот?!?!

На помош, за да бајачката биде поуспешна и да фати мајата, северните властодршци ги викнале спасителите во ликот и делото на новинарските и медиумски бапчорки, кои по команда и на копче наголемо се разлелекале за тоа каков кијамет со себе носел Референдумот. Дури и нормалните гараѓани ги фатил уплав од лелелкот на Тричковци, Борјановци, Џабировци и останата пи-ар болумента, ама набргу сфатиле кој и зошто кука и лелека, им текнало дека тоа им стои во описот на работното место, па народот се смирил. А дежурните кукјумавки продолжиле да врискаат и пискаат ко недоветни, па како тоа Референдумот ќе не врател назад, па колку тоа ќе ја чинело „демократијата“ во Македонија, та страсно и со лиги течење орно пишувале за ретроградната опозиција контра „модерната“, северна влада… Пискотници се слушале од Скопје до Брисел, до Вашингтон се чуле жалопојките на северните бапчорки. Бадијала, народот ги игнорирал, биле успешни ко зборот МАКЕДОНИЈА во говор на Стево, Заев, Таче и Алија…

Само, сите имале еден сериозен проблем и мака. Заборавиле на еден круцијален момент. Алката која недостига. Не, не на Јети, Алма или Бигфут. Не им светнало на пустите вљубеници во утопијата Северџганистан дека не може да ве спречат и одалечат од нешто кое го немате ни на повидок. Не може да ве пренасочат од некој пат кој не постои и за кој лажете.

Да, владејачите со уплав, бајачите, вештиците и бапчорките заборавиле дека немаат ни почнато преговори за да нешто, што и да е, макар било и Референдум – ги оддалечи од љубената ЕУ. Колку љубовта да била еднонасочна, или 50-50, тие сакаат – Унијата јок. Изумиле корисните идиоти дека истиот тој Брисел ги насанкал со условот наречен „Уставни измени“, без кои тапкале во место и лажувкале дека почнале преговори кои само ги сониле.

А, вистинскиот уплав не е во Референдумот, туку во паѓањето од власт, траскање од земја кој овој чин го навестува и привлекува. А паѓањето значи и одговорност за криминалот, тендерите, рушветот, злоделата кон нацијата на секое можно поле.

Да, паѓањето ќе значи многу тешко станување. Исто како и враќањето на вистинските вредности. Враќањето на Македонија. А, од некаде, некогаш, морало да се почне…