понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ЗБОРУВАМ МАКЕДОНСКИ И НИШТО ДРУГО

ЗБОРУВАМ МАКЕДОНСКИ И НИШТО ДРУГО

Како тоа македонскиот јазик не постои? Или „вештачки постои?“.

„Ќути си, има и полошо?“ И овој пат? До кога Македонци?

Јазикот, без разлика дали е мајчин или странски е знак на идентитет. Јазикот кој што човекот го зборува, имињата што ги именува, песните што ги пее, гестикулацијата што ја употребува, неговата национална химна, националното знаме се симбол на персоналитет и национален идентитет.

Aко сето ова го знаеме, зошто дозволуваме пред очи да ни го земат? Зошто дозволуваме и умешно молчиме на разграбувањето дека е нешто нечије кога веќе сме научиле дека македонскиот јазик бил создаден во 1944 година притоа заборавајќи на ставањето акцент на развојниот процес на македонскиот јазик. Ова го зборувам од причина што на пример  мојот дедо е роден 1930 година. Го зборувал и зборува македонски јазик. Ништо поразлично од јазикот на неговиот дедо кој бил роден некаде кон средината на 18 век.

Запрашајте се и вие, ако македонскиот јазик е создаден во 1944 година, на кој јазик зборуваме со нашите драги баби и дедовци родени пред 1944 година?

Во лингвистиката се прифатени и научно се потврдени фактите дека дијалектната диференцијација во Македонија почнала од 11 век, од кога може да се следат многубројни иновации,а понатаму настанувањето на македонските дијалекти се проследуваат меѓу  13 и 14 век.

Ако погледнеме неколку векови понатаму, во текот на 19 век, на пример,  во Македонија се јавуваат многубројни дејци, кои детално се занимаваат со посебните јазични особености на македонските говори во споредба со бугарските и српските говори. И тука веќе еден Блаже Конески, ќе направи одлична дистинкција што е кој зборува македонски а кој ги зборува јазиците на нашите соседи.

Историјата забележува дека во периодот до 1948 се признаваат македонската нација и Пиринска Македонија, при што се постигнува и еден вид културна автономија.

Кога веќе се станува совршено јасно, како тоа македонскиот јазик не постои? Или „вештачки постои?“

Современите држави во светот, го брендираат својот јазик со време, за да не се даде простор на овој или на оној политичар да преговара и договара нешто по ова прашање. Но ние?

Ние велиме: „Ќути си, има и полошо?“ Прашањето ми е, до кога Македонци? Дали сеуште ќе чекаме некој седнат во удобно столче да ни каже на кој јазик зборувал нашиот прадедо или неговиот татко?

На сите на кои не им било јасно, или сеуште не им е јасно, идентитетските придавки македонски/македонска/македонско веќе подолго време се на маса за раскрмчување со балканските соседи…

Таму каде што смееме да ги користиме ни се зададени точно на што тоа се однесува, и на што особено не се однесува и како само и единствено смееме да ги користиме.

Во член 7, точка 2 (мислејќи на Грција како Прва страна) од Преспанскиот договор се вели: “Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денес.”

Со оваа точка се што е наследство (општа и сеопфатна широчина на терминот наследство) на северниот регион (егејска Македонија), но и дополнително и специфично одликите, елинската цивилизација, историјата и културата  од антика, но и до ден денес, кога се користи терминот македонски/а/о се однесува на “различен културен контекст и културно наследство” од нашето разбирање на истите термини.

Упростено, тоа би значело може да викате „македонски“ само и само ако воопшто ви дозволиме, ама тоа има значење само за и од вашата територија.

НОН СЕНС!

За јазикот, терминот МАКЕДОНСКИ, според (член 1, став 3, точка в) пак дадена е насока дека што тоа значи МАКЕДОНСКИ (за јазик) е опишано во член 7, став 3 и 4 од Преспански договор.

Следствено на тоа и книгата “За македонцките работи” од Крсте Петков Мисирков, која не е настаната на територија на Република Македонија, а има автор кој е роден во северниот регион на јужниот сосед (Грција) и никогаш не живеел на територија на денешната Република Македонија, ние не би имале слобода да ја класифицираме како македонско наследство, македонска култура, корен на македонскиот јазик според нашето (со договор) дадено право за разбирање на терминот македонски/а/о.

Едноставно е, со двата договора, македонската власт се согласи на непостоење на македонската нација, јазик, култура. Бугарија бара спроведување на потпишаното. Нивните барања и аргументи се следни: „ Ако не сме Македонци, кои сме и што сме?“ Ако сме еден народ со бугарскиот, ако македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот, ако насилно од Бугари сме трансформирани во Македонци, ако нема Македонци во Бугарија и во Грција како малцинства…која би била основата да имаме своја држава? Ете, тоа е процесот во кој сме втурнати, за жал. Ова ни далеку не се услови за почеток на преговори. Ова е само почеток на процес на непостоење.

На крај, да не ве чудат „брилијантните интервјуа“ за странски медиум на челниците на државата, бидејќи во секое интервју едно прашање е за твоите слабости и како си ги надминал, другото прашање е за твоите квалитети и како си ги искористил. Заклучокот на последното интервју за БГНЕС, донесете го сами, ама убаво преслушајте го уште еднаш. Се ќе ви стане јасно.

Затоа, не попуштајте. Не дозволувајте да ви кажуваат кои сте и на кој јазик зборувате!  Зборуваме МАКЕДОНСКИ и ништо друго!

Колумна на Викторија Трајков д-р на економски науки