среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

За Гоце, за Македонија!

За Гоце, за Македонија!

Македонија е исправена пред еден од најголемите предизвици во поновата историја. Сардисани од домино-ефектот на последиците од антинационалните ексурзии на домашните одроди, се соочуваме со вистинска поплава на бугарски национал-шовинизам, предизвикан и катализиран од непромислените акти и потпишувачки/потпушувачки афинитети на северните хохштаплери.

Во година кога треба со незимерна гордост да ги чествуваме 151-годишнината од раѓањето и 120-годишинината од смрта на Гоце Делчев, таткото на современата македонска нација, 120-годишнината од херојското Илинденско востание и 130-годишнината од формирањето на ВМРО, наместо со планови како поторжествено и подостоинствено да ги чествуваме и славиме, благодарение на армијата неспособни изроди желни за власт ние се подготвуваме за одбрана на истите тие македонски светии од аздисаните источни соседи поттикнати од сервилноста на актуелната безрбетна гарнитура.

Да, дефинитивно, крвта не е вода, а злата крв која ја посејаа ништожните опортунистички политиканти е проблем кој ќе не обременува уште долго време. Проблемот е што донесена и негувана со сесрдната „помош“ на инфантилните и непромислени властодршци, таа зла крв не се брише така лесно и останува да татни и труе во дамарите на народот. Последиците ќе ги чувствуваме уште долго време, а манифестирањето на напластениот гнев и срам може да стане наше секојдневие.

А што мислеа северните одроди, дека до навек ќе можат да ги тераат овие антимакедонски авантури и никој никогаш нема да реагира за нанесениот резил, кој како високозапалив бес се таложи ли таложи во душата на секој Македонец?

Смената на вековното име, исфрлање на преамбулата со постулатите на АСНОМ од уставот, носењето двојазичност, затворањето патриоти заради одбрана на сопствената татковина, менување на историјата, непочитувањето на волјата на народот, реметењето на револуционерите и светците, продажба на браќата и сестрите од Бугарија, Грција и Албанија, брусењето кутлеши, интенциозно уривање на образовниот и здравствениот систем, газење по и онака кревката економија и одамна празниот џеб на граѓанинот, пустење на земјоделието, целосна партизација и албанизација на државата и сето тоа со паралелно крадење ко улави, небаре не виделе пари и без знаење за доста! И сега? Сега сето тоа ќе мине мирно и неказнето за владејачните кондоми преполни со антинационален истресок? Корисните идиоти кои за свои скапи бели дворови и ископаа црни гробови на Македонија ќе си се занимаваат со струја-бизнис и ќе пливкаат по околните монденски места и ќе скијаат по престижните планини ли?

Така ли ќе мине се’, сета пизма ќе исчезне затоа што некој си „чадор“ ги штити непрокопсаниците кои со своите злодела ја изгореа од дамнина напатената душа на Македонецот? Најнеспособната и најантимакедонската екипа и натаму ќе си уживка во благодетите од предавството ли?

Време е  за едно громогласно НЕ! Нека овие последни идотштини насочени против Македонија и Гоце бидат моментот на будење и конечно раскрстување со северните хохштаплери, кои на сета мака и насобран гнев ни соопштуваат дека дури и таблички на автомобилите ќе ни менувале.

Ајде, роденденот на Гоце да ни биде пресвртната точка во симнување на оваа тотално ненародна власт. Да биде и ден на преродба на Македонија. Ок, веројатно не планираа дека Бугарите предизвикани и неофашистички препородени од владејачките амеби во Скопје, ќе ги обединат Македонците. Реално, ренесансата на македонштината и  започна со протестите за „францускиот“ предлог, продолжи со палењето на фашистот Ванчо Михајлов и кршењето на клубот на Хитлеровото другарче Борис Трети. Да, не планиравте, ама не’ обединивте и со идиотштината за Мара Бунева и забеганоста на обаче суртук Џамбаски и Костадинов и компанија.

Затоа, ајде на 4-ти пред гробот на таткото на македонската современа нација, да им го покажеме црвениот картон, увертира во брзото развластување по кое следува одговорност за злодејанијата, за криминалот, но и за низата велепредавства со кои во серија ја подредија, ничкосаа, продадоа и понижија државата и нацијата.

Мирно и достоинствено, но во мега-бројка збрани, ултра-масовно да им покажеме дека веќе нема да дозволиме да ни ги урнисуваат, плукаат и газат македонската чест и достоинство. Гордо и во невидена бројка до сега, исправени пред човекот кој го даде својот живот за Македонија и Македонците, да му покажеме дека не сме правени од пифтија, дека крвта не е вода и дека го заслужуваме гордото име кое го носиме. И ќе го носиме, уште погордо и почесно, со векови. Да докажеме дека сме Гоцевата раса. Пропуштивме многу шанси, напати паднавме на испитот, го јадевме и ден-денес го јадеме сопствениот срам, ајде да не се каеме и за оваа шанса, нема да има поправен испит, ова е да се биде или не. А ако не не’ бива, не ни заслужуваме да бидеме она што не сме.

За Гоце и за Македонија, се гледаме пред вечниот дом на апостолот, му должиме! За многу години роденденот на најголемиот МАКЕДОНЕЦ, МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!