Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд поднесе предлози за издавање казнени налози против девет лица, осум кои не ја почитувале Одлуката за задолжителен државен карантин, а едно за движење во полициски час, соопштија од ОЈО Струга.
– Тие со хуманитарни летови организирани од Владата се вратиле во земјава, по што биле сместени во задолжителен државен карантин во хотелот „Дрим“. Но, на 8 април, полициски службеници ги затекнале надвор од нивните соби. Кога им било наредено да се вратат во собите, тие продолжиле да се движат низ ходникот на хотелот. Надлежен јавен обвинител предложи на секое од овие лица да му биде изречена парична казна од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде определена на 30 евра во денарска противвредност, се вели во образложениот на обвинителството.
Деветото лице за кое струшкото обвинителство поднесе предлог за издавање казнен налог не ја почитувало Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Македонија, па за време на полицискиот час на 31 март тој бил затекнат надвор од неговиот дом. Основното јавно обвинителство Струга за ова лице предложи парична казна од 100 дневни глоби, секоја во износ од по 20 евра во денарска противвредност.