вторник, 21. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Вистинските прашања за 27-ми април

Вистинските прашања за 27-ми април

Почитувани пријатели, чест ми е што од денес ќе можам да ви се обраќам и вака, преку колумна, формат кој е можеби малку девалвиран во времето на брза и кратка комуникација наметната од современите трендови и социјални медиуми, но искрено верувам формат преку кој ќе може да си кажеме работи кои не можеме поинаку, а се не само вредни, туку ни е и должност да ги кажеме.

Ќе ви пишувам за работи кои ми се важни мене и вам, за теми кои брзината на нови информации ги исфрла во втор, трет или петти план поскоро отколку што заслужуваат, затоа што нема заборавени теми, туку има само заборавена волја да се поставуваат прашања и да се добијат заслужените одговори. Верувам дека ќе се радувате на оваа можност, колку што се радувам и јас. Па, да започнеме.

За моето прво обраќање, одбрав да анализирам еден значаен датум за Република Македонија и вниманието на читателите го насочувам во суштината на настаните, случувањата и нивното значење. Датумот со бројот 27 кој освен за мене лично, е од огромно значење за сите, како и тема за анализа и проучување на многу генерации.

27 АПРИЛ 2017 ГОДИНА, СКОПЈЕ, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

За добра и квалитетна анализа на одредено случување секогаш времето е најрелевантен сојузник во разоткривање на вистината. Годините кои се пред нас верувам дека до крај ќе ги откријат детаљите, суштината и позадината на тие настани.

27-ми април е денот кој беше предуслов за се што понатаму требаше да се случи. Никој не може да ја демантира контраверзноста, историската важност на тие настани, за државата што ја имавме и она што денес го имаме.

Го нарекоа „крвав четврток“, свесно обидувајќи се да ја потенцираат човечката болка, страв и стрес , а здраворазумен човек никому не ја посакува, посебно не мирниот народ кој повеќе од. 70 дена на демократски начин во мир го користеше своето уставно загарантирано право на протест.

Таквите сцени најмалку беа желба на искрените поддржувачи на идејата дека со мирни протести можеме да очекуваме прифаќање на нашите предлози и идеи или промена во размислувањето на одлучувачките фактори во државата но кога од дистанца гледаме на „крвавиот четврток“ тогаш ќе заклучиме дека на тој ден, за жал, искрвари Македонија.

ЗАБОРАВЕНИТЕ ПРАШАЊА КОИ ЌЕ ГИ ДАДАТ СИТЕ ОДГОВОРИ

Здравиот разум и логиката, срцето и чувството ќе ве донесат до вашиот интимен, личен, интуитивен одговор за тоа што е суштината, каква е хронологијата, кои делувања какви чувства предизвикаа кај народот и кој всушност имаше интерес од таква завршница на мирните протести кои неколку месеци претходно се одвиваа по улиците и плоштадите на Република Македонија.

Зошто е избран тајминг за избор на Претседател на Собрание во време кога народот секој ден, 69 дена претходно во тоа време протестираше пред собранието на Република Македонија?

Дали е воспоставена и нормална практика еден пратеник да пее химна на туѓа држава на официјалната говорница во Собранието на Република Македонија?

Како е избран претседателот на Собранието?

Зошто по гледањето на снимка дека некои граѓани ги префрлија оградите, па нив ги следеа и стотици други, не беа итно евакуирани и сместени на безбедно место сите пратеници?

Зошто за дел од луѓето со качулки кои не беа дел од обвинетите во судските процеси никој не одговори на прашањето каква била нивната функција, обезбедувачка или напаѓачка?

Дали после неколку години немате чувството дека можеби на тој ден се случувал… контролиран хаос?

И најверојатно двете клучни прашања,

Кој доби, а кој изгуби политички после тој настан и дали такво гласање, со толку гласови и на таков начин ќе поминеше ако во моментот немаше толку драматичен настан кој целосно го апсорбира вниманието на граѓаните во тие клучни моменти?

После се, завршија протестите и беше минимизирана секаква форма на организација на било какви јавни собири кои се демократски механизми што народот ги има на располагање. Се „задуши“ можноста за организација на различни форми на настани за покажување на несогласување со актуелни одлуки, посебно во време на носење на најдраматичните промени во Македонија кои во поновата историја (во светски рамки) ќе останат запаметени како најрадикални не само по својата форма туку и суштински.

