Повторно е оштетена кровната конструкција во манастирот во Матејче, соопшти денеска СВР Куманово. Претходно, алармираа и граѓани кои укажаа дека е извадено оловото на покривот од манастирот.
– Вчера во 10.45 часот во СВР Куманово било пријавено дека во црква во село Матејче било извршено оштетување на кровната конструкција и биле одземени предмети. Екипа од СВР Куманово извршила увид на место на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот-соопшти полицијата.
И од кумановско-осоговската епархија информираа дека манастирот Успение на Пресвета Богородица во село Матејче, подолго време е цел на вандализам и кражби.
– Во изминатите денови, целосно е откриен и украден оловниот кров, со што храмот, целосно е препуштен на надворешните атмосферски влијанија, истиот е во опасност да биде неповратно уништен. Манастирот Успение на Пресвета Богородица во село Матејче е прогласен за споменик на културата во опасност, и потребна е итна интервенција од страна на стручните служби во Министерството за култура-наведуваат во соопштението од кумановско-осговската епархија.
Оттаму потврдуваат дека случајот е пријавен до МВР и побараа заедничка координирана акција за заштиа на манатирот од налдежните институции.
– За да се спречи понатамошното уништување и повторно да се врати сјајот на овој манастир во состојба како што беше пред 2001 година, Македонската Православна Црква – Кумановско-осоговската епархија поднесе пријава за извршена кражба до Министерството за внатрешни работи, и барање за итно интервенирање до Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Националниот конзерваторски центар. Во координација со сите институции во државата кои имаат ингеренции за спроведување на законите и владеење на правото, се надеваме дека ќе успееме да го зачуваме Манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матејче од негово неповратно уништување-пишуваат од Кумановско-осоговската епархија.
Лани, во рамки на годишната програма на годишната програма за финансирање на проекти од областа на заштитата на недвижното наследство за 2021 година, на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар, Министерството за култура одобри проект за заштитни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата во Матејче во износ од 1.000.000 денари. Во текот на 2020 година на барање на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар беа одобрени 300.000 денари за реализација на ургентни превентивни интервенции на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Матејче кои беа спроведени во првата половина на месец ноември и опфатија корективни мерки на оштетените и одвоени елементи од кровниот покривач од црквата и третман на споевите со ѕидните површини, како и затворање на оштетените стакла кај транзените на црквата.
Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.
Кумановци со голем интерес ја следат секоја најава на надлежните институции за заштита на манастирот во Матејче. Активисти од градот, со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година, по воениот конфликт 2001. Претходно, комплексот во кој имаше и детско одморалиште сместено во прекрасната природа во општина Липково, беше омилено место за рекреација на учениците и граѓаните од Куманово.