вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Утнати поенти на структурата која тоне и пишува манифести

Утнати поенти на структурата која тоне и пишува манифести

Навистина не можам да сфатам, дали актуелната власт и нејзините експоненти не сфаќаат, или им дише главата? Дали имаат толку лоши советници и пи ар советници, што го третираат и народот и опозицијата да недоветни или само е ова уште еден обид да купат уште некој ден?

Да се разбереме јасно, отворено и директно: Поддршка за промена на устав нема да има! Не може да има! Не смее да има!

Прво, затоа што е под уцена и притисок, и затоа што излегува надвор од копенхашките критериуми за нашата ЕУ интеграција.

Второ, затоа што нема макар и минимален реципроцитет. Другите народи кои треба да се вклучат се максимално либерално и отворени кон нас, додека бугарската држава во целост го негира нашето постоење, минато, јазик, историја, културно наследство.

Трето, и најбитно, затоа што се политичка структура, која и така кревката поддршка која ја имаше од 2017 навака, за прокоцка за криминал, клиентелизам, непотизам, злоупотреби и се она против кое зборуваше.

Ги изневеривте сите очекувања на народот, водевте хајки и случаи против обични луѓе, спроведувавте чистки и сатанизирање на луѓе, а за тие за кои се силевте дека ќе ги казните си се договоривте, или ги искомпензиравте за да гласаат во Собранието за тоа за кое ви требаат.

Нов мандат добивте среде лето, среде пандемија, со бројни неправилности и злоупотреби. И во првата ваша, и во втората Влада, слуги сте на ДУИ, парија која е во власта повеќе од 20 години. Структура која доживеа со една десеттина пратеници, за владее со половина Влада држејќи ги клучните ресори. И што добивме? Потоп! Инфлација, иселување, уништување на правосудниот систем, целосно дерогирање на институциите благодарение на негативната селекција која ја доведовте до едно ново подлабоко дно.

И кога вие двете никакви и токсични структури ќе зборувате за обединување, дали сте при здрава свест и разум? Обединување со кого? Со вас? Никогаш за ништо! Прво треба да треснете силно од земја. Второ, треба да се исчисти судство, обвинителство и сите органи на прогон со секој полтрон кој го поставивте, за да може да ви се процесуираат сите случаи за кои се има сознанија за злоупотреби.

Секој имот и средства за кој ќе се докаже и потврди дека се нема доказ за потекло и стекнување, дебело да ви се оданочи. Да се преиспитаат сите одлуки и законски решенија кои се на штета на државата.

Да се побара правна и интелектуална помош и од земји членки на ЕУ, но и враќање на квалитетни македонски кадри кои се низ светот, спремни да влезат во костец со злото кое го аплициравте во општеството, задниве 6-7 години.

Постојано прашувам луѓе кои беа дел од Шарената револуција и максимата „Нема правда, нема мир“, како се чувствуваат. Најголемиот дел од нив, црвенеат и тонат в земја, срамејќи се дека поддржале една ваква неспособна клептоманска багра, која се опкружи со паразити и хиени, која ги направи одредени елити од ДУИ на ниво на богови со неограничена власт, а малите партии на македонските Албанци чергиче за пред врата, ротирајќи ги во власта и трошејќи ги, летајќи ги и правејќи ги неупотребливи на долг рок.

Македонија си има пат кон кој се стреми. Нема политички субјект кој е анти ЕУ. Македонецот е етнички може да се обедини само во Европската Унија. Но, вие кои системски ја разоривте земјата, вие кои полтронизмот и клиентелизмот го воздигнавте на едно сосема ново ниво, вие кои од морони направивте квази авторитети и носители на битни јавни функции, бие немате право да зборувате за евро интегративен процес.

Самиот обид да ги направите сите оние кои не ве поддржуваат дека се некакви руски ботови, странски структури, анти ЕУ, или не знам што се треснавте, само налева оган на севкупната состојба и амбиент кој е против вас, како владејачка структура.

Колку подолго ова трае, правите самиот процес да биде само по лош и по болен. Тоа што сте го ветиле во туѓо име, а не можете да го испорачате, е ваш проблем, не на цел народ и на цела држава.

Џабе трошите илјадници евра на фејсбук кампањи, на алишта, на фризури, тупеа, хируршки интервенции, концерти, спотови, кога сите битни празници и настани ви се без народна поддршка, со фингирани слики и видеа, или само со партиски членови или вработени под принуда. Мислам дека и самите сте свесни за сево ова, ама пусти бенефиции не се напуштаат. А вечен, никој не е! За среќа, се разбира. А на секој во животот му се суди според делата и образот.

Манифест треба, за сенародно обединување, национално, на сите граѓани на оваа држава, на Македонија, која ја силувавте и прекрстивте, за да го зацрта својот пат, но и за да се исчисти внатрешно, системски, од лоповлук, проневери и злоупотреби.

А вам, непочитувани властодршци однародени, ви посакувам што побрзо да го почувствувате судот на народот, и казната, и законска, и политичка, и морална, и Божја, и секаде каде што ќе одите, и на улица, и во маркет, и на одмор… мала држава сме, сите се знаеме.

Очекувам од народот предлози за анти лоповски и анти предавнички манифест. Него со задоволство би го потпишал и гласал. И со две раце, ако треба, како еден поранешен пратеник и „кмет“.