сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

За системската корупција

За системската корупција

Еве и по втор пат за темата околу тоа кој колку пари дал во државава, а немало резултати. Навистина е многу забавно да читам како западните амбасадори зборуваат за системска корупција, и за трошење на парите кои доаѓаат од Запад, а состојбата е се‘ по лоша. Забавно е, а и по малку смешно. Еве и зошто…

Кога давате пари, и кога поддржувате проекти од некој вид за почеток треба да се види што со истите сакате да постигнете. Сако да видите и дали за тоа кое сакате да го постигнете за истото има плодна почва и дали има општо прифаќање кај популацијата. Тоа што во вашите земји нешто било процес од 100 години, тука се обидува да се наметне преку ноќ. Се наметнуваат квоти, балансери, задолжителни застапености, обуки и преквалификации преку ноќ, и сакате веднаш резултати. Е така, тешко! Едноставно, не оди.

Не разговарате со разумни и критички настроени ликови, туку скаутирате полу-интелектуалци, амеби без личност и карактер, поранешен комунистички трет ешалон кој е навикнат да слуша и да има газди или пак најразлична форма на гребатори која е спремна да направи се’ за редовно мрсничко хонорарче, плус за да биде поканета на од време на време по коктели и приеми.

Јас ги сфаќам целите на западните земји за овој дел од светот и нивната желба да бидеме дел од тој западен свет, секако со луѓе кои благонаклоно гледаат кон тие вредности и аспирации. Но мислам дека во проценките грешите, затоа што најголемиот дел од ликовите кои сакаат наш западен прогрес и интеграција, а имаат и знаење и капацитет, но најмногу етички и морален интегритет, не се амеби, не паѓаат во несвест за да се сликаат со вас, ниту да ве тагираат на социјални мрежи, ниту пак им значи вие да ги цените , сакате, да се допишувате и да ви праќаат пораки. Едноставно, таквите ликови, себеси не се гледаат како ваши слуги, туку како партнери на кои им е потребна вашата помош, знаење, „know how“ и секако, лоби поддршка. И тоа е тоа! Таквите, знаат како, со кого, за колку време и колку тоа ќе чини.

За жал, негативната селекција го прави своето. Вие, драги мои западњаци, се опкруживте си безброј ликови полни со пороци, со ликови бес национална свест, со активисти дебело платени, кои дента кога ќе престанете да ги храните и поддржувате ќе се свртат и против вас, или ќе глумат жртви и бараат ново засолниште. Системот, поготово судскиот, не можете да го промените во тек, во од! Тој мора да добие комплет ново стебло, главните ликови да ги бира или собрание или на непосредни општо народни избори. Доколку сакате само регулација, таа нема да се случи. Во Скопје ситуацијата е пристојна. Во помалите градови, на локално ниво, тоа е спрега на политиката и бизнис олигархијата. Па што мислите, зошто народот ги напушта малите градови и оди во Скопје или бега во странство? Поради малите богови и локалните шерифи. Секако и поради немање на јавност. Националните медиуми ретко имаат дописници во секој град а и ги покриваат само градовите со 50-100 илјади жители. Помалите градови и руралните општини никој не ги есапи, а таму право тешко дека има.

Како ни функционираат партиите и политиката, така ни функционира и државата. Како се врши селекцијата во судството, обвинителството и полицијата, такви ќе се и резултатите понатаму. Патем, да се навратиме и на нешто друго. Состојбите по 2001 година, помилувањата, амнестиите, и на кој се му се дозволи да влезе во политика. Сето тоа си влече последици. Сега народот мисли дека така може да се‘! Дека секој може да прави што сака, и дека повторно, со политички договор се може да се избрише и да се тера од нула. Советот и препораките, па и притисоците некој чекори да се повлечат, беа од вас, драги наши западни другарчиња, поточно од вашите претходници.

Лажењето на народот дека само уште ова да го смениме, и само уште ова да го направиме, и блескавата Европа не чека, се ваши ветувања. Заборавивте да кажете дека покрај тоа, треба и организирана и функционална држава, со професионалци, технократи, борци против криминал, ама тие кои се такви немаше да ви потпишат ни Охридски, ни Преспански, ни Добрососедски, ни Француски договор, туку ќе преговараа достоинствено и аргументирано, исходот ќе беше подобар за сите, верувам и тврдам.

Дали сте разочарани, драги мои дипломатски претставници? Сте? Разочаран сум и јас. И огромен дел од народот. Ама вие ќе поседите три четири години, и ќе си одите, и Македонија (која вие ја викате поинаку), ќе биде само дел од вашите кариери и сеќавања за убава храна и прошетки по природа и историски локалитети. За ваквите ко мене, Македонија е се‘! Македонија е љубов и болка, и живот и смрт, и причина за постоење.

Можев сто пати да се оставам се‘, да заминам и да не се завртам повеќе. Пола фамилија ми е во Австралија и САД, дел и низ Европа. Другарите ми се раштркаа низ светот. Нема земја во која ги нема. Сите паметни и учени, сите способни, а чесни. Дел се во вашите високо образовни институции, а други работат и не соодветна работа иако имаат капацитет за многу повеќе, ама битен им е мирот во животот, а што е можно поголема заработувачка, па прават компромиси со себе и семејството.

Време е драги мои амбасадори и дипломатски претставници да си ги отворите очите, да сфатите какво зло поддржувате, какви неспособни паразити и крвопии храбрите, се со цел да добиете од нив некаква геостратешка политичка одлука. Оваа комплетна владејачка структура нема никаква поддршка веќе од никого. Сега е влезена во фаза на заплашување, закани и освета кон неистомислениците,  и корумпирање, лажење и плашење на простите и сиромашните.

Филмот на народот одамна му е пукнат. Негативната енергија е наталожена до таа мерка, што е само прање на денови и ситуација од која ќе експлодира. Етничкиот Македонец си го бара правото за самоопределба и идентитет, а севкупното население бара ред, поредок и правда. Локално бараат сите зеленило, помалку бучава, паркинг и крај на урбанистичкото силување. А се‘ е до кадрите. Апсолутно се‘! Негативната селекција, која вие ја поддржувате!

Се надевам дека се разбираме! Со лесно во мисијата да ни ги оправите институциите со актуелните кадри! Ние останатите сме тука на страна, гледаме и ви се чудиме на умот. Да видиме до каде ќе терате.  Среќно!

 

Александар Ристевски