недела, 24. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Вознесот и падот на политичките лилипутанци

Вознесот и падот на политичките лилипутанци

Месеци и месеци потрошени на макотрпно истражување на позадината на случувањата на собитијата. Неверен Тома, како што ме создал Господ, ај да измерам и пак да измерам, да не избрзам, да не донесам погрешен заклучок, се сомневав во мојата диоптрија низ која ја гледам македонската политичка сцена, се нешто ми се чинеше дека некоја (трета или четврта) димензија не можам да видам. Не прифаќајќи ги јавните оговарања за интелектуалниот капацитет на властодршците, впрочем како што се вели, луѓето се пред се, љубоморни на успехот на другиот и се обидуваат да го омаловажат.

За да дојдам до вистината морав да се вратам на изворот, имајќи пред вид дека владеачката коалиција е создадена од марксисти-ленинисти или изворно комунисти, да ги препрочитам класиците на марксизмот.
Еурека, ја пронајдов четвртата димензија, како сме можеле да бидеме слепи. Токму нашите властодршци, тргнале да ја реализираат мечта за безсмртност низ политичката платформата од „18-тиот брумер на Луј Бонапарта“ и стратегијата на „Гуливеровите патувања“. Крајна цел, секако идеалот на секој комунист, „Крајот на историјата“, не онаа на Хантингтон туку нашата – Македонската, и „Одумирањето на државата“, но не онаа на Ленин туку на нашата – Македонската држава. Испревртени идеолошки цели со егоцентрична замисла на Цезарот, Левијатанот…, а всушност Лилипутанец.

Но, како дојдоа до овде нашите политички лилипутанци?

Триесет годишното делување на наследниците на КПМ, сегашните СДС-овци, асоцира на „Гуливеровите патувања“ шетајќи од остров на остров, без свој демијург во идеја водилка. Едноставно живеејки ден за ден во сите денови на своето владеење, се обидуваа да исконструираат, со помош на „дебело“ платените, интелектуално импотентни идеолози, идеолошка матрица насадена на едно одамна поминато време, никогаш не успевајќи да ја допрата суштината на европската социјалдемократија. Сепак, за дел од народните маси, романтично занесени по еден одминат систем, (патем кажано, далеку од совршен) пласираа некаква си идеологија како траса по која се движат и тоа во континуитет (секако континуитет кој немаше врска со патриотизмот и посветеноста на создателите на Македонската држава на темелите на АСНОМ), лажно претставувајќи се.

Но, нејсе, ништо не може да трае вечно, бродот се заринка во депонијата на сопствениот политички волунтаризам полн со најтривијални лаги. Тоа е момент кој го чекаа политичките лилипутанци, дотогаш само минорни статисти во декадентната престава на Гуливер (кој и денес „умно“ молчи и не одговара на разно разните сведоштва, а кои сведочат и за неговото време). Истоштениот Гуливер не можеше да се спротивстави на „бунтот“ на политичките лилипутанци, многу лесно се предаде надевајки се дека неговата грамадност (достојна на еден Папа), наспроти пигмеите, ќе му овозможи, од зад параванот, да продолжи невидливо да ја режира преставата, впрочем тоа и му го ветуваа лилипутанците, онака свежи и податни.
Како што обично бива во Македонија, нож во грбот доби Гуливер и заврши во политичка пензија и помалку изолација. Политичките лилипутанци веднаш се заканија дека „ќе јадат живи луѓе“, заканите беа и кон Гуливер, можеби не во облик на канибализам но секако во пригодна амбалажа. Потоа, по сугестија на нивните политички ментори, се обоија во боите на виножитото следејќи ги светските модни трендови и притоа ругајќи му се на Бога. Немајќи своја концепција, за политичка платформа да не спомнуваме, се решија да делуваат како што и доликува на политички Лилипутанци, без морални норми – со лаги. На овој начин, со лаги и манипулации спроведоа насилие и ја презедоа власта. Нешто што нивните претходници на кои се повикуваат за државотворно наследство ни на сон не би го сториле.

Владеењето на политичките Лилипутанци се реализира низ само ним познати демократски правила. Колнејќи се во своите најмили до последната жица, а во “интерес“ на народот, кој по дифол би требало да го преставуваат и работат во негов интерес, распродадоа се што значи идентитет на еден народ или национален интерес на една држава. Правдајќи се со освојување на повисоки цели и интереси, но во суштина станува збор за психоделичен постмодернизам на политичките Лилипутанци, Квази-херојското „слетување“ на месечината се случи во напуштениот подземен тунел на европските политички катакомби. Безумие! Никако на друг начин не би можел да го определам владеењето на политичките лилипутанци. Навлегоа во сопствениот театар на апсурдот, како онаа несреќна „Храбра мајка“ на Брехт, која задоволна од бизнисот кој го правеше движејки се низ воените фронтови, не ни забележа дека секој фронт и однесува во смрт по едно дете. Токму така, лукративните интереси на владеачките политички медиокритети им го наметнаа политичкото „кокошкино слепило“, никако да забележат дека Гуливер се ослободува и како анаконда постепено ги прегрнува. Политичките лилипутанци навлегоа во просторот на „Касандриното проклетство“, знаеш што ќе ти се случи, но не можеш да го спречиш неизбежното.

Следејќи ја паролата „да се спаси, што може да се спаси“, политичките лилипутанци, сите сили ги впрегнаа да не внесат во „Прокрустовата постела“ на националните интереси на нашите „добри“ соседи. За нивниот садо-мазохизам нашето крварење беше само уште еден чекор до совршениот политичко-национален вознес. За да се прикријат, проектираа лош римејк на Кустуричиниот „Андерграунд“, со кастрација на медиумите единствена вистина беше само, проектираната од нивните апологети, нивната вистина.

Но, крајот е веќе тука, поточно од вчера, песочниот часовник истече и од „андерграундот“ се појавуваат ликови кои не веруваат на „агитпроповската вистина“. Крвавите рани од насилието да не стават во „Прокрустовата постела“ ќе се залечат, впрочем низ историјата наша – Македонска, многу владетели се обиделе да не сместат во таа злокобна постела и секогаш сме преживувале, ќе преживееме и овој пат. Сепак, штетата што ја направија политичките лилипутанци, како реа ќе се шири уште долго низ политичките кулоари на Македонската политичка сцена. Нивните политички наследници со децении ќе ги санираат штетите (доколку некогаш добијат шанса за тоа да се искупат за гревовите на нивните претходници), срамејќи се од периодот на владеењето на политичките лилипутанци. Стигматизирани за навек од Македонскиот народ од кого ќе изникне современ Тезеј за да не извлече од „Прокрустовата постела“ и да ги казни политичките лилипутанци вознесени во ликот на Прокруст.

Замислениот вознес на политичките лилипутанци е со краток век, а падот ќе биде длабок и болен.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов