Овие балкански простори, а очигледно и поширокиот предел на медитеранот, се плодна почва за креирање идоли, за митологизација, идолопоклонство и месијанство. Претпоставувам дека тоа е дел од матрицата. Можеби затоа и Османлиите останале тука пет и пол века. Сите се спремни да преќутат, да се насмејат и лицемерно излигават, а на само да испцујат и „да вратат“. Слепо да следат, да бидат поданици, да бидат раја.
Да не беше така, немаше една ваква килава и неспособна власт да не води како држава веќе седум години. Да не беше така, немаше да има владин коалициски кој е над дваесет години на власт. Да не беше така, немаше народот да се двои на принцип на лидери, туку ќе се ориентираше според кауза, идеја, матрица, идеологија, визија. Да не беше така, опозицијата ќе беше единствена и на купче и ќе ја прегазаше оваа неспособна власт.
Генијалните „Монти Пајтон“ пред повеќе од четириесет години го направија еден од нај генијалните филмови на сите времиња „Житието на Брајан“. Многумина тоа го сфатија во тоа време како директор напад кон црквата и христијанството, но доколку убаво проанализирате ќе сфатите дека приказната за Брајан (главниот лик во филмот) е токму исмевање на човечката глупост, злоба, интерес, полтронство, додека ликот од кој се прави месија (Брајан), бил само лик со искрени намери, вплеткан во шемите на еден куп мешетари.
Што е идол? Идолот во главно е предмет кон кој биле насочени барањата, желбите, молитвите и верувањата на древните народи. Комуникацијата и обожувањето на таквите предмети е именувано како идолопоклонство. Идолопоклонството ја носело во себе потребата на човекот да го доближи (изгради партнерскиот однос) божественото до себе и да макар делумно ги преземе возвишените одлики на вредноста која ја замислил.
Во „Житието на Свети Наум“ се потенцира дека во два наврати токму тој им се обраќал на верниците во обид да ги одврати од идолопоклонството.
За почитување на идолите постојат податоци и во преданијата и народното творештво. Во процесот на покрстувањето забележуваме една мошне интересна појава кај јужнословенските народи: христијанскиот, религиозниот крст се ословува како ‘чесен’, што упатува на постоење на ‘нечесен’. ‘Нечесниот’ крст бил со антропоиден облик и претставувал идол на домашното божество. Таквите идоли имале проста, регресивна претстава на човековото тело, најчесто со раширени раце, со што се постигнувал ефектот на крстот. Кај балканските народи тип на затскриени идоли кои го носат кодот на паганското поклонување на идолите припаѓаат и бадникот, пенушките, светите дрва, записите во светите карпи, кај кои е задржано и обредното регресивно жртвување.
Токму поради ова е и втората Божјата заповед: „Не прави идол, ниту каква слика, од она што е горе на небото, и што е долу на земјата и што е во водата и под земјата; да не им се поклонуваш, ниту да им служиш.“
Ајде сега малку и нешто повеќе за политичкиот месијанизам. Вообичаено е во самата политика да се препознаат карактеристиките на масијанство во водачи кои се претставуваат како единствена алтернатива на правдата во историскиот процес на едно општество. На овој тип на лидерство, му се припишува и можноста за промена и поправање на работите за да се донесе напредок, развој и социјална правда. Тие обично се појавуваат во сложени политички периоди и користат популистички и демагошки дискурси за да добијат наклоност и поддршка.
Месијанскиот комплекс, (познат едноставно како месијанизам) е познат вид на делириум што произлегува од тешка психоза. Како такво, индивидуата што ја развива се карактеризира со припишување на божествениот капацитет и одговорност да се бори против злото и да го спаси светот. Историски познат случај на месијански комплекс е токму оној на германскиот политичар, Адолф Хитлер. До каде стигна тој, што направи и како заврши, знаете и самите.
Дали всушност ги сфаќате поентите на ова мое писание? Дали препознавате особености и карактеристики на ликови во изминатите триесетина години во нашата мила Македонија? Таа матрица, таа логика и агенда на централизирана моќ во еден човек, кој би бил лидер, идол, месија, направи да бидеме тиња од држава. Место држава и општество на здрави, прави, умни, вредни и способни луѓе, станавме општество на полторни и гребатори, каде оние кои се по џамбази и по напорни се горе при врвот, а вредните, чесните, скромните и тие кои си го гледаат животот, се на дното.
Митови и култови се градат од ликови кои во основа треба само да администрираат и делегираат. Од нив се прават мали богови, кои подоцна почнуваат и да веруваат дека се тоа, не сфаќајќи дека и тие сами се само марионети во рацете на хиените во втор и трет ешалон, кои никој не ги сака, но сепак владејат од сенка. А народот? Народот бара надеж. Се прилагодува, во главно погрешно. Живее во страв, пред се егзистенцијална. Токму затоа и не е свесен дека добар дел од младината која е напредна и прогресивна, која знае како до пари, работи од дома или бега по светот и врти никого ни „два посто“.
Завземете страна на вредности, на дела, на концепти, на кауза. Поддржете стандарди, критериуми и правила на игра. Кој сака инаку нека биде месијата, ако вие како луѓе во свеста не се реформирате, напред нема да одиме.
Изминатите години имавме еден куп национални предавства. И тоа не предаваа тие кои треба да не бранат. Функционери, претседатели, пратеници, судии, воени лица… Речиси никој од нив не рече „се откажувам“, „не попуштам“, „не е не“, „правда и закон пред се‘“. На крајот речиси сите се скршија, не предадоа и се продадоа.
Јас лично, имам свој став, своја кауза и идеологија зад која стојам цврсто и непоколебливо. Не верувам ниту во идолопоклонство, ниту во месијанство. Се следам себе си, а ќе го поддржам секој оној кој со дела ги брани постулатите на македонската држава и напредокот на македонскиот народ.
Да живее Македонија!
Александар Ристевски