Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 23.03.2019 година од маркет во населбата Хиподром на дрзок начин одзел парични средства во вкупен износ од 18.000 денари со намера противправно да ги присвои. Тој најпрвин влегол во маркетот, од фрижидерот зел шише сок и се упатил кон касата за наводно да плати.
Притоа видел дека касата е подотворена, го искористил моментот на невнимание на сопственичката на маркетот и од касата ги одзел парите. Кога оштетената го забележала, тој ја оттурнал и веднаш го напуштил местото.
Ценејќи дека и натаму постојат законските основи заради кои на лицето првично му беше определена мерка притвор, а кои се однесуваат пред се на опасноста тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на притворот.