недела, 5. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Музика на Прајснер од филмовите на Кишловски во изведба на Филхармонија

Музика на Прајснер од филмовите на Кишловски во изведба на Филхармонија

Музика на Збигњев Прајснер, напишана за филмовите на режисерот Кшиштоф Кишловски, вечер, од 20 часот, ќе биде изведена од оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Николас Чалмерс од Англија.

– На програмата се: „Лакримоса“ од „Реквием за мојот пријател“, селекција на филмска музика од филмовите: „Декалог“, „Тајната градина“, „Двојниот живот на Вероника“, „Трибои: сино, бело и црвено“. Како солистка ќе ја чуеме Филипа Бојл од Англија, а ќе настапи и хорот “Про Арс”, информираат од Филхармонија.

Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика и еден од најзначајните во неговата генерација. Прајснер соработуваше со познатиот полски режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава. Токму за неговиот близок пријател и соработник Кишловски го пишува првото поголемо дело – „Реквием за мојот пријател“ што го издава во 1998 година за „Ворнер класикс“. Истата година делото ја доживува и својата светска премиера во Варшава. Делото е издадено и на цеде и на винил од издавачката куќа „Сони Поланд“. „Реквиемот“ е напишан во девет ставови.

Николас Чалмерс е уметнички директор на „Невил Холт Опера“ од основањето на фестивалот во 2013 година. Под негово раководство, во рамките на фестивалот се изведени седум нови опери и пет обнови на постари продукции… Со оркестарот на „Невил Холт Опера“ ги диригирал „Волшебната флејта“, „Боеми“, „Вртење на шрафот“, „Кармен“, „Риголето“, „Љубовен напиток“, „Тоска“, „Така прават сите“ и други. Чалмерс работи со водечките оркестри и хорови во Велика Британија, меѓу кои со „The BBC Singers“, Симфонискиот оркестар на Бирмингем, Англискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар „Бритн“.

Филипа Бојл е една од најактивните вокалистки на сцената во Велика Британија, каде важи за етаблиран изведувач на германскиот репертоар. Нејзините најнови изведби ја вклучуваат Елеонора во „Моќта на судбината“ и главната улога на Јенуфа во истоимената опера на Јаначек, Виолета во Вердиевата „Травијата“ на оперските сцени во Британија. Освен што активно настапува како солистка во оперски продукции, Филипа Бојл е активнa и како концертен музичар.

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран 2011 година од диригентот Сашо Татарчевски, по повеќегодишно дејствување во сферата на хорската уметност и анализа која укажа на недостаток од еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во државата. Од 2018 година хорот е редовен гостин на концертите со вокално- инструментална музика на Филхармонијата на РС Македонија, настапувајќи не само со маестро Татарчевски туку и со диригенти како: Густав Кун, Емил Табаков, Габриел Бебешелеа, Лубнан Балбаки.