понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Уште колку, Веле Штрумф?

Уште колку, Веле Штрумф?

Имаше на времето една многу популарна анимирана серија „Штрумфови“, во која главниот лик беше Веле Штрумф. Покрај него, тука беа и Штрумф Мрзливко, Штрумф Лутко, Штрумф Трапавко, Штрумф Шегаџија, Штрумфета… И сите изгледаа речиси исто. Можеа да пешачат и трчаат, а често и да се движат со скокање на двете нозе. Негативен лик беше Гаргамел, а главното прашање кое сите го упатуваа до највозрасниот Веле Штрумф беше: „Уште колку, Веле Штрумф?“. При секоја штрумфовска авантура на штрумфовите, кога беа изморени или во дилема дали ќе успеат, Веле Штрумф ги смируваше и им одговараше: „Уште малку“…

Синоќа, во доцните часови, како што и секогаш бидува, се изгласаа и замниците-министри во владата на Зоран Заев. И, исто како и при изборот на министрите, ликовите се претежно старо-нови, на истите или на нови позиции. Нивните пратеници во Собранието пробуваа да ги одбранат, говорејќи како се’уште да беа на предизборен митинг, фалејќи се со нереализирани проекти и со тоа како Владата станала партнер со народот. А, народот пак, тој вели дека партнер му се улиците. Бидејќи, во една проевропска држава, чија што власт вели дека е отворена за граѓаните, нема да имаа толку горливи проблеми токму граѓаните, и за истите нема да и’ се обраќаа на опозицијата, туку на „народната“ власт.

И предлогот за заменици-министри доцнеше, како и тој за министри, а заради внатрекоалициските пазарења и пресметки. Во меѓувреме парламентарната група на „Можеме“ се расситни, па сега брои 42 пратеника, што доволно зборува за „силата“ на владеачкото мнозинство. На пет минути пред гласање се пребројуваат по 10 пати дали им се сите на број, а „Веле Штрумф“ за кратко го остава мобилниот, од кој глава не дига (сигурно одговарајќи на преку 3.000 пристигнатите пораки) и се врти назад да си ги преброи штрумфовите. Дури и дел од штрумфетите се однесуваат така дрско и незаинтересирано на седници кои се одржуваат за носење на закони кои им се од „огромна“ важност, па си типкаат звучно со маникираните прстиња по мобилниот и не реагираат.

Предизборната омраза, крунисана со невидена „љубов“ во старо-новата Влада, ја претвори нивната навистина пресериозна улога во овие пресериозни времиња токму во серијал налик на „Штрумфови“. Па така, сите си наликуваат еден на друг. Сите се среќни, задоволни и полни со себе, а не погледнуваат што навистина во реалноста ни се случува.

Реалноста ни е корона кризата, од која воопшто не сме излезени, а во најава ни е уште поголема. Сега за истата повторно ќе ни се „грижи“ Филипче, но овојпат „засилен“ со неговиот тендер-бизнис ортак Хасани, со кој заедно си договараа и делеа тендерчиња како министер и директор и заедно си купија земјиште од илјадници метри квадратни по багателни цени и на истото си градат хациенди, додека медицинскиот персонал е во колапс и е презаморен. Остана во исчекување на заштитни средства, на покачените плати, како награда за ангажманот во корона-кризата, а да не ги споменувам оние 100.000 денари за докторите, фамозниот нов Клинички центар и уште пофамозното бесплатно болничко лекување за сите. „Супер-херојот“, кој смируваше дека нема да има повеќе од 2.000 заразени, сега нигде го нема да ни соопшти на што се должат бројките од близу 16.000 заразени и близу 700 починати.

Реалност ни се и лозаропроизводителите, кои почнаа да го истураат грозјето на ѓубриште, но затоа повторно тука ќе им биде Димковски, кој е можеби единствениот пример како од министер се станува заменик во истиот ресор. Дали е ова резултат од недостиг на кадри или немање доволен интерес кај вистински компетентните луѓе да и‘ се придружат на оваа штрумф-Влада? Или е резултат на немањето доверба во веќе поставениот министер?

Реалност ни е и сомнителното затварање на „Еуростандард банка“, од кое си се извлече претходната министерка со својот влог на време, па сега нигде ја нема и никој не ја есапи за ниту една функција, а не дај Боже да ја повика на одговорност. Во исчезнатите велелепни кадри на СДСМ да не ги заборавиме и Кирацовски и Ременски. Името не им го споменуваат, а им беа едно време алфа и омега во партијата.

Понатаму, реалност ни е и стартот на новата учебна година. За него ќе се „решаваат“ проблемите во чекор, а одговорноста и одлуките ќе ги споделува цела Влада. Ова преведено значи дека на крајот сите и никој нема да биде, ниту одговорен, ниту виновен.

Реалност ни остануваат и „рекетите“, Леонардо, фондовите за „иновации“, кои веќе почнаа да се надополнуваат со Дака и со којзнае уште што.
Но, реалноста очигледно ја гледаат само оние кои не се „штрумфови“, додека „штрумфовите“ си се во нивната „серија“ и си продолжуваат да го прашуваат нивниот „Веле Штрумф“: „Уште колку ( да лажеме, крадеме и глумиме дека се’ е во ред)?“, а овој повторно и по навика ги лаже и им вели: „Уште малку“…

Да беше сево ова анимирана серија, можеби и ќе се насмеевме. За жал, ова е сурова и болна реалност, заради која е повеќе од јасно дека вториот серијал на оваа старо-нова влада ќе трае кратко или ќе се прекине со неговото снимање после неколку епизоди, зашто народот на улиците се буди и порачува дека „Уште малку“ и доаѓа крајот на изигрувањето штрумфови со нашите пари, нашето достоинство и нашата Македонија.

Дафина Стојаноска – пратеничка