Националната галерија на Република Северна Македонија денеска во објектот Чифте амам организира изложба на проектот „Креативен код“.
Во рамки на својата Годишна програма, едукативното одделение на Националната галерија со години наназад организира голем број едукативни проекти посветени на ранливите категории. Проектите, како што наведуваат, имаат за цел социјализација на лицата со хендикеп и подигнување на јавната свест. Ваквите креативни работилници преку моделот на социјална инклузија развиваат чувство на прифаќање, толеранција и почит кон различностите, а низ кретивност и дружба создаваат уметност.
Во проектот „Креативен код“ учествуваа децата од Државен училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“ заедно со учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, паралелката по меѓународна матура и студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн.
Од Националната галерија информираат дека темата на проектот беше шума. Низ работилниците креативците најнапред изработија скици на зададената тема. Готовите скици на „волшебната шума“ добија тродимензионална форма на скулптури со поддршка на студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн. Современата опрема и технологија која ја поседуваат студентите на Машинскиот факултет ја ставија на располагање, ги испринтаа дрвцата со 3Д-принтери во просториите на факултетот. На крајот од циклусот, во просториите на Европската куќа во Скопје, со поддршка на Европската делегација „волшебната шума“ го доби својот колорит.
На отворање на изложбата ќе има инклузивен музичко-визуелен перформанс кој ќе го создадат инструменталистите од Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, учениците од насоката за Традиционална музика и игра од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, перкусионистот и визуелен уметник Влатко Митев и децата од Државениот училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“. Присутните ќе ги поздрави директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими и Маја Димитрова, едукатор во едукативното одделение.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и Националната галерија.