Викендов се случи нешто што долги години беше мисловна именка во Бугарија, па дури и во Пиринскиот крај.
Се отворија простории (културен клуб) на Македонците во Бугарија, во градот Благоевград (поранешна Горна Џумаја). Оние Македонци на кои им се оспорува постоењето. Знаете, да ви каже некој дека во 21 век, некој ви го негира постоењето е фарса. Да ве убедува некој, дека името Македонец е само регионално/територијално објаснување, е навреда и понижување.
Која е разликата помеѓу правото да се биден Бугарин во Македонија и Македонец во Бугарија? Бугарите во Македонија, заедно со Бугарската држава го негира постоењето на Македонците и сака да го стави во некаква историска рамка. Потенцира дека народот е измислен и вештачки.
Да се разбереме, народите и нивната појава се најприродното нешто кое постои, и нивниот раст и развој се детерминирани од јазик, култура, обичаи, неретко вера, и делумно генетика. Вештачки е се нациите, а тие настануваат врз прашање на политика, граници и се она што државата како систем го наложува. Има еден куп народи кои немаат држава (на пр. Курдите кои живеат во неколку држави најмногу во Турција и Ирак), од друга страна имате еден куп нации (пред се африканските) кои се настанати според територии кои европските колонизатори ги поделиле, а во нив самите живеат најразлични народи и племиња, со еден куп јазици, вери и обичаи.
Македонците во Бугарија се факт. Не само оние кои се во Пирин. Ги има низ цела држава. Ги има огромен број во Софија, ги има на Црно море, во Варна. Низ годините, и благодарение на системското негирање на етничкиот македонски идентитет, како и различниот систем и засновање на државата врз нацијата, Македонецот во Бугарија се третира како човек со територијално објаснување, а не со етничка посебност. Во ред! Нека биде така. Еве ќе речеме дека идентификувањето со Македонија кај голем број од овие лице веќе го нема. Како некој ќе ми објасни дека една земја членка на Европската унија, сојуз кој дава огромни пари за зачувување на етнички и малцински култури, малцински јазици во изумирање во цела Европа, ги поддржува сите, ама Македонците не! Истите Македонци кои можете да ги сретнете во Грција, но и во Албанија, и на Косово, и во Србија.
Еве, Бугарскиот устав не признавал етничко делење, била граѓанска државата, сите биле Бугари. Како тогаш знаете колку се Роми и Турци, Ерменците и Евреите ги знаете ли? Интересно како двојните стандарди важат само за Македонците.
Македонците немаат територијални аспирации кон никого. Македонците сакаат да се интегрираат во Европа, во заедничка обединета Европа, во Европската унија, но да им се почитува правото на само идентификување и правото на јазик, култура и обичаи. Репресијата и негирањето кое се случува е оставштина од 19от век.
Името на центарот Никола Вапцаров е прекрасно одбрана. Човек кој живеел и творел во денешна Бугарија, а идејата и свеста му се македонски. Малку е смешно да се злоупотребуваат денешните членови на неговото семејство за да се потенцира „бугарштината“. После 80 години од неговата смрт, таа трета или четврта генерација може да каже и се декларира како сака, но делото, борбата и идеите на Вапцаров се тие кои зборуваат за него. Вапцаров е човекот кој е мост меѓу двата народи. Исто како што еден Стерјо Спасе е мост меѓу Македонците и Албанците во Албанија.
Од друга страна за културните клубови на Бугарите во Македонија што да се каже освен дека се прават само култура не промовираат. Навистина не ми е јасно зошто се бираат имиња на луѓе кои ја поларизираат јавноста, и зошто тие кои се „фронтмени“ на истите излегуваат со анти македонски изјави или функционираат со некои ликови од Бугарија кои го негираат и Македонскиот народ и современата македонска нација? Зошто некој не се буни за културен клуб на Турци, Власи, Срби? Затоа што никој од нив не го негира постоењето на Македонскиот народ, не навредува и не негира. Тоа е првиот чекор кој овие клубови треба да го направат. Да ги променат имињата и да си ја сменат реториката. Во Македонија никој никому не пречи.
Македонија и Македонците се борат да се обединат под едно небо, а реално тоа е најизводливо доколку секоја педа македонска земја биде во Европската унија. Но срцето и мајката на секој Македонец е Македонија, оваа истата која против волјата на Македонецот се додаде и она „северна“. Државата ни е таа, да се обидеме да ја стегнеме, развиеме и оправиме, но и нашите браќа и сестри во соседството и регионот да им бидеме база и поткрепа за да го сочуваат јазикот, културата и своето основно човеково право да се самоопределат како Македонци.
Александар Ристевски