среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Македонскиот стрип за првпат претставен во Албанија

Македонскиот стрип за првпат претставен во Албанија

Во Националниот историски музеј на Албанија, во Тирана, отворена е изложбата на историски стрип „CAN for Balkans“, дел од истоимениот меѓународен проект во чија организација е вклучен и Стрип центарот на Македонија – Велес.

Покај делата на стрип-авторите од Албанија, Романија и Србија, на групната изложба можат да се видат стрипови и од македонските автори Љупчо Филипов, Илија Јордановски, Миле Топуз, Драган Ташковски, Диме Иванов-Димано, Дарко Богданов и Александар Стеванов, што претставува прва групна презентација на македонскиот стрип пред албанската публика.

Во официјалната програма на изложбата беше одржана дебата во која учествуваше Ване Трајков, извршен директор на Стрип центарот на Македонија – Велес, а промовирана беше и истражувачката студија за историскиот стрип на Балканот, на која еден од авторите е стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип.

Ова е трета изложба надвор од државните граници во последните два месеци, по оние во Брашов, Романија и во Урошевац, Косово, на која е претставен македонскиот стрип.

Изложбата ќе биде поставена во Тирана до 12 декември, по што ќе се пресели во Брисел, Белгија. (МИА)