вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Концерт „Фузија“ во Камерната сала на Филхармонија

Концерт „Фузија“ во Камерната сала на Филхармонија

Во Камерната сала на Филхармонија вечерва ќе настапат македонските музичари Стојан Димов (кларинет и саксофон), пијанистите Дино Имери и Маја Поповиќ и саксофонистот Нинослав Димов.

На концертот насловен „Фузија“ ќе бидат изведени дела од Менделсон, Цанев. Шуман, Дудаш, Паскули, Ковач и др.

Стојан Димов завршува основно и средно музичко образование во Велес и Скопје, Македонија. Од 1975 до 1981 бил додипломски и постдипломски студии во Универзитетите во Скопје и Загреб, во класите на проф. Иван Кочаров и проф. Јосип Нохта. Својата втора магистерска диплома ја добива во 1993 година на Универзитетот во Скопје. Од 1980 до 1995 е соло кларинет на македонската Филхармонија, а во исто време е и член на Биг Бенд при МРТ. Од 2002 година е член на групата на Горан Бреговиќ. Преку годините бележи многубројни рецитали, солистички настапи со најпознатите светски оркестри, соработка со најдобрите диригенти, и многу настапи во разни камерни ансамбли. Денес, тој е еден од најактивните македонски музичари со настапи по целиот свет на годишно ниво.

Маја Поповиќ е родена во Скопје, каде и го завршува основното и средното музичко образование во класите на проф. С.А. Чадиковска и проф. М. Писинова. Дипломира во 2003 год. со највисоки оцени на одделот за пијано на ФМУ -Скопје, во класата на проф. Е. Елезовиќ, каде што ги завршува и магистерските студии во 2011 год. Во текот на школувањето активно учествува на мастер класите кај реномирани пијанисти и педагози, како Борис Романов, Јокут Михајловиќ, Арбо Валдма, Жени Захариева, М. Молова. Носител е на повеќе награди – Државен натпревар `95, `96 , Меѓународен натпревар – Софија `97.

Како солист и камерен музичар настапува во Скопје – “Скопско лето”, Битола, Тетово, Штип, Прилеп – “Град на културата ” , “Прилепско лето “, Куманово, Гевгелија – “Гевгелиско лето ” , како и во Ниш, Белград, Софија… Денес Маја Поповиќ работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј ” – Скопје.

Нинослав Димов дипломира во класата на проф. Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје 2004 год., а магистрира 2006 год. По дилпомирањето во Скопје, продолжува со своите студии во Берлин, Германија на Universität der Kunste, во класата на проф. Детлеф Бенсман. Во Берлин 2006 год. успешно ги завршува додипломските студии по саксофон и продолжува со специјализација “Konzertexamen” се до 2009 год. Добитник е на повеќе награди на републички и интернационални натпревари, и редовен учесник на престижни семинари по саксофон во Словенија, Хрватска, Франција, Германија… Покрај многубројните рецитали, бележи и повеќе солистички настапи со Македонската Филхармонија, Косовската Филхармонија, “Lietzeorchester” – Берлин, Германија. Уште од почетокот на неговите студии тој е водач на Саксофон Квартетот “Димов” со кој што настапувал во Дубровник, Сараево, Белград, фестивалите “Скопско Лето”, “Охридско Лето”, итн. Во 2006 год. свири неколку концерти со Berliner Saxophon Quartett, светски реномиран ансамбл од овој вид. Од 2007 год. тој е член и ко-основач на “Bensmann Saxophon Quartett”, со кој што бележи повеќе настапи во Европа, САД и Кина. Од 2017, по долгогодишно лично ангажирање и како идеен творец, во соработка со ДКЦ „Карпош“ –

Скопје, го организира веќе традиционалниот Меѓународен Фестивал по Кларинет и Саксофон “SaxClar” во Скопје, каде има улога на уметнички директор.

Во моментов Нинослав Димов е редовен професор по саксофон на ФМУ- Скопје, член на Биг Бенд оркестарот при МРТ, ЗЏМ Биг Бенд, и саксофонист по потреба на Македонската Филхармонија.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршка Филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен Оркестар на ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен Оркестар на Музичка Младина на Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои и „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж Фестивал“ во Франција, Фестивал Охридско Лето, Скопско Лето, Интерфест – Битола и др. Добитник на голем број награди и признанија, Имери бележи и бројни домашни и мег,ународни дискографски изданија, а од Декември 2018 г. се стекнува со звање Доцент и предава на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје.