Три сообраќајни несреќи се случија викендов во Тиквешко во кои беа повредени четири лица. Од нив, две се малолетни.
Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски информира дека вчера се случиле две сообраќајни незгоди и една во саботата.
– Вчера околу 15 часот на автопатот Неготино – Велес на околу 500 метри пред наплатната станица „Градско“, патнички автомобил „БМВ Х4“ со скопски таблички управуван од Г.Г. (74) изгубил контрола над возилото и слетал од коловозот, при што со повреди се здобиле возачот и сопатничката. Тие со возило на Брза помош се пренесени во Општата болница Велес каде се констатирани телесни повреди, изјави Додевски.
Истиот ден, во 20 часот на магистралниот пат Градско-Прилеп се случила сообраќајна незгода во која се повредени две малолетни деца. Несреќата се случила меѓу автомобил „хундаи“ со регистарски таблички од Струга, управуван од Д.Д. (61) и трактор марка „ИМТ“ со кавадаречки таблички, управуван од Р.Р. (36) од Росоман. Со телесни повреди се здобиле дванаесетгодишно и петнаесетгодишно дете кои биле во тракторот. Тие се пренесени во Општата болница во Кавадарци.
Третата несреќа се случила во саботата околу 15:30 часот во Неготино на улицата „Фемо Кулаков“ кога патнички автомобил „мерцедес“ управуван од М.Р.(26), удрил во дрвен столб од електрична мрежа при што бил повреден сопатникот Б.Л.(26) на кого му е укажана медицинска помош во Општата болница во Неготино.