недела, 10. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Заев како Тито во создавањето на Горно-Северна нација

Заев како Тито во создавањето на Горно-Северна нација

Слушаш, неверуваш. Гледаш, пак неверуваш.

„Кој има уши нека слуша, а кој има очи нека гледа“. Овој парафразиран дел од Новиот Завет во комбинација со неверувањето едноставно може да се примени во Република Македонија и тоа ни помалку ни повеќе во дневно-политичката прагма на СДС-то.

Доколку добро се сеќаваме, а јас впрочем како и секогаш во моите јавни написи и обраќања упорно го повикувам Македонскиот народ да не биде со кратко паметење, токму Заев (алијас Црпко) велеше дека нема потреба од референдум. Дека тој е храбар и современ политичар кој носи храбри одлуки затоа што нели му била дадена довербата од граѓаните. Но, не било така (а кога било така кога Заев нешто ќе ветел, секако освен она што ќе му го „избоксираат“ менторите), било малку поинаку. Ќе има референдум. Така велит Заев. Одтука се поставува едно сосема логично прашање: „Дали позицијата на Заев и СДС-то ќе биде промена на уставното име Република Македонија за надворешна употреба во Горна/Северна или слично“? Доколку е ова така, а апологетите на Заев во ликот и делото на плус Инфо тоа веќе го апсолвираа како ударна вест и успех кој ги затресе дури и Грците, тогаш се поставуваат уште неколку исклушително важни прашања кои задираат во националниот идентитет на Македонскиот народ, а на кои Заев и СДС-то му мораат да дадат конкретни одговори. Еве ги прашањата, на кои не очекувам одговор да добие нацијата ниту сега, ниту при кампањата за евентуален референдум:

1.Дали оваа промена во Горна/Северна или незнам каква Македонија ќе биде на ниво на меѓудржавен договор по принципот на „привремената референца“ БЈРМ?

2.Дали ова значи дека сега наместо Заев да прифати одоговорност со неговото ново парламентарно мнозинство, ќе се обиде да го „насанка“ народот за самиот да си биде виновен дека си го сменил името на државата?

3.Како тоа ќе изгледа да нема промена на Уставот а за надворешна употреба и во пасошите ќе треба да пишува Горна/Северна или незнам каква Македонија?

4.Како тоа ќе изгледа да нема промена на Уставот, а за надворешна употреба ќе стои граѓанин на Горна/Северна или незнам каква Македонија?

5.Дали ова значи дека Заев и СДС-то заедно со ДУИ веќе се договорени да по којзнае кој пат свесно го прекршат Уставот?

6.Дали овој „референдум“ заедно со „не промената на Уставот“ значи вовед во некои тајни договори и како Заев ќе „гарантира“ (а познат е по своите гаранции и нивното исполнување) дека во следната фаза нема да го смени и Уставот (онака заради усогласување со меѓународната заедница)?

7.Како во пракса, со кои закони (закон за патни исправи, за лични документи и многу други) и на кој начин СДС-то со парламентарното му мнозинство ја се реализира оваа шизофренија која се нуди на Македонските граѓани? и последно но не и најмалку важно,

8.Како ќе гласи референдумското прашање? Дали можеби повторно ќе биде двосмислено како онаа за независност кое да се потсетиме токму претходниците на Заев од СКМ-ПДП го измислија за да си остават простор за манипулации, но за нивна жал историјата ги демантираше.

Очекувам некој да има храброст и јавно да одговори на овие прашања, а доколку одиме на јавна дебата (омилениот спорт на Заев), тогаш со сигурност ќе се отворат многу повеќе потпрашања на кои би сакал отворено да добијам одговор и тоа не заради мене и моето его, туку заради граѓаните, Македонскиот народ, нацијата и пред се заради судот на историјата и идните генерации.

Очигледно е дека Заев во својот пропагандистички скок за прелажување на нацијата отворено манипулира, а притоа се сетил да глуми херој. Повеќе од очигледно е дека плус Инфо ударно ги пренесува Грчките медиуми кои го сметаат Заев за „тврд преговарач“. Заев во стилот на историското НЕ на Тито кон Сталин, на „клетите“ Грци им испорача дупло НЕ.

