Животот во една држава, во која секојдневието е прикажано со ударни вести за апсења, притвори, убиства, самоубиства, кражби, запалени автомобили… не е убав живот. Тоа е мачен, тежок живот до неподносливост. Денеска, кога се зборува за животот како битисување, разочарувањето е уште поголемо и потешко кај луѓето. Ова до толку повеќе што сега инсталираната власт, во својата кампања на парламентарните избори во декември 2016 година, го злоупотреби зборот „Живот“ како слоган, ветувајќи дека ако тие формираат влада, ќе донесат подобар живот за сите. Ветуваа поголеми плати, ветуваа вработувања, инвестиции, фабрики, патишта, нови училишта и градинки, чист воздух… Ветуваа поголеми субвенции за земјоделците, решавање на проблемите на стечајците, зголемување на социјалната помош кај ранливите категории луѓе… Ветуваа дека ќе бидат чесни и одговорни, транспарентни, дека ќе бидат за народот и со народот, дека нема да се расфрлаат и гоштеваат со народните пари. Ветуваа едно општество за сите, општество на еднакви можности, демократизирано и напредно. Ветуваа и со раце и со нозе, само да украдат некој глас повеќе. А, се што ветија, излажаа!
И еве, веќе една година поминува откако им формираа влада, неизбрана, нелегитимирана, туку инсталирана. Ги фрлија памфлетите со кои ветуваа подобар живот во кампањата во корпата за отпадоци и на маса им ја ставија новата програма, составена од „незнаен јунак“, а верификувана со потпис на премиер на друга држава. А новата програма, сочинета од 7 точки, има само две цели: создавање на нов раздор во општеството и откажување од националниот идентитет и се што е поврзано со зборот Македонија.
И инсталираните се покажуваат дека се мошне ревносни во нејзиното спроведување. Точка по точка, здружени, како контролори на производство, тргнаа со рандом реализација и го штиклираат секој наслов од парчето хартија кое преходно постоеше само во „главите на вмровците“. А во позадина, криминалните активности ги донеле на највисоко можно ниво. Се удриле збратимените на крадење и корупција, како да им е секој ден последен.
Ги ослободуваат оние кои се осудени за тероризам и крвничко убиство, во случаите „Сопот“ и „Монструм“ (не им е завршен уште „Диво Насеље“, ама го решаваат) а ги притвараат и судат луѓето кои влегоа во сопственото Собрание за да спречат уривање на уставниот поредок на државата, олицетворено преку насилничкиот и нелегитимен избор на Претседател на Собранието.
Склучија Договор за добрососедство со Бугарија и се откажаа од македонскиот јазик и од македоснкото малцинство, договорајќи се дека ќе ја ревидираме и извитопериме нашата историја и дека црното ќе го направиме розово, па дури ќе ја смениме и абуката.
Насилнички донесуваат закон спротивен на уставот и на неуставен начин, само за да направат уште поголема провалија помеѓу луѓето. На ова го налепуваат и креирањето на пара национални институции, финансирани од народни пари, а преку министерството за култура.
Пристапија кон промена на имињата на аеродромот и автопатот, кон бришење и уривање на македонската историја и споменици и продолжуваат со подготовки за бришење на се што е поврзано со зборот Македонија. На овој начин, демек, го решаваат „проблемот“ со името и се подготвени дури и да докажуваат дека ние сме биле во заблуда цело време, дека ова парче земја, никогаш не било Македонија.
Како помош за реализација на новата програма, несебично втеруваат страв во коски кај народот и секој нов ден го осиромашуваат дополнително, присилувајќи ги луѓето да најдат начин како да се иселат од државата, да се спасат од оваа проклетија која се случува. Тоа им е задачата, за тоа се инсталирани.
Но, треба да знаат дека за сѐ ова што го прават, за целиот овој социјален и економски егзодус и етноцид кој го прават кон македонските граѓани, еден ден, во не така далечна иднина, ќе треба да си ја подмират „сметката“.
Вака не бива, сонародници. Сите ние имаме заедничка мака. Заедно тонеме и осиромашуваме. Пред очи, на јаве гледаме како не силуваат и камшикуваат. На ова зло мораме сите заедно да му застанеме на патот. Голем број родни огништа ни згаснаа и време е да ги спречиме, да им кажеме доста е! Доста не бркавте, доста не разделувавте! Време е да се погледнеме сите во очи и да си кажеме дека сакаме да не биде, заедно да не биде! Време е да си ја вратиме надежта и украдената иднина. А можеме, знаеме дека можеме да си ја решиме маката. Само треба да сакаме и мораме да сфатиме. Но, сѐ додека не сфатиме дека Република Македонија е нашата држава, дека ние и припаѓаме на неа и таа на нас, не може да не биде. Мораме да научиме да живееме еден до друг и еден со друг, како македонски граѓани, без разлика дали сме македонци по националност или сме турци, албанци, власи, срби… Мораме да научиме дека јазикот за разбирање е единствено почитувањето кон другиот, а не јазикот кој го говори другиот. Мораме да научиме дека законот е еднаков за сите и сите сме еднакви пред законите. Дека правата и обврските важат подеднакво за сите и дека со устав ни се загарантирани на сите. Дека данокот треба да го плаќаат и во Струмица и во Тетово. Дека казните се казни и во Штип и во Гостивар. Дека сиромаштијата е сиромаштија и во Берово и во Дебар. Мораме да научиме дека единствено со почит кон другиот и почит кон државата, можеме да напредуваме и да се развиваме. Дека единствено така можеме да имаме подобар живот.
Да ја вратиме надежта заедно, за нас и за генерациите после нас.