недела, 10. декември 2023. Вести денес: 0
home Култура

„Да танцуваме!“ – симфониски концерт на Филхармонијата

„Да танцуваме!“ – симфониски концерт на Филхармонијата

„Да танцуваме!“ е насловен вечерашниот симфониски концерт на Филхармонијата, на кој под водство на романскиот диригент Габриел Бебешелеа оркестарот ќе ги изведе „Словенски танци“ оп. 46 од Антонин Дворжак и „Симфониски танци“ оп. 45 од Сергеј Рахмањинов.

Најголемата популарност чешкиот композитор Дворжак  ја стекнал токму со своите прочуени серии од осум „Словенски танци“ кои најпрвин ги напишал како сет за пијано дуо, на барање на германскиот музички издавач Фриц Симрок.

-Идејата всушност ја иницирал Брамс како еден од најголемите поддржувачи на Дворжак. „Симфониски танци“, пак, на еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов, опишани како длабоко емоционални и сентиментални, се сметаат за едно од најубавите оркестарски дела, информира Филхармонијата за програмата на вечерашниот концерт.

Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока.  На 30-годишна возраст бил вброен меѓу најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Бебешелеа работи со млади музички уметници. Од 2011 година  е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Живее во Виена, каде што ги завршил постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.