На 19.09.2022 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во координација и заедничка акција со полициски службеници од СВР Битола, ОКП-ОНТД го лишија од слобода С.Ф.(48) од Битола.
Имено, по обезбедени судски наредби од Судија на претходна постапка од Основен суд Битола, извршен е претрес на две локации кај С.Ф., при што биле пронајдени и одземени: еден револвер, пушка „Ремингтон“, три противавионски куршуми различен калибар и 35 куршуми различен калибар за кои тој не поседувал соодветна дозвола. Исто така, при претресот биле пронајдени и одземени една воздушна пушка, три ловни карабини, еден пиштол „Валтер“ 7.65мм, една малокалибарска пушка, една ловна пушка „Бајкал“ и една ловна пушка „Цифсан“, за кои поседувал дозвола на негово име, како и една ловна пушка „Бреда“ со дозвола на име на неговиот син В.Ф.. Пронајдени и одземени се вкупно 864 куршуми различен калибар, што е незаконски и спротивно на одредбите од Законот за оружје, според кој лицето може да поседува и чува во својот дом само 200 куршуми.
Претрес е извршен и во викенд куќата на С.Ф. во битолско, при што биле пронајдени и одземени дополнителни 85 куршуми различен калибар.
Во консултација со Јавен обвинител од ОЈО Битола за незаконско пронајдената муниција и оружје за кои С.Ф. не поседувал дозвола ќе биде поднесена кривична пријава по член 396 од Кривичниот законик, а за ловното оружје, пиштолот и пронајдената муниција спротивно на одредбите од Законот за оружје, ќе се спроведе управна постапка пред надлежните органи на СВР Битола.