По Лудвигсбург, Љубљана и Лондон, најновиот проект со музика од Македонија – „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите ќе биде претставен и на турнеја пред полската публика. Серијата концерти ќе почне во Варшава на 20 мај, Шќеќин на 22 мај, два дена потоа во Гдањск и на 25 мај во Катовице.
Концертот во полската престолнина, кој ќе се одржи во Кралскиот замок, е на иницијатива и со поддршка од Амбасадата на Република Македонија. Со настанот ќе се одбележат и 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Полска. Концертот е и дел од циклусот „100 години независност на Кралскиот замок“, со кој чествува еден век од обновувањето на полската независност.
Во „Македонисимо“, проект на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов, покрај Трпчески настапуваат и Александар Краповски на виолина (кој работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија), на кларинет, саксофон и на кавал настапува Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а на удиралки – Влатко Нушев од оркестарот на Македонската опера и балет. Гостин на полската турнеја ќе биде и кларинетистот Ристо Ѓоревски.
Светската премиера на „Македонисимо” се одржа пред точно една година, на 18 мај 2017, на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија. Во јуни премиерно ќе биде претставен и во Франција, на Пијано фестивалот во Лил.