вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Време е за избори! Дали крајот вака мириса…?

Време е за избори! Дали крајот вака мириса…?

Човечка големина е да знаеш кога е доста, кога е крај. Во политиката е познато дека кога колата почнува да оди „низбрдо“, попаметно е да закочиш и застанеш, отколку да пуштиш по инерција да оди надолу во лер. Тогаш тешко се запира, а ударот е поголем.

Ваква жестока борба за тронот не се сеќавам дека се водеше ни во 2001-21, ни 2005-06, ниту пак најжестоката борба за опстанок 2014-17. Иако да не заборавиме дека структурата која владееше 2005-06 имаше огромно мнозинство во Собранието, иако и како таа на ВМРО ДПМНЕ во 2014-17.

Кога имаш власт на стаклени нозе цели два мандати, и кога си целосно во скутот на ДУИ кои опстанаа над 20 години на власт, немаш голем простор ниту за маневар, ниту можност за нови идеи, нови кадри, и нови концепти. Да не забораваме дека успеаја да ги изгор и уништат сите мали македонски парии, а тотално да ги обезличат и растурат партиите на македонските албанци.

Ова потврдува неколку работи:

Прво, дека меѓу помалите партии нема капацитет за преговарање, лично факторизирање и да се има бенефит од приклучување кон власта (освен сигурен сум личен, на тие кои добиле функција). Партиите кои размислуваат долгорочно, прво креираат и промовираат кадри, наметнуваат некаква филозофија и идеологија, и растат и со членство и со јавна поддршка, и во случај да почнат да се губат или тонат со власта, да знаат кога да си одат, за да се факторизираат општествено.

Второ, партиите на македонските албанци се целосно фијаско. И покрај севкупното незадоволство на албанското гласачко тело од политиките на ДУИ, тие продолжија да се делат, дополнително да се цепкаат, па станаа 5-6 партии, кои само ги ротираат во власта по година дена, и ги фрлаат во аут. И место да промовираат политика на чисти кадри, на антикорупција, на заштита на обичниот човек, стандарди кои ќе не носат во Европа, тие се занимаваат со иредентизам, сеење меѓуетничка тензија, не почитување на државни симболи, според мене е однесување на луѓе со фрустрации, а не на политички лидери и субјекти кои треба утре да ја водат државата.

Доволно е за малите. Ајде за двата главни субјекти, за СДС и ДУИ.

СДС беше во опозиција цели 11 години, со исклучок на „пржинските“ Влади во кои влегуваше. После сите глупости, и пред се територијалната поделба во 2005, и добро пројдоа. Мислам дека после следниов пад, кој многу скоро ќе им се случи, можноста да се вратат повторно на тронот ќе биде многу по мал, и дека враќањето назад ќе им биде сведено на статистичка грешка, а ако некогаш воопшто дојде тоа ќе биде преку некој нов политички субјект или како помал партнер, во некоја идна коалиција.

Кога сега гледам кои ликови дојдоа да им бидат ударни партиски експоненти, сфаќам дека станаа толку истрошени, што крајот е се по извесен. Дури и оние млади кадри кои политичките партии ги развиваат преку одредени семинари, обуки и академии, огромен број од нив кои првите година, две, три се сликаа како иднината на СДС, сега гледам дека се дистанцираат и срамат од своето политичко минато.

Ги следам случувањата во ДУИ. Расколи, поделби, кланови… Малку чудно за партија која е над 20 години дел од власта. За жал, и после 20 години, ДУИ не успеа себе си да се надмине. Да го покаже името дека е за интеграција, а не за турбо фолк шовинизам, не за јазична делба, и да се надмине себеси, да почне да промовира кадри кои не се партиски. Имам впечаток дека токму кај нив од кога ги пензионираа огромен дел од старите кадри и борци од ОНА/УЧК, се сведоа на две структури, екипа блиска со ВМРО, и екипа блиска до СДС. Се искреираа општини кои им беа „сигурен плен“ па прашање беше само кого ќе кандидираат од партијата за да истиот се прошета низ изборите. Тоа беше рецидив на идиотската територијална поделба на Бранко и Бучко, од 2004та.

Но нештата се менуваат. ДУИ го губи веќе редовно Гостивар, го изгуби конечно и Тетово. Чаир го води градоначалник кој е сега во друг субјект, преку „огнените“. Струга им е на колена после аферите на Мерко. Кичево ќе го изгубеа од кандидат Македонец, а го добија со контингенти гласови кои со авиони ги носеа од странство. Дури и една Брвеница доби градоначалник од ВМРО, иако општината е мнозинско албанска, а како што слушам, екипата одлично работи. ДУИ за прв пат на следните избори ќе оди без речиси никаква логистика од општините кои 20 години ги владееја.

Факт е дека ДУИ е се уште силен и битен политички играч. Но факт е дека гласачкото тело кон кое претендираат изразува силно незадоволство, а нивните експоненти се навлезени во квази елитизам, чалам и губење на контакт со реалноста, токму поради апсолутната моќ и целосна неспособност и зависност на СДС од нив.

Дното е допрено, веќе нема каде. Дали изборите ќе бидат во октомври, или во април, станува не битно. Доколку се во октомври, барем народот ќе биде поштеден од уште една тешка и стресна зима. Власта ниту има проекти со кои може да се пофали за да сече ленти или ги промовира, ниту има шанса и време нешто да смени оваа зима. Дури и автопатот за кој потпишаа договор, кој е апсолутно скандалозен, и за кого се очекува да дадеме над 2 милијарди евра (или што би рекол еден мој познаник 2000 милиони) во текот на зимата ништо нема да сработат, освен некакви теренски припреми.

А штрајкови на секој чекор, незадоволни се сите, инфлацијата не запира иако формално ја амортизираме преку Народна банка. Тонеме, а спас нема. Плус, и картата на која игравте, евро интеграциите, заглавени се!

Дечки, постапете достоинствено. Ова веќе стана мачење, а трпи севкупната нација!

Време е за избори!

 

Александар Ристевски