четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Млади таленти

Младиот талент Мартинијан: Пее како голема музичка ѕвезда, а гордо ја претставува Македонија

Младиот талент Мартинијан: Пее како голема музичка ѕвезда, а гордо ја претставува Македонија

Мартинијан Кириловски е младиот и талентиран пејач кој ја претставува Македонија и во  оваа сезона на „Ѕвездите на Гранд“. Има огромен број на фанови, а бројните позитивни коментари веќе ги добива од докажани имиња во професијата.

Неговото специфично име, прекрасниот глас, доброто воспитување, одличниот избор на песни, се само дел од причините зошто Мартинијан се издвојува од толпата млади пејачи. Со самото тоа, заслужено го добива местото во рубриката каде КУРИР со гордост и чест ги промовира младите таленти.

По секој твој успешен настап на регионалните талент шоуа, гордост е да се слушне дека си претставник на Република Македонија. Колку е задоволство, а колку терет, освен себеси да претставуваш цела земја?

-Терет секако не е, не може така да се каже. Секако дека чувствувам огромна одговорност, но уште поголемо е задоволството да ја претставуваш својата родна земја, чест е да си нејзино чедо и на еден ваков посебен начин да се одолжуваш, вели пејачот.

Извонредно си талентиран во секој жанр, а посебно се радуваме кога пееш македонски песни. Кој ти помага во изборот со какви песни ќе се претставиш во „Ѕвездите на Гранд“ и за која изведба доби најмногу пофалби досега?

-Ви благодарам за комплиментот, а што се однесува до изборот на песните со кои се претставувам во „Ѕвездите на Гранд“ е мој. Сакам да пеам песни од секој жанр, а најмногу пофалби добив за изведбите на песните од Жељко Јоксимовиќ -„Није љубав ствар“, Сергеј Четковиќ – „Погледи у тами“, Тоше Проески – „Тајно моја“ и други, истакна Мартинијан за КУРИР.

Јелена Карлеуша важи за една од најстрогите во жирито, а ти токму неа ја избра за ментор. Таа никогаш не штедеше комплименти за тебе. Што очекуваш од оваа соработка?

-Пред се`, заеднички да ги исполниме своите очекувања. Од Јелена секако многу може да се научи, и како човек и како голем шоумен и уметник. Се надевам на една плодна и успешна соработка која ќе вроди со плод и ќе ме одведе до финалето, вели тој.

„Речиси никогаш не давам глас ако не сакам да бидам ментор. Многу си сладок и имаш убава насмевка и за да бидеш ѕвезда мора да те сакаат жени. Знам дека имаш една специфичност и дека пелтачиш, а мене тоа ми е секси. Ти во ова музичко натпреварување ќе се победиш самиот себе, а јас ќе те научам како да бидеш најдобра верзија од себе и како се станува голема ѕвезда“ изјави Јелена за Мартинијан.

Освен со настапи на Гранд, работиш и на својата кариера во Македонија со свои песни и кавер верзии. Кои се твоите идни планови, со што ќе ја збогатиш македонската музичка сцена?

-Секако по завршувањето на Ѕвездите на Гранд планирам нови песни со видео записи кои се надевам ќе ја обележат уште повеќе мојата музичка кариера и дека ќе ја освојам македонската и балканската публика на мој начин. За скоро време очекувајте и нови кавери, отктива Мартинијан.

Кога некој Македонец талентиран како тебе, ќе излезе на пазарот во регионот, често се прашуваме дали ќе снима само српски песни или ќе креира и македонски производи. Можеш ли да ни ветиш дека ќе работиш на збогатување на македонската музичка сцена, каков и да е твојот пласман во „Ѕвездите на Гранд“?

-Во зависност од исходот на „Ѕвездите на Гранд“ и потребите, ќе настојувам да создавам нови песни на македонски и српски јазик. Секогаш сум се залагал со љубов и задоволство за збогатување на македонската музичка сцена и така и ќе остане. Ви благодарам на сите од срце, порача Мартинијан за КУРИР.

Најнови вести