сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

За интелектуалците, за кичмата, за образот…

За интелектуалците, за кичмата, за образот…

Долго време верував дека имаме дисфункционална држава затоа што во голема мерка политиката ги игнорира учените, интелектуалците, професорите, талентираните. Сметав дека не доволно пари се алоцираат кон универзитетите, пред се кон УКИМ, затоа што тој е нели, најсилниот, нај репрезентативниот.

Како времето поминува, сфаќам и зошто државата не само што не им ги крева платите, туку и свесно не дозволува раст на некои факултети и институти, со примање нови кадри, кои тие од внатре ги бираат. Затоа што дел од нив се никакви, бесполезни, невлијателни, маргинални.  Со самото тоа што се уште тонат и со квалитет, и со број на запишани студенти, само говори дека нивната продуктивност е речиси никаква.

Дури и да се погодат  еден-двајца амбициозни,кои создаваат нешто вредно,  кога ќе извлечете просек, сфаќате дека резултатите се небитни. И да, постојано плачење: нема пари, не се покриваат трошоци, нема дневници, хонорари.

И што се случува? Се формираат комисии за преговори за ревизија на историјата, и плус разни секакви тела и што ли не. Се бираат очигледно подобни, и се дава голем сочен месечен хонорар, за некои поголем претпоставувам и од досегашната просечна плата. Секако, убаво е тоа да потрае, средува доста лични состојби. Кредитче, рата за стан, кола, што да е. Неколкумина се повлекоа изминатите година дена. Нормално, после две три години состанчење. Браво!

Седнавте на маса да преговарате да се што генерации ваши колеги го истражувале, потврдувале, докажувале. Вие се собравте, и затоа што сте супер релевантни, и докажани и потврдени, плукнавте по целиот свој народ и сите свои колеги. Зошто? За да го одработите хонорарот, и за да го поништите својот народ. На крајот плачете, ви вршеле притисоци, сте трпеле закани и навреди. Ајде бе? Навистина? А што очекувавте? Да ве признаат како големи фактори? Повеќето не знаете ни англиски и научен труд не ви излегол подалеку од Ваљево, Краљево, максимум Бања Лука . Во Софија или Пловдив ќе ви излезе сега тоа што го кажувате, а оние кои преговараа со Јужните, нема ни да ве спомнат. Туку само ко некои покојни политичари ќе ве вадат ко аргумент за замолкнување.

Навистина не сте ми јасни!? Навистина не можам да сфатам, како бе до толку да немате национална, но и етничка гордост? Како спиете? Што ви велат соседите, брачните другари, децата, пошироката фамилија? Браво, само напред, ти си тој кој ќе не внесе во ЕУ?! Срамота!

Македонија мора да се реформира од внатре. Да ја доживее онаа своја внатрешна катарза, она целосно прочистување и ослободување на сите тела и институции. Болниците, универзитетите, полицијата, војската, министерствата, општините, се комплет. Од горе до долу! Но не како до сега да почувате од чистачките и чуварите, туку по обратен редослед.

Да се врати тестирањето за интегритет, барањето на лекарско, но покрај познавањето на странски јазик, и познавањето на државниот службен јазик и национална историја. Да им се понудат места по универзитетите и институциите на кадри кои се низ светот. Штом некој Македонец го примиле во Словенија, Хрватска, Германија, Холандија, Англија, Шведска, Америка, Канада, мора да е доволно вреден и за кај нас, сигурен сум!

Една држава е толку силна, колку што е силна Академијата, колку што е силен најсилниот Универзитет. По ова што го гледам, мене ми е срам. Капа им симнувам не неколкумина поединци, силни личности со кои се гордеам. Но сите останати, со вашите постапки направивте народот да се срами од вас.

Интелектуалец е оној го има цврсти ставови, кој е непоколеблив, истраен, авторитативен, оратор. Македонскиот интелектуалец ќе го најдеш секаде, но очигледно не во академските кругови. Ќе го најдеш напикан некаде во некоја институција, неретко на згрешена позиција, и тој ќе вегетира, и ќе се мачи, и бори, и за своите и за македонските правдини, додека некој релативизатор ќе продаде се’ што нему и на цел народ му е свето.

Парите ќе ги потрошите, образот за навек валкан ќе остане. Научното дело и уште сега ви е на ниво на тоалетна хартија!

 

Александар Ристевски