„Златните раце на Фре“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата на кој солист ќе биде францускиот пијанист Давид Фре, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Фредерик Шопен и Втората симфонија од Роберт Шуман. Концертот се реализира со поддршка на Францускиот институт-Скопје.
Критиката за Давид Фре пишува дека е „совршен пример за музичар кој размислува“. Францускиот пијанист е познат и по инспиративните изведби на музиката на Бах и Булез. Постојано е активен на светската музичка сцена како солист, рецитален и камерен пијанист. Соработувал со водечки светски оркестри и диригенти како Марин Oлсоп, Семјуел Бучков, Андреј Борејко, Даниел Гати, Пааво Јарви, Рикардо Мути, Еса-Пека Салонен…
– Давид Фре е препознатлив и уникатен пијанист, а пред македонската публика ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Фредерик Шопен …Овој концерт од Шопен ја интегрира сета романтичност присутна во целокупниот опус на овој полски композитор, соопшти Филхармонијата.
На концертот ќе прозвучи и Втората симфонија од Роберт Шуман, која ја создал помеѓу 1845 и 1846 година. Интелектуален предизвик му бил Баховиот контрапукт, во исто време правејќи омаж на Бах и Бетовен во оваа симфонија.
-Во оваа симфонија се рефлектира и неговата криза во личниот живот. Тогаш почнал да ги чувствува реакциите од инфекцијата со сифилис која подоцна ќе го убие. И самиот напишал дека оваа болест – проблемите со слушање, депресијата, вртоглавицата, ревматизмот се навлезени длабоко во есенцијата на ова симфониско дело, наведува Филхармонијата.
Концертот „Златните раце на Фре“ ќе го води Конрад ван Алфен, уметнички директор и шеф- диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Критиката за него вели дека е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите, и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Во моментов тој е уметнички директор на Московското филхармониско здружение и редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.