петок, 5. јануари 2024. Вести денес: 0
home Култура

Изложба на германскиот уметник Марко Кројач во „Јадро“

Изложба на германскиот уметник Марко Кројач во „Јадро“

Во Културно-социјалниот простор „Јадро“ вечерва ќе биде отворена самостојната изложба на германскиот уметник Марко Кројач.

Поставката се состои од три сегменти – експериментални платна печатени со сито импровизација, со фокус на „Меморијален Комплекс на Паднатите Борци на Револуцијата – Штип“, албум со налепници – дериват на изданието „Споменици револуције“ од 1978 година, односно извадок од истата за сегментот кој се однесува на Македонија. Оригиналните налепници се заменети со нови фотографии направени во периодот од 2011 до 2022 година.

Третиот дел се споменици на револуцијата или фотографии работени во сито печат. Делата го овековечуваат и критички го рефлектираат споменичното богатство во земјата и регионот, посветено на храбрите животи положени во борбата против фашизмот.

Изложбата ќе биде отворена до 11 јули.

Марко Кројач, чие вистинско име е Марк Шнајдер живее и работи во Берлин како слободен уметник, активист, музичар, диџеј и хроничар. Дел е од мултимедијалниот колектив „Центрифуга“ од Берлин, каде активно музицира и работи со сито печат. Изложувал во Токио, Женева, Белград, Берлин, Париз и многу други градови во светот како самостоен уметник – фотограф. Повеќе од 20 години се занимава со истражување, фото хроника и архивирање на спомениците од НОБ изградени на територијата на поранешна Југославија. Досега има богата архива од фотографии на околу 700 споменици. Некои од нив повеќе не постојат.

Во 2017 година, Кројач беше дел од мултимедијалниот проект „Костурница Велес“. Во 2018 година, неговата патувачка изложба „Споменици на револуцијата“ беше поставена во Кочани, Штип, Прилеп, Битола, Струга и Крушево. Во 2019 година беше еден од учесниците на уметничката резиденција во Папрадиште.