понеделник, 4. декември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Изложба за 500 години од смртта на Леонардо да Винчи во Музеј на Град Скопје

Изложба за 500 години од смртта на Леонардо да Винчи во Музеј на Град Скопје

„Во слава на Леонардо“ е насловена изложбата по повод 500 години од смртта на Леонардо да Винчи, која ја организира Асоцијацијата за култура ИКОН и ќе биде отворена денеска во Музеј на Град Скопје.

Ќе бидат претставени дела од 12 уметници инспирирани од сликарското творештво на Да Винчи – Владимир Георгиевски, Павле Кузмановски, Доне Милјановски, Атанас Ботев, Росица Лазеска, Костадин Качев, Дијана Томиќ-Радевска, Александар Ацо Станковски, Илија Спасовски Чендо, Денис Тенев, Новица Трајковски и Бернхард Холеман.

Од ИКОН посочуваат дека се придружуваат во светското одбележување половина милениум од смртта на, како што велат, бесмртниот ликовен и интелектуален маг на италијанската ренесанса, чиј дух и дело се светско културно наследство.

– Раскошен дух и денес архетип за ренесансна личност во која се остварува големата синтеза на уметноста и науката. Сликар, вајар, архитект, биолог, воен технолог, антиципатор на хеликоптерот и авионот, падобранот и уште редица други нешта кои ќе бидат остварени подоцна и ќе го потврдат неговиот поливалентен гениј. Во ликовната уметност Леонардо е средишна фигура во епохата на ренесансата, нејзин царски печат. Генијален цртач и сликар, пронаоѓач на техниката на сфуматото, која ќе му даде нов тон на сликарството и ќе го помести него во просторот на безвременото, метафизичкото, велат од ИКОН.

Светската изложба по повод 500 години од смртта на Леонардо да Винчи (1452 – 1519) беше отворена во октомври во Париз по повеќе од една деценија подготовки и дипломатски преговори. Во парискиот музеј Лувр, каде што е домот на неговата „Мона Лиза“, изложени се повеќе од 160 слики и цртежи на Да Винчи. За оваа пригода тие се донесени од други музеи во светот и од приватни колекции.