понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Млади таленти

Со ова момче наскоро ќе се гордееме сите: Антонио Мирков е голема надеж за македонскиот фудбал

Со ова момче наскоро ќе се гордееме сите: Антонио Мирков е голема надеж за македонскиот фудбал

КУРИР неколку години, секогаш со задоволство промовира Македонци на кои треба да сме горди. Од денес официјално ја започнуваме рубриката „Млади таленти“ во која ќе ги промовираме успесите и талентите на нашите млади спортисти, пејачи, актери, манекени, музичари….

Започнуваме со момчето чие име е добро да се запомни бидејќи истото ветува големи успеси во македонскиот спорт.

Нема наполнето ниту 15 години, а веќе наголемо трча кон својот замислен пат до успехот. Младиот Антонио Мирков е голема надеж дека македонскиот фудбал ќе има иднина.

Негова цел е да настапува промовирајќи го македонското знаме, а тоа одлично го прави уште денес како дел од големиот македонски бренд Вардар.

Кога сфати дека она со што сакаш да се бавиш е фудбалот и кој ти беше најголема поддршка во таа твоја одлука?

-Кариера на дете спортист ја почнав со пливање на 5-годишна возраст. Како што растев, сфатив дека во фудбалот се пронаоѓам, па веќе на 7-годишна возраст бев запишан во фудбалската школа „Форца“. Најголема поддршка уште од првиот ден ја имам од татко ми, кој е мој верен навивач и критичар на сите натпревари, вели Антонио за КУРИР.

Какво е твоето искуство од фудбалската школа и што е она кое таму го научи?

-Јовче Џипунов е тренерот кој ме калемеше како играч цели 6 години. Знае да препознае талент и да му ја пренесе целата фудбалска техника. Покрај големото име на Џипунов, со него се Гоце Петрески и Синиша Лучиќ тренери, педагози и другари на децата, па лесно е со добри тренери да се добие добар фудбалер, а треба да вложиш трпение, дициплина и љубов да се даде, вели младиот фудбалер за КУРИР.

Денес си дел од најголемиот македонски бренд Вардар, најмлад во тимот, но меѓу најуспешните. Какви се твоите желби и успеси, дали токму овде го исполнуваш својот сон?

-Веќе мојот сон почнува да се остварува, го носам црвено-црниот дрес. Во секој натпревар треба да се даде максимумот без разлика дали е првенствен, куп или пријателски. Со самото тоа што го претставувам фудбалскиот клуб Вардар е голема одговорност, нема простор да кажеш „Ех денес не ми се игра” излегуваш на терен и играш од срце, а тоа носи победи. Пред се благодарен сум на тренерот Томче Трајановски кој ми овозможи да се вметнам во тимот каде минатата сезона ја освоивме двојната круна. Оваа сезона настапувам за 2 генерации, помлади пионери и петлиња родени 2003-та година. Тренирам со двајца различни тренери ама исто и двајцата сакаат само победа на теренот. Тоа се тренерите Сашо Тодороски и Горан Петрески и со двата тима сме есенски прваци, а исто така и полуфиналисти во купот на Македонија. Изминатава недела бевме на турнир во Република Бугарија каде што освоивме злато и самото тоа кажува каква е школата на Вардар, истакнува Мирков.

Ретко сретнувам дете со вака голема желба за фудбал. Повеќето сега се заинтересирани за ракометот и кошарката особено по успесите на нашите репрезентации. Веруваш ли дека Македонија ќе добие и млади звучни имиња во твојот спорт? Каква е состојбата со македонскиот фудбал во моментов?

-Благодарам, се трудам и мислам дека трудот наградува. Да, точно е дека ракометот и кошарката се популарни, но сепак во фудбалот повеќе се пронаоѓам, па веќе и Македонија има дадено неколку фудбалери кои играат во големи клубови. Пандев-Џенова, Несторовски-Палермо, Алиоски-Лидс, Барди-Леванте, како и младиот Елмас во Фенербахче. Веќе во последниве години состојбата во македонскиот фудбалот се подобрува, меѓу кои е и успехот на младата репрезентација до 21 година која се пласираше на Европско првенство, вели Антонио.

Кои фудбалери се твои идоли?

-Мој најголем идол е Роналдињо, поради него почнав да играм фудбал и тој е причината поради која го сакам фудбалот уште повеќе, рече тој.

Му посакавме многу успеси на кои ќе биде горда Македонија и да биде дел од репрезентацијата за неколку години. Со ваква борбеност и упорност достоинствено да го вее македонското знаме по дадени многу голови. Ја дели со нас желбата еден ден да добие повик да игра за македонската репрезентација.

На последното прашање ова младо момче уште еднаш докажа за кого го остава срцето на терен. Го прашавме „во кој клуб ширум светот би сакал да напредува во кариерата“. Очекувавме одговор Милан, Барселона, Јувентус, Реал….

Но, на Антонио најголемата желба му е да игра за Вардар. Вели дека тоа е тимот кој ги нуди најубавите услови за тренинг и каде учиш од најдобрите. За понатаму, патот нека го води кон големи успеси!

 

 

Најнови вести