Дали обвинението за тероризам на патриоти, интелектуалци, политичари, полицајци, уметници би го зголемило потенцијалот на демократско јавно изјаснување на останатите граѓани кои не се согласуваат со промените кои се случуваат паралелно со судењето, или истиот би го намалиле и спречиле?

На овие прашања не треба да се бараат одговори. Некогаш е покорисно да се постават вистинските прашања отколку да се трага по одговорите. Македонците треба да извлечат поука и да ги постават вистинските прашања во вистинското време.

27 АПРИЛ, 2020 ГОДИНА

Уставобранителите денес се во затвор. Во време на светска паника заради справување со пандемијата, емоциите кои вријат кај сите вистински патриоти е пресилна за да се заборави и игнорира. Нивните семејства едвај врзуваат крај за крај, а нивните најблиски растат и живеат без своите родители, браќа, синови. Истите оние кои што во конфликтот во 2001 година беа во првите борбени редови а сега оцрнети и ставени на маргините на општеството. Судските постапки се уште се живи и надежта за правда е најсилниот мотив кој ги држи со кренати глави нив и нивните семејства.

Сочувствувам длабоко и моето срце е со сите. За оние кои свесно манипулирале со нивните чувства и ги предодредиле нивните судбини имам само презир и жалење. Презир затоа што свесно ја одбрале темнината да биде нивно секојдневие, а жалење затоа што знаат која била формата на нивното учество во целата лакрдија и со каква совест живеат.

Историјата ни се повторува: Имаме нови страници во читанките, полни со возвишени идеали и подмолни предавства.

Периодот помеѓу оној 27-ми и овој 27-ми април ја врати горчливата арома на транзицијата помешана со сите национални понижувања, предавства, продажби на се што е свето и чисто а секого од нас го гуши без разлика дали има храброст тоа да го признае или го чува длабоко во себе.

Важно за нас е да не го заборавиме начинот, неуставноста, формалните и суштинските прекршувања на законските, моралните и етичките норми при донесување на така драматично важна одлука за едно општество, со која во Уставот е запишано ново име на државата.

Со јужниот сосед е потпишан договор во Преспа со кој се негираат основните постулати на една државотворна нација како и идентитетските карактеристики на македонскиот народ;

Со источниот сосед е потпишан договор, после кој е формирана Комисија која ги ревидира историските настани, се’ во полза на бугарските историчари, а прифатено од нашите политичари; истиот договор е искористен од страна на Бугарија при првиот чекор на нашето пристапување кон ЕУ, со забелешки околу постоењето на македонскиот јазик и како што велат „добрите соседи“, карактерот на нашиот современ идентитет кој според нив „бил изграден врз бугарската национална историја“.

Спроведена е “тиранската платформа” за која велеа дека е само во главите на вмровците.

Раководството на СЈО, обвинителството кое имаше неограничени овластувања во периодот пред големите промени во Македонија, и кое “случајно” обвиненијата ги поднесуваше за време на најголемите случувања во поновата историја, во предмети во кои скоро секогаш обвинети беа членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, е јавно фатено во незаконски дејствија на изнудување на рекет, со доказни материјали и снимки кои не се обезбедени од државни органи и кои се јавно објавени од медиум од држава во ЕУ. Главната обвинителка и останатите се во притвор и во тек е судењето.

ДОАЃА ВРЕМЕТО ЗА НАЈВАЖНАТА БИТКА

Со настаните од 27-април 2017 година како пресвртница се поставија фундаментите за сите настани, активности, промени кои се случија до денес, и кои ја детерминираа актуелната реалност.

Во таа насока повторно ќе повикам на будност а на македонскиот народ и граѓаните на Македонија ќе им порачам дека мораме да го вратиме оптимизмот, да ја вратиме надежта која пречесто ни е убивана од непримерни и недолични политичари, да се бориме за моралот и интегритетот.

Во борбата за правда сите сме жртви, не само невините по судови и затвори, туку и оние кои мислат дека со држење на страна нив ќе ги одмине секоја неправда. Затоа, со верба во Бога, да ја започнеме за нас можеби најважната, битката за враќање во нормала, битката за правда, битката за Македонија!