Овој четврток, во 20 часот оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот „Бојата на басот“ на кој како солист на контрабас ќе настапи Ѓорѓи Цинциевски, а диригент е Сашо Татарчевски. На програмата се дела од Стравински, Рота и од македонската композиторка Дарија Андовска.
Композицијата „FairVent“ – за гудачки оркестар, перкусии и фиксен медиум, од македонската композиторка Дарија Андовска, е напишана како нарачка за проектот „B Matinee“ на „No Borders Orchestra“ во кој свират најдобрите музичари од Балканот. Посветена му е на овој оркестар и на Премил Петровиќ, диригент и уметнички раководител на овој оркестар, кој живее и работи во Берлин.
„Звучно, оваа комбинација е многу блиска со англискиот збор Fervent, кој означувапоседување или покажување страстен интензитет. Архитектониката и драматургијата на композицијата се поврзани со првенствена хаотичност која преоѓа во катарза и чувство за еднаквост со светот и со универзумот (или Бог) – јас сум сите и сите се јас, јас сум сѐ и сѐ е јас. Едно“, вели композиторката Дарија Андовска.
Дарија Андовска (1979) е композиторка на оркестарска, камерна, солистичка, вокална музика, музика за филм, театар и танц, како и на мултимедијални проекти. Нејзините дела се изведувани на бројни домашни и светски фестивали, почнувајќи од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Белгија, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД, а наградувана е како една од најзначајните композитори од помладата генерација во Европа и од Балканот.
Игор Стравински е руски композитор кој со својата музика засекогаш го измени звучниот пејзаж во 20 век. Тој е клучна фигура во музиката на 20 век, еден од најоригиналните творци во историјата на музиката, најмодерниот модернист, како што го нарекуваат историчарите. Соработувал со Пикасо, бил инспирација за низа композитори од Булез до Тавенер.„Жар птица“ е ултимативна руска бајка во која излегува на површина специфичниот композиторски дух на овој руски автор. Во „Жар птица“ Стравински е бруталист во начинот на кој ја третира музичката структура. Станува збор за возбудливо дело во кое се преточени неговиот автентичен стил типичен за периодот во кој е создадено.
Нино Рота (1911 – 1979) е италијански композитор, познат, пред сѐ, по својата музика за филм. Студирал на Универзитетот во Милано, а потоа продолжил да се усовршува и на институтот „Кртис“ во Филаделфија.Се смета за еден од најзначајните композитори во италијанската кинематографија за која напишал неверојатни 157 филмски партитури, меѓу кои и музиката за првите два дела на „Кум“ на Копола, „Долче Вита“ на Фелини…Покрај на филмска музика, автор е и на 12 опери, неколку балети, симфонии, камерна музика и вокални дела. Неговиот музички стил се одликува со лиризам, изграден на цврст хармонски јазик и специфичен ритмички и мелодиски идиом.
Во 1967 година познатиот италијански контрабасист, професор и диригент Франко Петраки го замолил Рота да напише дело за контрабас и пијано. Иако Дивертименто кончертанте е познат по своите четири става, Рота започнал да го развива како марш. Тоа е првиот дел кој го напишал за Петраки, со кого заедно работеле како професори на Конзерваториумот во Бари. Дивертименто кончертанте ја одразува совршената моќ на Рота за оркестрација, изобилува со богати бои и текстура, со контраст и предизвик за контрабасот, но и за музичарите во оркестарот. Музиката е во исто време возбудлива и предизвикувачка, и во него Рота ги тестира сите перформанси на контрабасот.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде завршува основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.
Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и е диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.
Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонската музика, Есенски музички свечености и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Турција, Австрија, Романија, Полска и Русија. Татарчевски е редовен член на неколку жирија на интернационални хорски натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.
Ѓорѓи Цинциевски ги завршува студиите во Државното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, во класата на професорот Благој Маротов. Во 2000 г. тој ги продолжува студиите на престижната висока музичка школа – Royal Northern College of Music, во Манчестер, Велика Британија, со што се стекнува со диплома за завршени додипломски и постдипломски студии со одличен успех, во класата на професорот Јиржи Худец. По добивањето на најпрестижната солистичка диплома (Distinction in Professional Performance) што ја нуди оваа институција, диплома што ја добиле само шест контрабасисти во историјата на отворањето на овој колеџ, добива покана и станува асистент-професор по контрабас. Соработувал со водечки светски музичари како Валериј Гергиев, Бернард Хајтинк, Курт Мазур, Фабио Луизи, Брајан Шембри, Јутака Садо, Пласидо Доминго, Ана Нетребко, Пјер-Анри Ксуреб, Дејан Богдановиќ, Николај Знајдер, Лоренс Рене, Вејн Маршал, Миша Мајски… Настапувал со некои од светски познатите оркестри како BBC Philharmonic, Hallѐ Orchestra, Malmo Symphony Orchestra, Vienna Radio Symphony Orchestra, London Mozart Players, Liepaja Symphony Orchestra, Manchester Camerata, Opera North, Northern Symphony Orchestra и други.
Учествувал на повеќе престижни фестивали низ целиот свет. И покрај своите работни обврски како водач на секцијата за контрабас во Малтешката филхармонија, Цинциевски е активен солист и продолжува со образовната дејност; тој има одржано многубројни семинари, работилници и предавања во Велика Британија, Кина, Германија, Тајланд, Латвија, Куба, Сицилија, Полска и Малта. Тој воедно е уметнички директор на Интернационалниот натпревар за контрабас што се одржува во Малта секој септември, а од 2014 г. станува и заштитен уметник, солист – претставник на „Pirastro Strings“. Неговите соло изведби се препознатливи по прецизните технички способности, како и по индивидиуалниот музички израз и експресивност. Неговата транскрипција на ,,Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах за гудачко трио на виолина, виола и контрабас е прогласена како прва и единствена во светот наменета за овие инструменти, и ја има добиено наградата за најдобра транскрипција на најпрестижното европско биенале за контрабас (Double bass European Bienale) во Холандија, во 2014 година.