Внукот на најпопуларниот и најуспешниот македонски натпреварувач во автомобилски трки, Игор Стефановски Иџе, тргна по неговите стапки.
Стефан Стефановски има седум ипол години, но веќе донесе голема одлука за својата иднина и професија. Од септември ќе започне во трето одделение во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје. Како ретко кој во неговата генерација, ова момче многу добро знае што ќе биде неговата идна професија.
Ги засака автомобилите, формулите, брзината и трките. За свои идоли ги има најблиските околу него- татко му и чичко му. Освен идоли, тие му се и најголема поддршка.
Ова момче поради својот талент, но и поради храброста, упорноста и решителноста, заслужено е дел од рубриката „Млади таленти“ на КУРИР.МК.
-Прво возев на симулатори во нашата виртуелна академија Стефановски. Оваа година прв пат седнав во картинг и супер се снајдов. Родителите ме носат во Белград, на картинг стазата Ада Хуја и таму тренирам. Би сакал да учам кај нас, но во Македонија нема услови за такво нешто, вели малиот Стефан.
Негов ментор е неговиот татко Дејан Стефановски-Џани кој е поранешен автомобилист и шампион на Македонија во ридско-брзинскиот шампионат.
Освен во својот татко, Стефан пронајде идол во својот чичко Игор Стефановски-Иџе, македонската спортска гордост.
-Учам и заедно со Никола Миљковиќ, српскиот автомобилист кој многу години беше шампион. Оваа година ќе тренирам, ќе се посветам и навистина се трудам да дадам се од себе за да научам. Моја цел е следната година да почнам да се натпреварувам, а за да дојдам до оваа цел, знам дека треба да вложам многу, истакна Стефан во изјавата за КУРИР.МК.
Денес добива пофалби затоа што на седум ипол годишна возраст го прави ова, но најголемото воодушевување доаѓа кога ќе го слушнете фактот дека Стефан вози од својата четврта година.
-Почнав да возам со стимулатор. Веднаш ме понесе адреналинот, што до тогаш не знаев ниту што значи. Сега веќе знам. Од старт ги победував сите. Знаев дека сакав да го правам ова, тоа е во мојата крв. Како што си зборуваме дома, овој спорт е во нашето стебло, во нашата крв. Имам голема поддршка од семејството и сакам да успеам, раскажува Стефан.
Ова талентирано и упорно момче јасно ни стави на знаење дека трките нема да му бидат хови, туку професија.
-Јас кога ќе пораснам ќе бидам тркач. Сега ќе се трудам да бидам подобар секоја година. Освен што вежбам, јас постојано гледам трки со автомобили и мотори. И ќе дојде тој ден кога ќе излезам на светските големи трки. Со гордост ќе ја претставувам Македонија. Верувам дека ќе успеам, порачува Стефан во изјава за КУРИР.МК.
Очекувано, кога го прашавме кој му е омилен возач, како од пушка одговори дека тоа е Иџе.
Од формула, тој е фан на Себастијан Фетел, а секогаш навива и за мотоциклистот Валентино Роси.
Само напред, Стефан!