четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Втора фаза

Втора фаза

Пред извесно време во една моја колумна напишав дека дејствувањето на Заев за сопствен политички спас и враќање во игра на неговата екипа се одвива во три фази. Во моментов на дело ја гледаме втората фаза.

Во првата фаза можевме да видиме како тивко го суспендираше Манџурискиот кандидат од позицијата вонреден и потполномоштен премиер. Таа внатрешна „дворска“ игра на СДС продолжува и понатаму се додека Заев не ги прочисти редовите на СДС од евентуални внатрепартиски опозициски групи и поединци опоненти, било да доаѓаат од нему „драгиот и почитуван“ невладин сектор, од „шарените“ кои ги смета за корисни идиоти или пак групациите околу Манџурскиот кандидат или Марија Антоанета. Во тој контекст може да се гледаат и неговите „сомнежи“ за тоа кој би можело него да го снима нелегално и тајно. Тоа е многу интересна изјава на Заев која бара малку подлабоко елаборирање и анализа што нема да го направиме во оваа колумна.

Како резултат на првата фаза на дејствувањето на Заев, во моментов, на јавна сцена го гледаме Максим Димитриевски во улогата на „Lost in the Space“ со post festum реакции на глупостите на Заев за името и наивно себе прикажување како жртва на дворските игри на Заев. Од друга страна помалку срамежливо се јавува Манџурискиот кандидат со „свој“ став за изборите и потреба тие да бидат во септември 2020 година. Кога ќе погледнеме малку подобро, внатрешната битка во СДС е во полн ек и секој си поаѓа од своите позиции и интереси, па така и кога на кого му одговара времето за избори. Секако тоа не е поради Корона вирусот или заради здравјето на граѓаните, туку заради фаќање на подобри стартни позиции и зачувување на сегашните, се до завршувањето на изборите и новата распределба на моќ во СДС. Групацијата на Марија Антоанета, дејствува подземно со единствена цел подигање на сопствениот рејтинг кај членството и меѓународните претставници. Тие таму ја гледаат својата шанса за политички опстанок внатрепартиски и воопшто, односно ориентирани се на ПР стратегија или продавање на шарени лаги, вклучително и хортикултурата на Шилегов.

Сепак, внимание привлекува тоа што Заев и покрај не завршената прва фаза (или можеби тој смета дека ја завршил, па овие изблици во јавноста се само осамени рецидиви и пукотници на празни пушки), веќе ја започна втората фаза. Ова најавува дека Заев сериозно се подготвува да оди на избори во првата за него поволна прилика. Засега најавува брзи избори, но веројатно и затоа ја започна втората фаза, а тоа е фазата на објавување „бомби“ или нелегално снимани материјали за поранешното и актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Започнувајќи ја втората фаза од својот „master plane“, Заев провоцира реакција пред се на колегата Мицкоски персонална, а потоа и на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа се надева дека ќе го одвлече вниманието од незавршените внатрепартиски игри и криминалните последици од неговото владеење. Како и дека ќе испровоцира внарешни реакции и лов на вештерки во ВМРО-ДПМНЕ (што со оглед на некој појави внатре во ВМРО-ДПМНЕ, не му претставува заблуда и по се изгледа има добри внатрепартиски информатори во таборот на опозицијата), а заради создавање внатрепартиска конфузија и недоверба на сите нивоа.

Но, со тоа ќе се позанимава колегата Мицкоски и убеден сум дека ќе го реши на најдобар можен начин во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе загрижува намерното подигање на тензии на општеството во вонредна состојба со злоупотреба на верските заедници, во прв план на МПЦ и ИВЗ и провоцирање на „судир“. Ова е опасно поле за игра и политички калкулации кое се користи заради дефокусирање на јавноста. Разигрувањето на јавноста со разни „бомби“, намерни конфликти и слични изблици на привремени и нарачани (од други центри на моќ) „политички“, „експертски“, „академски“ или „општествени“ фигури кои се појавуваат во јавноста, претставува нијансирано и намерно отклонување од планот на Заев во втората фаза, колку за фолклорно шаренило. Тука би додал дека секое малициозно потценување на преварантските способности на Заев и друштвото му и споредба со Боки13 и неговите шоуменски изјави не е добро, и исто така претставува фрлање прашина в очи заради не гледање на клучните процеси. Тоа може да биде многу интересно или уште повеќе забавно за јавноста, но не како сериозна политичка иднина, туку исклучиво како забава, бидејќи доколку Заев биде во можност на повторна политичка моќ, политичката иднина на Боки13 ќе биде сто одсто запечатана, но не е во прашање неговата, туку иднината на Македонија, а тоа е клучниот проблем или процес кој треба да се спречи. Впрочем луѓе, доста е со политички дилетанти и кловнови политиканти на политичката сцена во Македонија. Благодарејќи на тој дискурс ја дотеравме работата до тука до каде што сме денес. Наместо затворени прашања со соседите имаме уште повеќе отворени прашања. Згора на се, повторно си поигруваме со внатрешниот конфликтен потенцијал на религиска (што не исклучува и национална) основа, што е се само не предизборна политичка игра која треба да ја прифаќаме колку и да не притиска некој надворешен центар на моќ.

