Навистина е смешно кога една гарнитура на власт, кога ќе направи нешто што е повеќе од очигледно дека е злоупотреба, дури и доколку законот актуелен тоа им го овозможува, изговор да им биде дека истиот е донесен во време на претходната власт.
Просто, невоспитано, и кон цела јавност потценувачко однесување. Зарем мислат дека сме мутави? Дека ни дише главата? Дека ништо не гледаме? Дека тие кои сега владеат народот ги донел и тие малку да се почестат од државниот имот, за да после развиваат приватни бизниси?
Јас колку што се сеќавам, поводот на масовните демонстрации и таканаречената „Шарена револуција“ на чии крила дојде актуелната власт, беше право, правда, правна држава, одговорност. Како што гледаме, нема апсолутно ништо од тоа. Истата, потпомогната од вечните ликови кои веќе 20 години се „интегрираат“ низ институциите и тендерите, изминатите неколку години си направија држава каква што им одговара, договорна, во четири очи.
Се уште чекам да профункционира бројчаникот на Порта Македонија, кој помпезно го најавуваше Пинокио. Сега Пинокио го нема, а бројчаникот иако фиктивно го поставија, не покажува колку пари се вратени од тие кои ги нарекоа крадци и ги обвинија за се можно во државата. Не само што бројчаникот не проработе, туку освен некои пари кои ги уплати еден бивш Градоначалник на Центар, друг денар не вратија. Од друга страна, сите дискретно станаа бизнисмени, и тие кои беа и тие кои не беа, и ко за чудо, сите се фатија за енергетиката.
И сега кока цените отидоа преку плафон, кое е чарето? Плаќа стопанството, го заглавуваат буџетот. Суптилно му ги креваат цените на народот, за да не ги боли многу одеднаш, ама ги заглавуваат нивните деца за во иднина. Каде е неспособноста и криминалот? Македонија во континуитет сама произведуваше над 70 отсто од потребите на државата за струја. Сега произведува едвај половина од тоа, или околу 35%. Купуваме струја каква што ни се нуди, по цена која ни се нуди и си ја плаќаме дебело.
За 5 години не успеаја да направат апсолутно ништо, а и тоа кое функционираше, го фрлија на колена. Не памтам кога последен пат РЕК Битола работел со три блока, зошто не се средија ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино, зошто не почна да се гради ниту еден од четирите големи проекти Чебрен, Галиште, Бошков мост, Луково Поле, зошто масовно не се форсираат и сончевите електрани, зошто секоја поголема фирма или претпријатие нека фотоволтаици, и уште многу „зошто“! Сиромаштијата од дрва ги префрлија на струја, па сега нека се снаоѓаат. Место да има субвенции за фасади и ПВЦ прозори со три стакла, тие на народот му шиткаа клима уреди.
Место да државата финансира нови мали еколошки или хибрид коли, ние правиме хепенинзи и маркетинг за информирање. Место да укинеме патарини во целост, и да ставиме вињетки со регистрација, ние поставуваме нови и ги поскапуваме.
Во меѓувреме, гледате како ликови суптилно се повлекуваат од политика, или се ротираат, и како цицаат од народот.
Две години трпиме терор политички ради корона кризата, во која народот ја преброди сам. За се плаќаше од џеб. И тестови, и прегледи, и витамини, и лекови, скапи приватни болници (затоа што на државно беше хорор со условите, па дури и живи луѓе изгореа), но затоа пари се фрлаа за договори услуги, за стоки и услуги, за времени вработувања и за пи ар и маркетинг.
Патем, на здравје нека ви е гоштевањето со златниот прибор и бифтеците и се она што го лапате за цени за кои обичен народ не може да купи ни два четврти бурек со јогурт, или обичен хамбургер. Се гледа да власта ви „прија“, се гледа и од визуелна промена во физикусот на многумина.
И нови коли се купија. Негде околу 12-13 милиони за нови автомобили од кога дојдовте на власт. Машала! Па мора господа да се возат во ново, скапо, модерно, на „дугме“. Секако, на тие кои со вас не се согласуваат, или добија клоца или се девалвирани и деградирани. А народот? Народот кој го… Централната власт е убедена дека ќе го купи народот пред избори, како и секогаш. Малку ги изненадија локалните избори, па удрија на анти кампања и сатанизирање на новата локална власт.
А „локалците“ си тераат, и прашање е на време кога ќе исплива на површина се она што се правело а и (не)сработело изминатите 4 години, и како се трошеле народните пари. Правда ќе има. Почна да се чешла се по ред локално, прашање на време е кога и централната власт ќе биде ревидирана се што правела. Во Европска унија не се влегува со продавање на националните интереси, туку со ред и поредок, со систем и правна држава, а не со анархија и локални шерифи и профитери.
Александар Ристевски