Дал да плачам ил да се смеам. Ова само покажува за што Заев го смета сопствениот народ, истите оние граѓани нели кои му ја „дадоа“ довербата носејќи му „победа“ на 11-ти декември 2016 година (само онака за потсетување) и му овозможија да ја достигна историската и „заслужена“ победа на локалните избори минатата година.

Замислете, просто неверојатно е дека „Заев отфрла ерга омнест…“, „Заев поддржува двојно име“, секако едно за меѓународна употреба, а другото за по дома. Ами, како може да сум препознатлив надвор, сигурно по тоа име кое го употребувам со сите, а тоа е во контекст и на идентитетот (Горно/Северно или незнам како Македонци). Тоа во суштина ќе ја измени перцепцијата за Македонската нација, јазик и култура како легитимација во светот, а за по дома никому не му е гајле како те викаат (миловно или потсмешливо). Проблемот е како ќе се претставиш во меѓународните односи.

Мене ова НЕ ми изгледа како ДА и како отворено учество на Заев во создавањето на нова амалгамска нација некаква си Горно/Северно или незнам каква со придавка Македонска, колку за залажување е ова Македонска.

И повторно да се присетиме. На времето Глигоров нудеше двојна формула. Грција да не вика како што сака, а ние да си бидеме за сите останати и за себе Република Македонија. Овој генијалец од Заев и СДС-то смислија нова двојна формула за сите и секаде во меѓународната комуникација Горна/Северна или незнам каква Македонија, а за внатре Република Македонија како ние да не знаеме дека сме Македонци, а можеби и тоа ќе ни го проблематизира во следната фаза (впрочем овде се се одвива по фази)

Така Заев треба да се прикаже како голем национален борец, демократ и визионер, а не она што е, предавник на нацијата кој се откажал од името на државата, идентитетот Македонски, јазикот, културата, историјата и се друго. Во оваа приказна треба по секоја цена да се вовлече ВМРО-ДПМНЕ, а особено Мицкоски како нејзин лидер. Бидејќи, доколку не биде така тогаш ќе исплива вистината на површина па историјата и идните генерации ќе судат ама со друг аршин, а тоа нема да биде добро. Со оглед на тоа што живееме во екстремно брзи времиња и судот може да дојде многу бргу па не би сакал Заев самиот да се соочи со овој проблем. Затоа и му треба валкањето на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, за да се оправда себеси. Ете затоа и рече Османи дека наводно Мицкоски бил потполно информиран за преговорите и договореното со Грција. Знам дека тоа не е вистина и дека се работи за евтин обид за валкање на Мицкоски. Сигурно може да му се најдат забелешки на Мицкоски за некои политички потези, но треба да имаме пред вид дека тој е лидер на опозицијата, нема моќ да донесува државни одлуки и дека за само четири месеци неможе да се направат реформи и издигнување на политичка партија од маштабот на ВМРО-ДПМНЕ. За жел во овој период, СДС-то многу прагматично дејствуваше и сеуште дејствува за да ја отежни позицијата не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на Мицкоски лично (земете ги најавите од директорот на ЕЛЕМ) и да го девалвира, а се заради остварување на сопствените разурнувачки политики.

Да заклучиме. Заев не е Тито, нема визија ниту идеја, туку е послушник воден од други кои знаеме како го добраа до власта. Заев никому (од меѓународните претставници и соседите) му нема кажано НЕ, а пак дури двојно НЕ. Ќе се засилува медиумската кампања за негова (на Заев) глорификација, но и манипулација со граѓаните и оневозможување да народот правилно согледува и расудува. Ова се сложени политичко-разузнавачки операции и не треба да бидеме наивни кон информациите кои ни се пласираат, туку треба добро да ги одмеруваме и да ги гледаме задните намери и цели.

Ние сме тие кои во даден миг ќе треба да кажеме НЕ. Тоа НЕ е вистинското НЕ на народот кон оваа лажлива и предавничка власт.

Доцент д-р Оливер Андонов