Затоа, оваа „втора фаза“ на делувањето на Заев на политичката сцена се поклопува и со оставката на Ден Дончев, со изјавите на Боки13, со „слободата“ на Кичеец, со тендер приказните во вонредна состојба на државно и локално ниво, со профитерството, а се за да се покаже Заев како „чист“, ами дури и „бел“, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, Заев ја игра играта на компромитација на „Рекет“ како врв на корупција и тоа преку компромитација на главните актери-извршители во ланецот на корупциски скандали чиј замешател е самиот тој. Тоа е поентата на Заев, создавање на перцепција за „црното“ ВМРО-ДПМНЕ и „белиот“ СДС, но и создавање перцепција за персоналните карактеристики на колегата Мицкоски и „квалитетите“ на самиот себеси (Заев). Може да очекуваме втората фаза да изобилува со објавување на банални разговори кои ќе се однесуваат на личносните описи како основна цел за создавање перцепција за карактерната „подобноста“ на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ. Пред се, да не заборавиме за во иднина дека Заев ја започна бомбашката сезона на која опозицијата одговори веднаш со иста мерка на опис на карактерот на лицето З.З. Така, втората фаза на Заев веднаш на почетокот покажува тенденција на личен судир помеѓу Заев и колегата Мицкоски (што е само создавање привид), наместо да зборуваме за криминалите на Заев и неговата анационална идеолошка матрица која нанесе несогледива штета врз Македонското државно и национално ткиво од секој аспект.

На крајот, повторно забораваме нешто што е суштествено, а за кое што пишував, а тоа е потребата да се престане со емитување на нелегално снимен материјал, што претставува кривично дело, како и самото нелегално снимање. Исто така, потребно е да се утврди доколку е можно секако, а што е многу тешко, кој се поседува и каков и за кого нелегално снимен материјал кој се употребува во лични и политички цели за компромитација. Ете, повторно ги имаме на дело последиците од минатото делување на Заев и тоа што се прифати овој начин на политичко-политикантско делување, а последиците од тоа делување предизвикаа тешки политички последици врз Македонија и Македонската нација кои денес во полна сила ги чувствуваме, а за жал ќе ги чувствуваме уште долго.

Прашањето на колумната е токму во овој контекст и гласи: „Зошто Јовевски и ЈО не реагираат за објавување на нелегално снимени материјали и не спроведат истрага покренувајќи кривична пријава“? Многу лесно може да го следат трагот како е дојдено до снимениот материјал, односно кој се присуствувал на разговорите, а потоа да се дојде и до нарачетелите на снимањето и со тоа да се откријат пред се пред јавноста, но и пред судовите, политичките, економските или од друг аспект цели на влијание кои требало да се постигнат со нелегалното тајно снимање.

Додека се занимаваме со втората фаза и пред наши очи Заев ги става „под тепих“ неговите злодела, со вршење на нови кривични дела, ќе чекаме да започне третата фаза. На мислење сум дека нема долго да чекаме. Се ќе зависи од резултатите од „лидерската средба“ кај Пендаровски на 12-ти мај. Пота, во зависност од времето кое ќе го има на располагање до избори, според планот на Заев ќе бидат употребени лицата таргетирани во втората фаза кои треба да го дадат „заемот од ЕУ“ за да се корумпираат изборите.

„Време е да се тргне маската од очите“. Или некому тоа му одговара?

На денот на Св.апостол Симеон (трета недела по Пасха)

Колумна на вонреден професор д-р Оливер Андонов