Филмот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кој од средата се прикажува во стотина француски кино сали, предизвикува големо внимание кај француската филмска публика и критика, јави дописникот на МИА.
– „Атиџе е извонредна жена чии гестови на предците се последни на оваа планета. По должината на острите карпи во раскошните планини на Северна Македонија, Атиџе одгледува пчели. Со голи раце, пријателка на пчеларниците на кои им го остава својот дел од медот, задоволувајќи се со земање на половина од тоа, што таа ќе го продаде во градот за да преживее. Атиџе живее во трошна куќа без вода и струја со нејзината мајка која веќе не може да ја гледа и едвај се движи, но води мирна и среќна егзистенција“, го резимира филмот најтиражниот француски регионален весник „Уест Франс“.
За „Франс Инфо“, „Медена земја“ повеќенаградуван документарен филм, е химна на традиционалното земјоделство.- Филмот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е особено трогателен со неговата фотографија која ја доловува убавината и неизмерноста на македонската земја. Плановите честопати се фиксини за да им се даде време на гледачите да се восхитуваат, а дијалозите – на стар локален турски дијалект – се малубројни. Кога ќе излезете од кино салата, да убавината на природата остане во вашата глава, а зуењето на пчелите во ушите.“
Има уште многу позитивни и опширни осврти на филмот, во париските национални весници „Ле Монд“, „Фигаро“, „Либерасион“ итн.
Реткост е македонски филм да се најде на редовниот репертоар на француските кино сали и да има толку позитивна критика. По „Господ постои името и е Петрунија“ на Теона Митевска, сега беше ред да се прикажува и филмот на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска „Медена земја“.
При проекцијата на филмот во Стразбур и Нанси беа организирани дебати. Во Стразбур во киното Стар, дебатата беше организирана од здружението Асапистра (пчеларско здружение во Стразбур) во партнерство со здружението Алма (Алзас-Северна Македонија), што даде повод за богата размена со публиката.
– Го знаевме филмот „Човекот кој шепоти во увото на коњите“. Атиџе Муратова разговара и пее со пчелите. Главниот лик на документарниот филм „Медена Земја“ го зема само медот неопходен за нејзините потреби и секогаш се грижи да остави половина од тоа за нејзините штитеници затоа што знае дека пчелите зависат од нејзината егзистенција и од нејзината болна мајка. Надвор од убавината на сликите и привлечната личност на хероината, ова е лекцијата што публиката ја зема од документарецот. Човекот и припаѓа на природата и не ја предизвикуваме неказнети, пишува новинарот на Дерниер нувел д’Алзас кој ја следеше дебатата.
За време на дебатата, Мишел Лиештел, потпретседател на „Асапистра“, зборуваше за „хиперпродукцијата и профитот на штета на богатството на живите суштества“. Тони Гламчевски, претседател на меѓународниот филмски фестивал во Нанси, како одговор на прашање на еден гледач појасни дека Атиџе ја игра својата улога, и сè уште живее во нејзиното село Бекирлија на високите масиви на Северна Македонија и дека се уште комуницира со своите пчели. Нејзината мајка почина за време на снимањето на документарниот филм, кој траеше три години и произведе 400 часа на снимки.
– Жак Шлeф, претседател на Алма, го стави во прв план создавањето на „пат за вино и мед“ со европски фондови. Пристап одобрен од Јадранка Чаушевска Димов, амбасадор на Северна Македонија во Франција и почесен гостин на вечерта. -Главниот град Скопје е на само два часа лет од Алзас, рече Жак Шлиф, кој сака да се развие туризмот. На крај, тој забележа многу заеднички точки меѓу Македонија и Алзас, завршува весникот ДНА.
Амбасадорката на Република Северна Македонија Јадранка Чаушевска Димов, за МИА истакна дека филмот „никого не остави рамнодушен“,
– Филмот Медена земја плени со својата вистинитост и својата едноставност. Верувам дека ќе ги освои срцата на сите Французи. Му посакувам успех на филмот и мислам дека е добар амбасадор, одличен амбасадор кој во наредниве месеци ќе ја претставува земјава во Франција.
На големиот екран уште повеќе е видлив хуманиот карактер и прекрасната личност на Атиџе, забележува Мишел Лиештел, вицепретседателот на здружението на пчеларите „Асапистра“ во изјавата за МИА:
– Тоа е прадедовско пчеларство со знаења кои се во извесен дел емпириски и поврзани со големото набљудување и почит на животот. Филмот покажува дека ова пчеластрво за жал не може да се практикува кај нас, но се надевам дека може да преживее.
Претседателот на „Асапистра“ Никола Харди додаде дека тоа е филм кој зборува за луѓе кои се во една земја која не е многу далеку и која не ја познаваме, и не остава рамнодушни.
– Прекрасен момент со многу емоции и задоволство повторно да ја откриеме автентичната Македонија, која што ја познавам и на моменти ја живеев, со задоволство констатира Жак Шлеф, претседател на здружението Алзас-Македонија.
Зоран Барбутов вршител на должноста на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа, кој учествуваше во дебатата организирана во Нанси, заедно со дописникот на МИА и МРТ, Тони Гламчевски нагласија дека претставувањето на Медена земја е значајно за културната презентација, но и за можноста француската публика да се запознае со природните убавини на земјата и со мотивите кои се презентирани со филмот.
Филмот „Медена земја“, кој публиката во Нанси имаше можност да го види уште пред една година на премиерно прикажување во Франција на МФФ во Нанси, има две проекции дневно во киното „Камео“, како уште во стотина други кино сали во Франција.